• Немате производи во кошничката.
Писмо од дијаспората: Леон Ристов // Њујорк | Skala Magazine

ПИСМО ОД ДИЈАСПОРАТА: ЛЕОН РИСТОВ // ЊУЈОРК


ЕДНАШ МЕСЕЧНО ВО САНДАЧЕ НИ ПРИСТИГA „ПИСМО ОД ДИЈАСПОРАТА“. ЦЕЛТА НА ОВАА РУБРИКА Е ДА СЕ ЗАПОЗНАЕМЕ СО МЛАДИТЕ АВТОРИ И СТУДЕНТИ ПО ДИЗАЈН И УМЕТНОСТ КОИ РАБОТАТ ОДНОСНО СТУДИРААТ НАДВОР ОД ДОМАШНAТА АДРЕСА.

ЛЕОН РИСТОВ [ИНСТА] // ФИЛМСКИ РЕЖИСЕР, СТУДЕНТ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ КОЛУМБИЈА // ЊУЈОРК, САД

Здраво Скала, 

Неодамна се преселив во Њујорк каде ја започнав мастер програмата за сценаристи-режисери на Универзитетот Колумбија. Полека се привикнувам на ритамот на градот и стекнувам нови пријателства. Работните денови ми се претежно исполнети со часови, а викендите со проби, снимања или пишување сценарија.




Имам вкупно 9 предавања неделно и секое од нив трае по 3 часа. Неколку предавања се одвиваат на главниот универзитетски кампус, но повеќето од нив се случуваат надвор од него – низ населбите Морнингсајд Хајтс и Менхетенвил. Часот по сценарио и часот по  работа со актери се одвиваат на 12-тиот кат од една огромна црква со неверојатен поглед (види фотка подолу).

Њујорк е полн со прекрасни глетки од овој тип, како и со возбудливи настани. Потребна е добра организација за да се достигне рамнотежата помеѓу студентските одговорности и забавата. Би рекол дека достигнувањето на таков баланс е мојот главен приоритет во моментот.

 
  





За среќа, филмската професија е колаборативна. Па така, со колегите постојано соработуваме при работата на вежбите. Често ги снимаме проектите во своите станови, а дружбата се случува пред зборот „акција“ и после зборот „стоп“. Минатиот викенд режирав три-минутна хорор етида во мојот стан, кој со помош на светло го трансформиравме во доста пострашен простор од неговата вообичаено гостопримлива атмосфера.







Одамна немам режирано хорор филм. Последниот „хорор“ го режирав помеѓу 11 и 14 години, кога за прв пат почнав да создавам кратки филмчиња. Да не беше задача од факултетот, не верувам дека повторно би се нафатил да работам во овој жанр, но она што најмногу ми се допаѓа на Колумбија е тоа што предавањата не се фокусирани на одереден жанр или стил, туку на вештините и методите кои водат до успешни филмски дела. Лесно е да се каже дека поголемиот дел од современите хорор филмови не се многу страшни или оригинални, но тешко е (што би се рекло) „да се седне“ и да се изработи добар хорор филм. Сметам дека искуството со разни жанрови е неопходно за секој автор кој цели да го го збогати својот филмски речник.



Леон Ристов- Њујорк-Скала Магазин-Писмо од дијаспората





Сѐ на сѐ, се чувствувам креативно исполнет и инспириран. Самата програма бара од студентите постојано да создаваат и да експериментираат. Возбуден сум за проектите кои ги развивам и со нетрпение чекам да ги споделам со светот откако ќе бидат готови. Во меѓувреме, се обидувам да уживам во она што светот ми го нуди.




Леон Ристов- Њујорк-Скала Магазин-Писмо од дијаспората



До следно читање, 

Ваш

Леон


Елена е редовна студентка при Универзитетот Американ колеџ [насока: Маркетинг] и студентка на Академија за графички дизајн при „Џолев и уметностите“. Таа е главен пишувачки уредник на Скала магазин.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ