• Немате производи во кошничката.

ПАРКАШИ


РАЗГОВОР СО: Андреј Игњатовски и Петар Марковиќ [Подкаст: Парк шема]
РАЗГОВАРА: Дејан Џолев.

Градскиот парк е градската алтернативна агора. Таму растевме, на тревникот, со тревата. 

Паркот ми е познат уште она време кога „двојник“ на домашен телефон имаше, многу пред 070, едно златно 091 време. Значи, пред милион и кусур години, откога диносаурусите газеа по него, уште пред на месечината цврста кора да закори, пред големиот тресок, пута два, ете толку долго шетам по него. Го знам секое дрво, секоја гранка, сите паднати листови наесен по список ги знам. 

Тоа беа други времиња... 
Ние старите, со бели коси и бради, ние подгрбавените и со болки во колената… Ние паметиме други урбани времиња. Таму сонце не изгреваше, вечна ноќ беше, од фонтаната нектар течеше. Во тоа време девојките најмиризливи беа, а ние момците најсмрдливи бевме. Тие времиња, ние со оштетен слух и вид коишто ги паметиме, а вие младите што ли знаете - ништо не знаете!


ЗА „ПАРК ШЕМА“ И ШЕМАТА ВО ПАРКОТ



ЏОЛЕВ: Како се роди потребата за поткастот?

МАРКОВИЌ: Спонтано во текот на пандемијата како изговор за да се собереме и дружиме.

ИГЊАТОВСКИ: Седевме кај мене на тераса за мојот роденден и го прашав дали сака да водиме поткаст заедно? Темата на музика дојде природно,  затоа што ни е постојана тема на разговор.

ЏОЛЕВ: А името „Парк шема“?

МАРКОВИЌ: Искрено, нема некое големо значење зад изборот на името. Тој период кога се решивме да почнеме поткаст, поголем дел од времето го поминувавме во градскиот парк. Реално, немаше многу опции каде да се седне на пиво .

ИГЊАТОВСКИ: Го одбравме името повеќе како на шега, но на крај си остана на тоа.

ЏОЛЕВ: Паркот едно време беше баш шема за алтернативните друштва, коишто најчесто се категоризираа стереотипно токму по музичката определба. Друштво-металци, друго друштво-рапери, панкери, итн… Всушност,  во оние тинејџерски, средношколски денови, музиката беше повеќе од звук, тоа беше начин на живеење. Дали паркот е сè уште место за алтернативните музички друштва? – ако воошто постои алтернативна музика? И дали сè уште друштвата тенденциозно се делат според музичката идеологија/култура?

ИГЊАТОВСКИ: Мислам дека паркот сè уште е место за тие „алтернативни“ друштва и да, сè уште постојат :). Но,  мислам и дека прераснал во место каде што сите можат да се соберат и дружат. Поделбата според музика/култура се уште постои, но не толку колку порано,  друштвата се многу поизмешани.

МАРКОВИЌ: „Алтернативна“ музика сè уште си постои како лесен начин да шлапнеш етикета на non-mainstream музика како секогаш. Но, луѓето сега се многу по open-minded за такви жанрови.

Мислам дека со текот  на времето,  кликови такви според музиката што ја слушаш-опаднаа. Имам забележано  некакви слични квази-поделби, ама тие се само минимални поделби според облеката/менталитетот на најповршно ниво. Нема веќе строга сегрегација на металци, панкери, рапери и слично, сè е некако похомогено (што е подобро според мене).

ЏОЛЕВ: Каде припаѓате вие во паркот? : )

ИГЊАТОВСКИ: Таму каде што има пиво и добра музика, хахаха…




Телефонски „двојник“ е кога на една телефонска линија се активни два телефонски броја - најчесто некој комшија од твоето маало. Во пракса, додека твојот двојник зборува на телефон, ти не си во можност да телефонираш, ниту пак да те телефонираат. И не само тоа, можеш слободно да им го прислушкуваш муабетот или да се вклучиш во истиот и обратно. 



ЏОЛЕВ: Јас лично бев фан на вашата прва аудио-сезона. Фрагментарна структура на „сценарио“. Гостинот ви ги споделува неговите три албуми коишто му извршиле некаков музичко влијание или уживање.  Вие ги преслушувате и потоа зборувате за тоа или барем тоа е појдовна точка за почеток на музичкиот муабет. Тоа што е клучно да го спомнам дека тоа најчесто беа ваши другари, пријатели, познаници, музички мераклии. Оваа втора сезона, којашто ја продуцираме заедно на голем ќеиф, покрај тоа што додадовме видео во формата, одлучивме како гости да бидат активни музичари. Структурата на „три албуми“ ја задржавме, но што се промени од драматуршки аспект кога во првата сезона зборувавте со „ваше друштво“ и оваа сезона кога како гости имате супер-кул популарни и активни наши музичари?

МАРКОВИЌ: Според моето искуство, нема многу значителна разлика помеѓу типовите на гости од прва и втора сезона. Да, малку е потешко да се започне разговорот со нив, поради што не ги знаеме лично луѓето и плус, првпат ги запознаваме многу кратко време пред снимање. Но, во истовреме е многу поинтересно кога ќе се опуштат конечно и ни даваат мал видик низ прозорчето нивно, зашто нив ги интересира и турка понапред. Честопати  ќе излезе дека со личноста делиш комплетно исто искуство или мислење за нешто во музичката сфера, и тоа доведува до многу интересен разговор. Во истовреме,  ако имаме различни ставови и тоа многу го ценам, ми дава шанса да им го слушнам нивниот аргумент и да научам нешто ново од нив.

Со гостите од прва сезона ни беше повеќе да fangirl-аме за заеднички омилени бендови/албуми и накратко да објасниме зошто така се чувствуваме кон музиката. Со новите гости ги имаме истите моменти, но го има и додатниот елемент на краткомерно запознавање еден со друг преку музика и слушање интересни приказни и постручни анализи за албумите коишто ги збориме тој ден.

ИГЊАТОВСКИ: Се сменија многу работи,  а во истовреме и ништо како да не се променило. Гостите од сезона 2 се трудевме да ги третираме исто како нашите пријатели од првата сезона и со тоа како да  добивме некаков нов видик во нивниот карактер. Секогаш ќе ми биде забавно да зборувам за музика, дали тоа е со мој пријател од маало или професионални музичари. Иако, мислам дека треба да го зголемиме бројот на албуми до 5 :).

Во втората сезона „Парк шема“ гостуваа: Мартина Бараковска [Фанк шуи], Мирко Попов [ПМГ рекордс], Љупа Ангелов [Д Џон], Дина Јашари, Дени Омераѓиќ, додека наскоро премиерно ќе бидат прикажани епизодите со Ристо Солунчев [Чиста околина], Дарко Поповски [Pluto's doubts]... Погледнете ги епизодите [тука].


ЏОЛЕВ: Кога станува збор за „Парк шема“, јас имам две позиции во коишто уживам. Прво како продуцент на оваа втора сезона, тоа што сум внатре во самото создавање на епизодите, дружење со гостите зад камерите, но и втората позиција како публика. Без разлика на тоа што сум бил дел од процесот на снимање, со уживање подоцна ги преслушувам и по неколку пати на јутуб – значи истовремено сум и ви голем фан! : ) Од аспект на публика, фан кој ја слушал вашата прва и ја слуша во моментов вашата втора сезона, можам да забележам дека има неколку клучни разлики помеѓу првата и втората сезона. Самото тоа што гостите се професионални музичари, во целиот наративен котнтекст неизбежно е да се зборува на нивната музика (музиката којашто ја создаваат гостите), но и повеќе од тоа, муабет за самата музика од „научен“ аспект. Но, да се навратам на прашањето и да излезам од оваа анализа каде што констатацијата полека ја губи смислата. 

Доколку во трета сезона, ја имаме таа супер моќ, да ги поканиме сите живи или мртви музички артисти, кои тројца би биле тие и зошто ?

МАРКОВИЌ: Како што нашите гости имаат спомнато дека е тешко да се одберат само 3 албуми, мислам дека и тука важи за мене :).  Најискрено, би ги одбрал следниве артисти ако ми ставиш пиштол до глава:

1. Том Јорк од Radiohead (Го осеќам Андреј како превртува очи);
2. Оли Џаџ од Squid;
3. Нуџабес.

Том од детство ми беше најомилен фронтмен од сите бендови коишто ги слушав. Подоцна, како што растев и почнав да се обидувам со творење авторски песни, сфатив колку огромен впечаток ми има оставено во начинот на којшто јас ја правам мојата музика. Исто така,  откако почнав да подразбирам по нешто повеќе од продуцентскиот дел од музика, сфатив какви феноменални композиции се нивните песни! Го бирам Том искрено за да можам да fangirl-ам пред камера,  хахахаха…

Оли е пејачот и тапанарот на Squid, понов британски бенд коишто имаат еден албум досега пуштено (Bright Green Field). Апсолутно сум опседнат со нивниот звук и енергија! Посебно вокалите. Мислам би била преинтересна епизодата,  зборувајќи со него за начинот на којшто ги прават своите песни и нивниот signature-звук.

Нуџабес е покоен продуцент кој ги има компонирано траките на серијата Samurai Champloo (мојата најомилена серија). Не можам со зборови да опишам каква атмосфера градат неговите траки. Хип-хоп и РНБ-елементи има вмешано со џез и бибоп. Секојпат кога го слушам, само сум во восхит за тоа каков гениј бил.

ИГЊАТОВСКИ: Искрено, не знам дали навистина би сакал луѓево што ќе ги набројам да ги запознам во вистински живот од страв дека нема да ги исполнат моите очекувања, ќе се скрши илузијата којашто ја имам за нив, „never meet your heroes“ и сето тоа нели :)?

 Но, ако морам да изберам, би ги избрал следниве артисти:

1. Sebastian Murphy (Viagra Boys);
2. Jesse Keeler (Death From Above);
3. Ian Curtis (Joy Division).

Vaigra Boys се понова моја опсесија, а Sebastian нивниот фронтмен ми е многу интересен како лик. Тату-артист од Калифорнија кој се нашол во Стокхолм, Шведска и случајно станал дел од еден од поголемите пост-панк бендови од нашето време и сигурно има интересни приказни за раскажување. 

Death From Above се бенд од моите средношколски денови и првиот бенд каде што слушнав бас гитара како се користи на неконвенционален начин. Оттаму се роди и мојата љубов за дисторзиран бас. Jesse би  го замарал за неговиот set-up, оригинален звук и како успева да пишува толку catchy-рифови. 

Уште еден фронтмен со покојниот Ian Curtis. Не знам што да кажам за него, а што не е веќе кажано. Само знам дека ако би ни бил гостин, таа епизода би ни била најдолга :).

Замислете Андреј [Игњатовски] и Перо [Петар Марковиќ] да си беа маалски двојник. Ќе имаа можност бесплатно и бесконечно долго да разговараат за нивните музички симпатии и без притоа да излезат во парк. 

_______
Фотографии Rêve à Deux [Дејан Џолев + Антонио Станков]


Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ