• Немате производи во кошничката.

Креативците ги менуваат нештата на подобро



РАЗГОВОР СО: Ирина Тошева [модна дизајнерка]
РАЗГОВАРА: Aна Голејшка Џикова


Кога размислував за прашањата за разговорот со Ирина Тошева, прво на што помислив е една наша дамнешна средба на плоштад, кога постоеше проектот „Free Hugs“ и имаме една заедничка фотографија од гушкање, така случајно. Години поминале, а низ нив живот, но прегратката уште ја паметам. И сакав баш, така некако да го почнеме муабетот, сосема едноставно како гушкање на улица.
 
Каде и кога почнува да се „шие“ прикаската за она што е Ирина Тошева денес? Модна дизајнерка, менторка во „Скала“ – Школата за дизајн, уметност и технологија. Жена која неуморно работи и создава приказни, сплетени од најразлични правци во животот и сонот. 


РОДЕНА ЗА ДИЗАЈНЕРКА

ГОЛЕЈШКА: Да почнеме од почетокот, Ирина. Како всушност, се случи да влезеш во светот на модата?
ТОШЕВА: Од сечењето на омилените фармерки на татко ми за да си направам торбичка, до пoстдипломските студии во Фирeнца, сите животни ситуации ме градеа како дизајнер. Едноставно, како да беше предодредено.


ГОЛЕЈШКА: Ти си „око“ и „дланки“ во мајсторството на создавање облека. Се сеќаваш на своето прво креирано парче и како би го опишала во боја или облик тоа чувство?
ТОШЕВА: Првото парче коешто го дизајнирав, па кроев и шиев сама, беше во факултетските денови за некоја од задачите по тој предмет. Розово-виолетово фустанче со интересна бела шара, коешто потоа гордо го носев на роденденската прослава.  Чувството уште го паметам- како обвиена во облаче, дали заради балонестиот крој или леснотијата со која го изработив. Уште го чувам.


ГОЛЕЈШКА: Да си сега младата Ирина која уште не знае што сака во животот, би избрала друга професија?
ТОШЕВА: Не. Модата е мојата судбина 😀


ГОЛЕЈШКА: Имајќи предвид дека по суштина и карактер си активистка, човек кој сака да гради поубав свет, а со тоа да ги спои економијата, екологијата и општеството во заедничка синергија, што те „допира“ најмногу кога станува збор за овие аспекти во однос на модата?
Имаш целосна слобода да ни раскажеш…
ТОШЕВА: Уметниците, дизајнерите… креативците генерално се луѓе кои умеат да пренесат поинаков светоглед, па оттука произлегува одговорноста да ги менуваме нештата околу нас на подобро. Неретко размислувам и целам како преку она што го правам да повлијаам на другите, пренесувајќи одредени вредности и различни пораки. Кога ќе успеам да ги поврзам трите работи во една хармонија преку јазикот на уметноста, си го сметам за мала победа, а срцето ми се полни што луѓето сѐ повеќе го препознаваат и ценат тоа.





ГОЛЕЈШКА: Ми остави впечаток кога во една прилика кажа дека „секој мора да научи да шие, ако сака да се занимава со моден дизајн“.  Колку како дизајнерка, но и менторка која работи со млади луѓе, сметаш дека тој директен, тактилен однос кон платното е клучен за осознавање на работата?
ТОШЕВА: За да биде секој успешен во одредена работа, мора да ги знае сите чекори, од почеток до крај. Практично, а не теориски. Дизајнирањето не значи само цртеж на некое парче облека, туку размислување на сите фази, како и од што да се создаде, каде и кој може да го носи, како да се одржува да трае подолго па дури и што ќе биде со него кога ќе му помине „векот на користење“, дали може да се пренамени, реупотреби или рециклира. Честопати кај нас меѓу младите дизајнери постои некоја одбивност кон тој дел од процесот, па потоа се „криви“ шивач(к)ите кои не живеат во нивните глави и не може да знаат како нешто треба да се изработи и изгледа, ако убаво не им се објасни процесот на создавање. Ако не знаеш да го изработиш сам чекор по чекор, како ќе го објасниш?

ГОЛЕЈШКА: Сега модата не е само убаво облекување, туку и знаење, промени, свесност за себеси и светот. Во твоето искуство со младите, студентите кои сакаат да станат дизајнери, што сметаш дека е најголем недостиг, а која е силната страна како генерација која е во постојана „борба“ со многу аспекти во модата?
ТОШЕВА: Кај помладите генерации обично проблемот е држењето фокус подолго време и краткотрајниот интерес за одредена работа, што најверојатно е последица на брзото живеење и преплавеноста со информации. Тука, за жал, е и пасивноста и мрзеливоста кај повеќето.

Правејќи споредба со можностите на моите почетоци и овие сега, работите се дааалеку подобри. Можеш лесно да се едуцираш на одредена тема, онлајн-курсеви и предавања има еден куп, локални школи и академии со одлични програми, можности за пракса во одлични компании, грантови да започнеш сопствен бизнис, а и целиот свет ти е пазар благодарение на достапноста којашто ја нудат социјалните мрежи.

 Но, на крајот успехот зависи од решителноста и упорноста на секој.


ОКОЛУ ФИЛМОТ ВО ЖИВОТОТ И ЖИВОТОТ ВО ФИЛМОТ

ГОЛЕЈШКА: Твоите колекции зрачат со нежност, истовремено силна динамика и енергија. Во неколку од нив имаш вплеткано конци и од нашата домашна географија. Последен таков проект е OYA. Moжеш да ни раскажеш како почна целиот концепт, како се развиваше процесот и што значи OYA финално за тебе и твојот израз како дизајнерка?
ТОШЕВА: Честопати од далеку се восхитував на облеките на Јуруците и деталите кога ќе ги сретнев, но секогаш ми биле недоволно познати. Дополнителен предизвик ми беше и што кога започнав со истражување, интернетот не беше од голема помош, па одев на „старомоден“ начин, посетувајќи библиотеки и институти.

Сакав нивната шаренолика култура и секојдневие да ги доближам до јавноста. Преземав елементи од традиционалната носија, но и карактеристичните секојдневни фустани и со мојата дизајнерска визија и одржлива нота ги преведов на нов модерен начин. Соработував со графичкото студио за текстилни дезени Sun Smith од Барселона. Изработивме модерна интерпретација на препознатливите цветови и покрај дигиталните принтови, беа изработени и машински везови коишто рачно ги доработував. Три месеци собирав пластични шишиња од сите блиски и испраќав на Елена Арсовска која ги сече, рачно ги топи и изработува еко-мониста, со којашто беа надополнети моделите покрај плетените елементи од памучни конци.

За презентација на колекцијата беше изработен моден едиторијал во соработка со модниот фотограф Антонио Станков и модно видео со музика од Фолтин.

„Oya“ претставува техника на рачна изработка со мониста и конци, којашто е во исчезнување. Во минатото била и „таен јазик“ на жените, преку којашто пренесувале пораки. Еден тип од оваа техника ја работат и јуручките жени за украсување на рабовите на марамите, а ја има и во колекцијата.

ГОЛЕЈШКА: Филмот „Латици“ е мало документарно богатство токму за тој таен јазик низ модата во една конкретна средина. Фасцинантно ми е како го „плетеш“ древното семејно наследство во моменталната модна перцепција. Што ти беше најголем предизвик, вака новинарски прашано, кога ја почна приказната?Зошто токму овие жени и зошто токму Латици? Раскажи ни…
ТОШЕВА: Документарното видео „Латици“ ги прикажува разговорите на неколку различни генерации од село Аликоч и проф д-р Владимир Јаневски фолклорист, околу нивната карактеристична и шаренолика облека. Сите луѓе кои се појавуваат се латиците (листови од цветот) кои го оформуваат овој цвет, односно оваа заедница. Јуручките жени сами ја кројат и шијат облеката, цветните фустани ги создаваат дома, а на свадбената облека, полна рачни детали, работат цела година пред церемонијата. Луѓето кои не живеат во Источна Македонија и околу Дебар и не ги среќаваат по улиците и пазарите, најчесто не се запознаени со нив. За неколку месеци ќе има нова модна приказна за раскажување, а ова видео ќе остане како траен културен белег.  Со секое гледање, кога и каде и да биде прикажано, ќе заинтригира и едуцира некого. Моето непознавање на турскиот јазик на почетокот беше предизвик, но почитта, културата и уметноста не познаваат јазици, па комуникацијата понатаму се одвиваше непречено.

ГОЛЕЈШКА: И што од сето тоа Ирина, како човек, научи?
ТОШЕВА: Да успорам и уживам во животот повеќе. А и уште повеќе да ја негувам и чувам традицијата.

ГОЛЕЈШКА: Какво е искуството да се работи и да се влезе во еден инаков свет од нашиов, да се дознае повеќе за да се зачува низ облеката? И сето тоа да биде живот – на филм?
ТОШЕВА: Многу сегменти од традицијата и во јуручката заедница полека се напуштаат, начинот на создавање на церемонијалната облека се модернизира, мажите се откажуваат од традиционалната облека за важни настани и го прифаќаат западниот стил на облекување. Затоа и беше особено важно да го документираме.
Искуството беше огромно, целиот пристап беше нов и делумно непознат за мене, но и поддршката од екипата беше голема. Со Марјан Петковски, директорот на фотографија, неуморно работевме неколку месеци, се надополнувавме и безрезервно верувавме во целиот процес.

ГОЛЕЈШКА: Самата велиш дека „Модата е многу повеќе од убав фустан – таа има моќ да осознава, сплотува, едуцира…“  Какво е твоето искуство во однос на менторската улога во Скала – Школата за дизајн и уметност?  Што најмногу ти „буричка“ во срцето кога пренесуваш знаење?
ТОШЕВА: На модната академија го водам предметот Бренд менаџмент, што ми нуди можност досегашното искуство во оваа област теориски да го преточам и пренесам на млади и перспективни дизајнери. Честопати им повторувам на студентите дека најлесно е да зборуваме за светските модни дизајнери и куќи, како тие градат и негуваат бренд со големи буџети и на големи пазари, но локалните примери и можности, кога малиот буџет и пазарот те предизвикуваат да бидеш покреативен за успешно да изработиш и испромовираш колекција се посебна приказна. Го сакам тоа навраќање на приказните од почетоците, коешто несебично го споделувам, а истовремено прави да ценам повеќе до каде сум стигнала и што сѐ сум направила.






ГОЛЕЈШКА: Својот 10-годишен труд го заокружи со презентација на новата колекција, ни помалку ни повеќе – на платото на претседателската вила. Знам дека Првата дама е силна поддршка на младите претприемачи и е отворена за многу нови идеи, но и промоторка на македонски модни дизајни кога е во служба во земјава и надвор. 
Колку е за тебе овој чин високо признание за твојата работа и колку сметаш дека ова треба да е редовна пракса?
ТОШЕВА: Кабинетот на претседателот, во рамките на своите заложби за поддршка на работата на младите креативци и претприемачи, го отстапи просторот за одржување на овој настан. Особено ми е драго што ја имав довербата и честа да го претставам проектот и одбележам својот јубилеј таму. Верувам дека отворив простор за многу повеќе културни настани на таа локација.
Поддршката на г-ѓа Ѓоргиевска придонесе за поголема видливост на иновативни пристапи во дизајнот, модата и женското претприемништво, како и нашето културно богатство, културната одржливост и екологијата.


КРАТКИ КАДРИ НЕМИРНА МИСЛА

ГОЛЕЈШКА: Кога би можела да одбереш соработка со светски познат дизајнер, би делела писта со…
ТОШЕВА: Ух, тој одговор се менува секоја сезона. Секако е некој со кој делиме слична дизајнерска визија.

ГОЛЕЈШКА:Закачалката е твоето лого – на што си „закачена“ како тема периодов?
ТОШЕВА: Периодов ги одмарам душата и мозокот по сите активности изминатиов период и гледам да правам што можам повеќе едноставни и „досадни“ работи. Мирно утринско кафе на тераса, ладна и сочна лубеница за разладување, долга приквечерна прошетка на кеј со милениците и читање книги.
   

ГОЛЕЈШКА:Кои се трите топ дизајнерски парчиња што би сакала да ги имаш за себе?  (може да бидат и облека и чевли, што ти душа сака)
ТОШЕВА: Не би можела да извојам во моментов, но сигурна сум дека ќе се безвременски парчиња коишто би ги носела долго и внимателно чувала.

ГОЛЕЈШКА: БОНУС ГУШКАЊЕ: Ти честитам за неуморните 10 години Ирина. Можеш да ни споделиш што е следно од твојата работилница?
ТОШЕВА: Официјалното стартување на Мини Ирина Тошева, подетикетата на брендот, посветена на милениците. Тимот полека се комплетира, па по одморите, освежени и одморени почнуваме турбо со подготовки и промоција наесен.




_______
Фотографии: Антонио Станков


Пишувам и пеам. А помеѓу, живеам.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ