8.03k
Драги Скалаџии,
Ова обраќање изминатите неколку месеци добиваше повеќе форми, но никогаш не собравме храброст да го споделиме со вас, поради надежта дека постои решение за сочувување на нашиот и ваш простор за едукација, информирање и промоција на младите и културата - „Скала магазин“. Пред да преминеме на заклучокот, би сакал да се навратиме на сите наши активности од првиот ден, 1 јуни 2020 година. „Скала магазин“ изгради целосен мултидисциплинарен простор на заедница од млади автори, поврзувајќи ги нивните искуства низ различни и целосно автентични форми: 1. Дигитален пишувачки медиум :: +20 неделни и месечни рубрики, од едукативен и информативен карактер [колумни, есеи, интервјуа, репортажи...]; 2. Печатени изданија :: 2 печатени изданија, високо квалитетна наративна и визуелна содржина на 3 типа на хартија и печат на голем формат 310х240мм, во 500 примероци од број; 3. ТВ студио :: +10 аудио-визуелни содржини во форма на: подкасти, кратки репортажни интервјуа...; 4. E-продавница :: На својата платформа, Скала има интегрирано своја е-продавница со +100 автори и +1.000 продажни уметнички артефакти, дизајнерски дела и сл.; 5. Галериски изложби :: „Скала“ ја врати публиката во галерија - затоа што уметноста припаѓа во галерија, а не на инстаграм! +100 Автори имаа можност да ги изложат своите дела на 8 „Скала“ изложби, коишто ги посетија +3.500 посетители. 6. Панел дискусии и отворени предавања :: Едукацијата и дијалогот се најважни елементи за развој на прогресивно и критичко општество. +10 отворени предавања и јавни дебати со еминентни универзитетски професори и професионалци од креативните индустрии. 7. Добро утро креативци :: Секој мај, го одржуваме Саемот за креативни искуства и размисли! Еднодневен настан за промоција на компании од креативните индустрии, автори уметници, дизајнери и занаетчии, со свој штанд + музика, изложба, панел- дискусии... 8. Корпоративни услуги :: Како дел од својата платформа, Скала нуди широк спектар на маркетинг и рекламни услуги, вклучувајќи: креирање на маркетинг стратегии, графички дизајн, фото и видео продукција… +20 компании од креативните индустрии ја искористија оваа можност за соработка. ЕПИЛОГ :: „Скала магазин“ изминатите неколку месеци го загуби чекорот. Каменот беше сѐ потежок [за причините нема да жалиме], но седнавме на скалички да вдишиме длабоко и размениме размисли. Заклучивме дека постојат две опции: да му го вратиме каменот на Сизиф и тој самиот да продолжи или пак, ние сите заедно да продолжиме да го тркаламе. Токму поради овие две причини, ова обраќање ја менуваше својата форма, но притисокот е сѐ поголем и ви должиме информација по којашто и ние сѐ уште трагаме, па затоа ви поставуваме прашање: Што очекувате од „Скала магазин“? Каков тип на продукција и содржина? Всушност дали воопшто е потребна за новата сцена или пак тоа е само наша интимна потреба? И колку од вас се подготвени да помогнат во туркањето на каменот и заедно да направиме многу повеќе? Доколку имате било какви предлози, идеи, желби, отворената дискусија може да започне, ве очекуваме со нетрпение! ЗАКЛУЧОК :: Сепак! Имаме каква таква одлука :) Додека се изнајде решение за опстанокот и уредувачката политика и организација, „Скала магазин“ ќе биде активна преку продукција на поткастот „Парк шема“, но исто така ќе биде и опсерватор на активностите на студентите од нашата Школа за дизајн и уметност „SKALA School“. Ве очекуваме! Колку поскоро најдеме заедно решение, толку побргу ќе започенеме со старо-нови активности. Дејан Џолев, Главен и одговорен уредник на Скала магазин.