11 ОБУКИ ЗА ДИЗАЈН + УМЕТНОСТ

уписите се во тек! почеток: 25 март
  • No products in the cart.
Сребра Ѓорѓијевска-Скала Магазин

ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [13] // Сребра Ѓорѓијевска

Овој месец, секој работен ден, во 16 продолженија го претставуваме нашиот прв фељтон на тема „Нова публика и нови медиуми“. 

На 15ти декември 2022, Скала магазин ја прошири својата цел на делување, преку отворена јавна расправа. Фокусот беше кон медиумите, новите форми на информирање, трансформативноста на медиумите, генерациските пресеци и промени...

Вкупно 15 новинари, културни работници и универзитетски професори ги споделија своите ставови и размислувања. Настанот беше исполнет со разговори, дилеми, потпрашања, кафе, чоколадни колачиња, хумор и квалитетна дискусија која ја модерираше Ана Голејшка Џикова.


Ана Голејшка Џикова: Кои се главните теми со коишто како медиум достигнувате до новата публика? Затоа што култура, образование и наука се областите, меѓутоа кое е искуството со читаноста и достапноста?


Сребра Ѓорѓијевска [Умно.мк]: Мислам дека во денешно време малку е тешко да се дефинира која е таа „нова публика“. Основата зашто ние го направивме Умно.мк и зашто веруваме во таа приказна е дека сфативме дека по долги години искуство во весник и области како културата и образованието, потребно е да создадеме место каде што и старата и новата публика ќе си го најдат своето место. Истовремено, ќе се потсетиме на вредностите во коишто ние како млади сме растеле и верувале, но и како професионалци работевме. Не се работеше за носталгија, туку фактот дека вредноста да се прочита вистинска и точна информација е право на секој современ човек, без разлика на возраста, местото на живеење и слично. Факт е дека кај нас постојат медиуми коишто ниту имаат дефинирана публика и ниту знаат кому и зошто се обраќаат. За нас, целна група ни беа луѓе кои сакаат да се информираат за култура, образование и наука и секогаш внимаваме сè што ќе објавиме да биде писмено и јасно напишано.

Битна ни е реакцијата на нашата публика – секогаш кога почнуваш нешто, треба да се обраќаш некому. Ние се обраќаме на луѓе кои сакаат да размислуваат со своја глава, на луѓе кои ако нешто не им се допаѓа, ќе бидат слободни културно да ни кажат свое мислење. Во однос на возраста на публиката, социјалните медиуми ни овозможуваат статистика да дознаеме дека најдоминантна публика ни е таа од 35 до 45 години. Се трудиме да стигнеме и до публиката од 25 до 35. На „Фејсбук“ ги имаме возрасните, на „Инстаграм“ се помладите. Генерално, ја прилагодуваме содржината на различните медиуми за публиката и не е едноставно, морам да кажам. Без социјалните медиуми, едноставно не постоиш. Ова е општество во коешто е тешко да се пробиеш кога имаш намера да работиш во овие области, како културата. Еден од аспектите којшто многу влијае на медиумите и промоцијата е фактот дека маркетинг-агенциите индиректно влијаат на читаноста, рекламите. Тие средства за маркетинг се одлеваат во медиуми коишто не заслужуваат според мене, бидејќи немаат авторска содржина, имаат плагијат-содржини, не потпишуваат фотографии… Ние се грижиме за јазикот, за стандардите коишто сме ги учеле и се обидуваме да ја зачуваме вредноста. Не е едноставно, но не би направиле компромис. Се радуваме на секој нов читател и наша задача е да ја задржиме таа доверба и да растеме со публиката заедно.



СКАЛА МАГАЗИН бр.2
КУПИ ПО ПРОМОТИВНА ЦЕНА

КОН ПРОДАВНИЦА

Учествуваа: Сребра Ѓорѓијевска [Умно.мк]; Тони Димков [Слободен печат]; Бојан Шашевски [Радио МОФ]; Русе Арсов [МКЦ]; Бранка Костиќ Марковиќ [Астрорум]; Сунчица Уневска [Филм+]; Небојша Вилиќ [УКИМ]; Крсто Златков [ИДТ - Скопје]; Славчо Темелковски [УСС УКИМ]; Петрула Вељановска [Македокс]; Слаѓана Вујошевиќ [ФДУ]; Александар Маџаровски [јутјуб: Читачот]; Сара + Мартин Анастасовски [подкаст: Културен подкаст]; Дејан Џолев [Скала.мк].


СЛЕДНО: ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [14] // Сунчица Уневска

ПРЕТХОДНО: ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [12] // Мартин Анастасовски


Концепт на фотографија: Rêve à Deux [Дејан Џолев + Антонио Станков]
Фотографија: Дејан Џолев, Антонио Станков, Стефани Караџовска

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ