• Немате производи во кошничката.
дејан џолев скала магазин фељтон

ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [15] // Дејан Џолев

Овој месец, секој работен ден, во 16 продолженија го претставуваме нашиот прв фељтон на тема „Нова публика и нови медиуми“. 

На 15ти декември 2022, Скала магазин ја прошири својата цел на делување, преку отворена јавна расправа. Фокусот беше кон медиумите, новите форми на информирање, трансформативноста на медиумите, генерациските пресеци и промени...

Вкупно 15 новинари, културни работници и универзитетски професори ги споделија своите ставови и размислувања. Настанот беше исполнет со разговори, дилеми, потпрашања, кафе, чоколадни колачиња, хумор и квалитетна дискусија која ја модерираше Ана Голејшка Џикова.


Ана Голејшка Џикова: По две и половина години работа на „Скала“, би можел ли да ни кажеш, кои се позитивните, а кои се помалку позитивните или помалку подобрите искуства коишто ги имаш, да ни пренесеш едно твое „ехо“?


Дејан Џолев [Скала магазин / Skala School]: Ехо е тотално избезумена од Нарцис. На почетокот, сакав да споделам едно искуство, но во текот на овa прекрасна средба се случи друго, а твоето прашање се однесува на некое трето ехо, па затоа ќе започнам со анегдота, а до каде ќе стигнам, оставам на мислата. 

Во „Скала“, кога нафрлавме идеи за агендата на оваа јавна расправа, се разбира дека разговаравме и за тоа што сè да послужиме за време на паузата. Од тоа каков тип на кафе, па сè до каков тип на чоколадни колачина. Се нафрлија предлози од некои „ноу-нејм“ брендови на килограм, па сè до „Чоко-арт“. Се разбира, одлучивме за Чоко-арт, но веднаш ја критикувавме идејата, оти се уплашивме да не изгледаме многу скапо! Затоа што и второто печатено издание на „Скала магазин“ коешто е во вашите раце изгледа скапо, па имаме брендирани папки и материјали за работилницата, коишто исто така, се скапи, па… (се смеат сите) Да не добијат погрешна слика луѓево за нас? – Кој ли сето ова го финансира? 

Во овој контекст, ќе искористам простор да истакнам дека „Скала магазин“ е комплетно независен и самофинансиран медиум. За жал, компаниите или уште подобро маркетинг-агенциите, не го препознаваат потенцијалот и оставени сме на нашиот ентузијазам, љубовта на нашите студенти и ментори од Skala School, заедно да инвестираме време, техника, труд и финансии. 

Чисти сме пред себе, транспарентни во нашето работење, затоа ќе ги купиме најскапите чоколатца, ќе купиме од Чоко-арт, затоа што ни е ќеиф! Затоа што ќе ни дојдат убави гости дома и ќе се потрудиме да бидеме вистински домаќини!

(пауза)

За Ехо… и прашањето. „Скала“ е повеќе од медиум, „Скала“ е платформа, ние сме почесто надвор од медиумскиот простор… Изложби за визуелни уметности, јавни предавања, саемот за креативни индустрии, па и оваа јавна расправа е надвор од пишувачката политика којашто ја креираме.

Но, она коешто мене, позитивно ме изненади во оваа медиумска одисеја е дека „луѓето не читаат“ е тотална лага, невистина, субјективно искуство и погрешна опсервација. Луѓето читаат!!

Ќе го земам за пример, текстот на професорот Вилиќ којшто е објавен на „Скала магазин“, „Бесцелноста на (од)биеналето“, којшто е отворен над 2500 пати. Уште поважна информација од аналитика е тоа што читателот во просек се задржал 4 минути и 7 секунди – тоа е навистина висок просек! Да не биде дека се вадиме на текстот на професорот, ќе додадам дека и мојот текст за постерот на Џез-фестивалот „Три точки зошто ме разочара Скопје џез-фестивал“ имаше над 2000 прегледи, а просечна читаност е 5 минути и 9 секунди. 

Тоа е навистина позитивно искуство од работата во медиум. Додека она коешто негативно ме изненади е дека најмалку сме застапени помеѓу најмладите. Ние „Гласот на новата сцена“, сме популарни помеѓу „старата сцена“ (се сметат и коментираат повеќето). Малку статистика: онаа публика на која ние сметавме дека и се обраќаме е со 11% посетеност на нашиот медиум, додека пак, најпопуларни сме на публиката помеѓу 35 и 44 години, потоа следи публиката помеѓу 25 и 34 години, па 45-55, па потоа се 18-24.

Активни сме на Инстаграм, Фејсбук и повторно не можеме да допреме до помладата публика? Затоа започнавме со видео-рубриките, пр. мојот поткаст „Будење“, или уште подобар пример е музичкиот поткаст „Парк-шема“ – којшто е свесно креиран за помаплдите, обработува музичка идеологија, нешто коешто е најтипично за тинејџерскиот развој, но повторно младите се тивки, нивното ехо ретко допира до нас. 



СКАЛА МАГАЗИН бр.2
КУПИ ПО ПРОМОТИВНА ЦЕНА

КОН ПРОДАВНИЦА

Учествуваа: Сребра Ѓорѓијевска [Умно.мк]; Тони Димков [Слободен печат]; Бојан Шашевски [Радио МОФ]; Русе Арсов [МКЦ]; Бранка Костиќ Марковиќ [Астрорум]; Сунчица Уневска [Филм+]; Небојша Вилиќ [УКИМ]; Крсто Златков [ИДТ - Скопје]; Славчо Темелковски [УСС УКИМ]; Петрула Вељановска [Македокс]; Слаѓана Вујошевиќ [ФДУ]; Александар Маџаровски [јутјуб: Читачот]; Сара + Мартин Анастасовски [подкаст: Културен подкаст]; Дејан Џолев [Скала.мк].

ПРЕТХОДНО: ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [14] // Сунчица Уневска


Концепт на фотографија: Rêve à Deux [Дејан Џолев + Антонио Станков]
Фотографија: Дејан Џолев, Антонио Станков, Стефани Караџовска

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ