• Немате производи во кошничката.
Krsto-Zlatkov-Skala-Magazine

ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [7] // Крсто Златков

Овој месец, секој работен ден, во 16 продолженија го претставуваме нашиот прв фељтон на тема „Нова публика и нови медиуми“. 

На 15ти декември 2022, Скала магазин ја прошири својата цел на делување, преку отворена јавна расправа. Фокусот беше кон медиумите, новите форми на информирање, трансформативноста на медиумите, генерациските пресеци и промени...

Вкупно 15 новинари, културни работници и универзитетски професори ги споделија своите ставови и размислувања. Настанот беше исполнет со разговори, дилеми, потпрашања, кафе, чоколадни колачиња, хумор и квалитетна дискусија која ја модерираше Ана Голејшка Џикова.


Ана Голејшка Џикова: Која е одговорноста на една институција или организација во однос на младите/студентите кога станува збор за користењето на овие алатки и медиуми, во еден, ајде да го наречам, фиктивен свет?


Крсто Златков [ИДТ]: Најпрвин би кажал дека се разви супер дискусија и се отворија многу теми. Тука имам навистина многу потпрашања кон другите, но ќе се обидам да ги сумирам во вид на заклучоци и поврзам со прашањето за нашата одговорност како образовен медиум којшто ја имаме кон младите, нашите студенти, но и публиката којашто постојано нè следи. Она коешто можев да го идентификувам од излагањата на останатите е дека без разлика на нивниот медиум, сите се соочуваме со два важни предизвици. Првиот предизвик кај секој е адаптација на самата форма на медиумот. Односно, тука имаме нови медиуми коишто бараат начин како во мноштвото дигитални информации да допрат подобро до нивната публика и имаме традиционални медиуми коишто се во дилема дали и како да ја задржат формата денес, дали да ја прилагодат на новите потреби и начини на комуникација или пак, е потребно да ја напуштат и иновираат нешто ново коешто и понатаму ќе ги задржи традиционалните вредности. Вториот предизвик е во начинот на примање на информации. Токму со ова, доаѓаме до суштината на самата тема денес, затоа што ако сакаме да ја разбереме новата публика и новите медиуми, потребно е да направиме и една мала ретроспектива и се потсетиме на тоа како ние луѓето сме граделе навики и однос кон медиумите, а со тоа и разбереме и зошто сме го промениле начинот на примање информации. Во овој контекст, зборуваме за тоа дека некогаш комуникацијата од медиумите била стриктно еднонасочна, а ние сме биле само примачи на информации. Самите форми и можностите на тогашниот мал број на традиционални медиуми како печатени весници, радио и телевизија, не ни давале можност да ја проверуваме точноста на информациите, затоа и служеле единствено за пропаганда. Од друга страна, тој мал број на медиуми овозможил и ние самите да бидеме прочистени без да бидеме „бомбардирани“ со информации од секого, а со тоа и полесно да им веруваме. Затоа и нашите тогашни навики биле градени исклучиво само кон еднонасочно примање на информации. Денес, нашиот мозок е преплавен со двонасочна комуникација, односно хаос од информации каде што нашиот мозок со цел да се заштити, природно почнува да гради систем на „одбрана“, блокирајќи ги информациите преку менување на навиките и начинот на нивно примање. Денес, ние не успеваме да дочитаме текст, дослушаме песна, догледаме филм… Едноставно почнуваме да премотуваме и бараме болдирани зборчиња со цел да дојдеме побрзо до заклучоците или на побрз начин да ја примиме информацијата. Од друга страна, се изморуваме од тоа да читаме различни ставови или да играме „полицаец“ со цел да градиме нова публика со нови навики која наместо да чита и слуша, полесно ѝ е да гледа брзи видеа – reels, story… Оваа ситуација води кон тоа да добиеме апатична публика која тешко успеваме да ја „возбудиме“.

Овие два предизвика се услов за успешноста на одредени нови медиуми, но важно е и прашањето на време и место –  дел од нас тука кои имаат проблем со формата, се соочуваат со губење на публиката, а дел ја имаат токму поради тоа што се нашле во вистинкото време со или на, вистинскиот медиум. Доказ за тоа сме и ние самите кои, како образовна институција, преку неформалната едукација сме во вистинско време на вистинско место. Зошто на пример сме успешни и зошто имаме триста студенти во нашата Школа (Скала)? Ако ја однесеме сега истата Школа да речеме во Шведска којашто има развиено високо образование и успешно ги следи новите пазарни трендови или пак, не се соочува со економската ситуација во којашто сме ние, дали повторно и исто би биле успешни? Логично е доколку имате пазарна потреба за вашите производи и услуги да бидете успешни, затоа е и логично да имате публика. Повозрасната публика кај нас бара преквалификација за промена на нивната кариера со цел поголеми заработки, а помладата публика бара побрза форма на образование со цел што побрзо да влезат на пазарот на труд – затоа што можностите денес за работа и заработка се неограничени. Во овој случај, кога имате зголемена потреба и публика, имате и поголема одговорност. Опасноста е токму и во самата потреба –  во нашиот случај, да се дојде до брз начин на стекнување вештини коишто за кратко време ќе дадат високи резултати и заработки. Но, дали нашиот ум е подготвен за тоа? Какви очекувања им генерираме ние? Ако им ветуваме дека со нашите програми ќе станат експерти за неколку месеци, ќе создадеме нови проблеми во нашето општество. Затоа наше е да ја креираме медиумската слика вистинито, бидејќи нашите ученици се графички дизајнери, артисти, креативци и тие се идни генерации и публика, кои ќе креираат своја содржина и мислење. Затоа е многу важно да сме одговорни во начинот на којшто ја градиме довербата, што ѝ ветуваме на публиката и како влијаеме на нивната свест.



СКАЛА МАГАЗИН бр.2
КУПИ ПО ПРОМОТИВНА ЦЕНА

КОН ПРОДАВНИЦА

Учествуваа: Сребра Ѓорѓијевска [Умно.мк]; Тони Димков [Слободен печат]; Бојан Шашевски [Радио МОФ]; Русе Арсов [МКЦ]; Бранка Костиќ Марковиќ [Астрорум]; Сунчица Уневска [Филм+]; Небојша Вилиќ [УКИМ]; Крсто Златков [ИДТ - Скопје]; Славчо Темелковски [УСС УКИМ]; Петрула Вељановска [Македокс]; Слаѓана Вујошевиќ [ФДУ]; Александар Маџаровски [јутјуб: Читачот]; Сара + Мартин Анастасовски [подкаст: Културен подкаст]; Дејан Џолев [Скала.мк].


СЛЕДНО: ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [8] // Бојан Шашевски

ПРЕТХОДНО: ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [6] // Александар Маџаровски


Концепт на фотографија: Rêve à Deux [Дејан Џолев + Антонио Станков]
Фотографија: Дејан Џолев, Антонио Станков, Стефани Караџовска

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ