• Немате производи во кошничката.

ПИСМО ОД ДИЈАСПОРАТА: НАТАЛИ БАШОСКИ // ЊУЈОРК


ЕДНАШ МЕСЕЧНО ВО САНДАЧЕ НИ ПРИСТИГA „ПИСМО ОД ДИЈАСПОРАТА“. ЦЕЛТА НА ОВАА РУБРИКА Е ДА СЕ ЗАПОЗНАЕМЕ СО МЛАДИТЕ АВТОРИ И СТУДЕНТИ ПО ДИЗАЈН И УМЕТНОСТ КОИ РАБОТАТ ОДНОСНО СТУДИРААТ НАДВОР ОД ДОМАШНAТА АДРЕСА.

НАТАЛИ БАШОСКИ [ИНСТА] // ФОТОГРАФКА // ЊУЈОРК, САД


Драга Скала,


Ти пишувам од мојот сончев стан во Bed-Stuy. Во изминатите осум години живеев во многу прекрасни населби во Бруклин, Њујорк, но Bed-Stuy досега ми е омилена.


Маалото е резиденцијално, но има прекрасни и многубројни слатки кафулиња, вегански ресторанчиња, винтиџ продавници, локални бизниси и секако, препознатливата „bodega”. Накратко, бодега е „продавниче“ (мала локална продавница) којашто продава леб, бонбони, грав, енергетски пијалоци, а повеќето од нив имаат оддел за сувомеснати производи, коешто ги прави познатите њујоршки сендвичи коишто обично ги консумираат луѓе кои брзаат или се поднапиени (лично, имав фаза кога јадев само јајца и сирење со сланина, најчесто кога бев во брзање за мојот утрински час на колеџ – ама оттогаш го преболев тоа). Bed-Stuy има бодега спроти бодега, до друга бодега. Но, секој њујорчанец обично има своја „сопствена бодега“ којашто е најблиску до местото каде што живее, каде што вработеното момче веќе ја знае вашата нарачка. Да, момче, затоа што никогаш не сум видела жена да работи во бодега, но тоа е мистерија којашто ќе ја решаваме другпат.






Имав речиси продуктивна недела. Работам на текстилен проект во моето (уметничко) студио, коешто за среќа е на еден блок од местото каде што живеам. Па така,  обично скејтам дотаму за да имам 5 минути пешачење и 2 минути возење со скејт. Ги печатев моите фотографии на различни текстили, како што се платно, тексас и лен. 

Пред неколку месеци, добив машина за шиење и сега го прифаќам нередот којшто истата го предизвика во моето студио – веќе не можам да најдам ништо во моето малечко студио,  бидејќи сето е покриено со случајни остатоци од ткаенина.  Исеков и една стара црвена завеса којашто ја имав и ја претворив во повеќе торби и ремени. Можеби има игли насекаде по подот – но јас не би знаела, а има и толку многу влакна залепени на мојот тепих, што станува уметничко дело, само по себе.

Обично, слушам информативни поткасти за да се чувствувам како барем нешто да учам додека целосно не ја разбирам мојата машина за шиење. Но, овие поткасти ја покриваат главно американската политика и во последно време е многу депресивно. Кога не е политика, учам за случајни работи како, што јаделе луѓето пред 10.000 години? 

Или кој е најдобриот начин за мешање картички?






Кога поминувам премногу време дома, слушајќи депресивна американска политика, ми се јавува потребата да излезам надвор и да се движам. Се качувам на мојот велосипед и движам до Проспект Парк, најголемиот парк во Бруклин. Тука има патека којашто минува низ него и луѓето ја користат за да возат велосипед, трчаат или лизгаат по неа, а има и доста прекрасни ридчиња коишто ме оставаат без здив, а тоа ја лекува најголемиот дел од мојата анксиозност.  

Мојата девојка работи во архитектонска компанија од истата област, па ја замолив да се сретнеме по работа и да лежиме на тревата додека не се стемни. Си читаме дел од нашите книги и потоа набрзина возиме до дома, имајќи ја на ум вечерата.







Следниот ден се сретнав со мојот пријател Пол, кој е родум од Калифорнија, а го запознав на музички фестивал (афропанк) пред многу години. Тој е неверојатен скејтер и сакавме да направиме неколку фотографии.

Кога имав 12 години живеев во Пештани (Охрид) бев „skater girl wanna be“ – имав скејтборд, но не бев особено добра во скејтање, ниту пак, имав пријатели кои скејтаа.

Интересен факт за мене – Јас всушност, научив англиски јазик додека гледав упатства за скејтборд на YouTube.

Пол е супер и обично ни кажуваше: „Само ќе се загреам малку и може да се инспирирате за типот на фотографии коишто сакате да ги направите, додека јас ќе ги правам триковите“.Дванаесетгодишната јас, бев во еуфорија! Замислете, овој неверојатен скејтер ќе направи токму тоа што јас ќе му кажам. „Можеш ли да извозиш по овој ѕид?“ – го прашав. Секако дека може… и не само што го направи до перфекција, туку беше подготвен да го направи тоа уште 12 пати потоа, за да можам да направам совршена фотографија. Беше задоволен од резултатите.







Работам и хонорарно како фотограф и фото-асистент. Моја добра пријателка е неверојатна фотографка и ме ангажираше да ѝ помогнам на едиторијалното снимање коешто го правеше во центарот на градот. Обично, работам на комерцијални сетови во затворен простор, па затоа бев возбудена што ќе работам на улица. 

Мојата работа тој ден главно се состоеше од носење на нејзината опрема, ставање филм, менување леќи и грижа да не ја удри автобус, додека се обидува да го помине патот и да фотографира во исто време. Манекенката беше многу добра во својата работа и имаше неверојатен изглед.
Мојот врв на тој ден беше кога видов куче со чевли на скејтборд.







Пријател на мој пријател ГО ОБОЖАВА Музејот „Метрополитен“ (познат како МЕТ) којшто е најголем музеј во горната источна страна на Менхетен и има одлична колекција на историска уметност. Се сеќавам дека кога ги однесов моите родители таму, татко ми не можев да го извадам од првата соба во којашто се зборуваше за Александар Македонски. Морав да го извлечам оттаму, бидејќи имаше уште најмалку 50 соби за истражување. 

Како и да е, овој пријател на пријател сакаше да ни направи бесплатна обиколка на музејот, не можеше да ја покрие целата уметност, но имаше некои омилени за коишто зборуваше со многу страст. Тој ни кажа и за историјата на музејот, ни покажа некои скриени знаци на оригиналната основа и како целата уметност во него доаѓа од донации од богати луѓе и сѐ што е изложено е само 3% од нивната колекција, а остатокот се наоѓа во складиште под музејот.







Потоа, сите отидовме на ручек во ресторан во многу американски стил. Веганка сум нешто повеќе од една година, па обично се држам настрана од сите американски ресторани.

Американските ресторани може да ги споредите со македонските, да го прегледате менито, и низ целото мени има месо, месо, месо… Месо како додаток… Дури и нивните салати имаат месо, па затоа на крај, јадев супа и помфрит, што е совршен оброк за 7-годишно дете, но моето тело од 188 сантиметри не беше задоволено.

Верувам дека сега имате подобра слика за тоа како изгледа мојот живот овде во Њујорк.

Ова беше едно прекрасно „возење“. Преживувањето на пандемијата во град како Њујорк е на врвот на мојата листа на достигнувања, веднаш до преселувањето во Њујорк.

Како и да е, ако дојдете да го посетите, секако погледнете го Метрополитен-музејот и посетете барем еден од нашите големи паркови како Проспект или Централ Парк.







Остануваме во контакт.
Искрено ваша,


Натали.


Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ