• Немате производи во кошничката.
биро брут-архитектура-лифт-скала-магазин-скала-школа

ВО ЛИФТ СО БИРО БРУТ


ЕДНАШ МЕСЕЧНО СО ЛИФТ ОДИМЕ НА ПРАКСА КАЈ МЛАДИ ПРЕТПРИЕМАЧИ, СТАРТАПЏИИ КОИ ДОПРВА ЌЕ ГО ОСВОЈУВААТ ПАЗАРОТ НА КРЕАТИВНИТЕ ИНДУСТРИИ.

Првото возење во ЛИФТ ни е заедно со Биро „Брут“, архитектонско студио коешто на нашиот пазар се појавува во мај минатата година. Биро „Брут“ е основано од младите и  амбициозни архитекти Борјан Менкиноски, Томе Димитриевски и Методија Ѓеорѓиев. Нивните архитектонски решенија се веќе препознаени и пофалени надвор од нашата држава, а ние успеавме одблиску да се запознаеме со нив, нивната енергична култура и  уникатен пристап кон дизајнот.

Влегуваме во лифтот, притискаме Даме Крапчев 11 и се транспортираме директно во канцелариите на Биро „Брут“… 

Утринска атмосфера, безброј растенија околу работниот простор и сончеви зраци коишто се влеваат во студиото. Природна и опуштена атмосфера, апсолутно потребна како надополнување на константниот притисок којшто е обично присутен во архитектонски фирми. Бевме поздравени со топли насмевки, привлечен амбиент и вистински ентузијазам за дизајн. 


Го испивме првото утринско кафе и направивме еден пријателски муабет со  Методија, Томе и Борјан. Ги запрашавме за нивните почетоци, како започна приказната на Биро „Брут“? 

БИРО БРУТ: Соработката во овој состав ни започна на еден меѓународен конкурс на којшто  работевме минатата година (за кој бевме пофалени, не наградени за жал) и тоа беше иницијалната каписла којашто ја започна оваа приказна. Инаку, се познаваме од минатото работно место коешто го делевме, работевме во иста фирма, па логичен чекор беше Биро „Брут“.
Официјален датум на основање на Биро „Брут“ стои 02 мај 2023-та година. Ќе ве викнеме на прв роденден!

Од роденденот на Биро Брут, ден потоа одиме на роденден во Скала! На 3 мај, 12 години Школа за дизајн и технологија 🙂



Низ разговорот со нив, дознавме дека покрај основањето на фирмата и дефинирањето на работниот простор, за нив најважен дел е формирањето на концепт, системот на работа и вредности. Токму затоа, Брут веќе има структуиран и симплифициран систем за прилагодување на идните вработени кон нивните принципи на работа. 

БИРО БРУТ: Вредностите на коишто сме посветени, се првенствено страст кон изградената околина. Преку вредна работа на нашите проекти, веруваме дека можеме да направиме чекор во правилна насока за подобрување на нашето опкружување. Страст кон она на коешто се работи!

Во нивниот простор, преовладува култура на соработка и разбирање, а ние како дел од нивниот утрински бриф-состанок, успеавме да ја воочиме квалитетната комуникација и организираност. Долж работниот простор,  сместена е една тркалезна маса на којашто многумина гледаат како маса за состаноци, но за нив тоа претставува место за дијалог, дебата и иновативност.

По распределбата на обврски, тимот на Биро „Брут“ и ние заедно со нив, се впуштивме во еден продуктивен работен период. Деталната и прецизна документација, богат графички јазик и безброј скиц-хартија со рачни цртежи кружат низ бирото. Нивниот дизајнерски пристап и философија подразбираат создавање на хармонични архитектонски дела. Ваквиот концепт вклучува детална анализа на опкружувањето на една локација, динамичен пристап, чувство за естетика инстантно забележливо по изборот на материјали, како и посветување време на сите архитектонски елементи коишто го сочинуваат проектот на разработка. 


Ги запрашавме кој досегашен проект за нив е особено значаен?

БИРО БРУТ: Би го истакнале станбено-деловниот објект на ул. Бриселска што за нас како проектантска фирма претставува основа за поставување на нашиот работен процес.
Станува збор за слободостоечки објект на аголна парцела, во мирно соседство. Проектантскиот предизвик беше да создадеме објект којшто покрај просторно-функционални квалитети, ќе поседува и доза на скулптуралност.

Секој проект е „жива материја“ сè додека не се решат сите поединечни елементи и архитектонски детали. Во процесот на проектирање е направена јасна сегрегација на внатрешните содржини, со квалитетни пропорции на сите поединечни простори. Квалитетот на архитектонскиот план е дополнително нагласен преку усогласена хармонија на надворешното обликување. Појавата на локални симетрии заедно со играта на светло и сенка, ја зголемуваат визуелната рамнотежа на севкупниот архитектонски израз.


зорица ставрова скала Академија за ентериер дизајн Скала - школа за дизајн!



На секој креативец му е потребно време за одмор и инспирација. Нашиот одмор се состоеше од мала прошетка и оброк во еден од околните локали во Дебар Маало. Разменувајќи мислења, секој за своето хоби и активности од интерес. Овој неформален амбиент го искористивме да ги прашаме за идните планови на Биро „Брут“…

БИРО БРУТ: Иднината се обидуваме да ја планираме, иако никој не знае што носи... Целиме кон квалитетно сработени објекти и најважното за нас, корисници кои се среќни! Објекти коишто ќе се користат, а не се само убави на око и на фотографија.



Секој аспект на ова студио е одраз на страстна посветеност на создавање функционални простори, раскажувајќи приказни коишто оставаат трајно влијание врз оние кои ги населуваат. 

Благодарност до Биро „Брут“, за нивната отвореност за соработка и позитивна атмосфера. Се гледаме на нивниот прв роденден, а дотогаш следете ги на нивниот инстаграм-профил.

Ова беше нашето прво ЛИФТ-возење, а веќе сме во потрага на нова пракса со којашто ќе откриеме како функционираат нашите креативци.


OТВОРЕН ПОВИК
РУБРИКА: // ЛИФТ

ПРИЈАВИ СЕ ТУКА
_____
Пишува и разговара: Зорица Ставрова [Академија за ентериер и продукт дизајн]
Фотографија: Ана В'чкова [Академија за визуелни уметности]
Асистент на фотографија: Немања Пејиќ [Академија за графички дизајн]
Дизајн: Андријана Антова [Академија за графички дизајн]

Skala // 12 години Школа за дизајн + технологија
www.skala.edu.mk

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ