• Немате производи во кошничката.
дејан џолев скала магазин

ЗА ДИЗАЈНЕРСКИТЕ РАБОТИ


Секогаш кога одам на бербер си го поставувам истото прашање. Како тоа берберот така едноставно прифаќа да ја обликува косата според желбата на клиентот? Такви графички дизајнери речиси и да не постојат, а не постојат и нарачатели/клиенти коишто не пенетрираат во идејата и процесот на дизајнерот. 


I. РЕЛАЦИЈА: ДИЗАЈНЕР-КЛИЕНТ


Мирослав Грчев е автор на дизајнот на македонското знаме. Барем така е официјално заведено и познато помеѓу нас, дизајнерите, но единствено проф. Грчев (дизајнерот) не мисли така. 

ГРЧЕВ: Доцното лето 1995 година, бев ангажиран од Владата на Република Македонија да направам студија со идејно графичко решение за ново државно знаме. Од првата фаза на студијата требаше да произлезат повеќе различни идејни решенија на знамето, од кои - во интеракција со нарачателот - ќе се избереше едно кое ќе биде прифатливо.(1) 

Брифот oд нарачателот/клиентот (државата) се состоел од две точки:

  • Новото графичко решение мора да се темели на истите бои како и во претходните државни знамиња – крваво црвена основа со златно жолта апликација;
  • Новото знаме мора да го содржи графичкиот симбол на сонцето како единствена апликација.

Проф. Грчев изработил 12 идејни решенија, од кои клиентот (државата) бил заинтересиран за едно од предложените. Процесот продолжил кон естетска корекција на најдоброто решение по предлог на нарачателот. – Во нашиот свет, тоа е познато како: „ова е супер, само малку полево“.


Усвоеното предлог-решение
ГРЧЕВ: Крстовидната стилизација на сонцето добиваше христијански конотации, што беше сосемa неприфатливо за нашата мултикултурна држава. На крајот од процесот на дизајнирање на знамето, беше јасно дека зраците мора да бидат со иста широчина и да оставаат впечаток на симетричност, радијалност и хармонија. Вака конструкциски и композициски уредено, сонцето зрачеше со хармонија и свежина, којашто требаше да ја совлада очекуваната инерција и отпор при прифаќањето.(2)

По усвоените предлог-насоки од страна на нарачателот, проф. Грчев (дизајнерот) го понудил стилизираното (дотерано) решение, симетрично, во формат 5:8.


Усвоеното предлог-решение по естетската корекција


Клиентот бил задоволен со ова решение. Проектот бил успешно завршен или барем тоа бил впечатокот на дизајнерот, но нарачателот/клиентот (државата) се дрзнал да направи дополнителни естетски корекции без да се консултира со дизајнерот.

ГРЧЕВ: Дента по усвојувањето на новото државно знаме, ме пресретна изненадување: донесеното знаме не е урамнотежената финална верзија во „златна“ пропорција, туку првичното сирово решение во форматот 1 : 2. Згора на тоа, некој, очигледно во последен момент, ги одвоил зраците на сонцето од дискот и ги оставил пресечени несмасно да се шират како штици. Јасно ми беше дека дизајнот беше жртва на ноќна „политичка дебата“.(3)


Конечно решение

Ова не е решение на Мирослав Грчев, ова е знаме приближно слично на предлог-решението од Мирослав Грчев.


II. ПРИМЕНА НА ДИЗАЈНОТ / УПАТСТВО НА БРЕНДОТ


Постои уште еден вечен дизајн-проблем, а тоа е како клиентот подоцна го применува дизајнот (или „негува“ брендот). Големите компании тоа го решиле преку „упатство на брендот“ или, популарно кажано „бренд бук“, којшто има за цел да ги претстави правилата на ликовните елементи и принципи при аплицирање на брендот (лого, логотип, симбол, типографија, графички елементи…) кон дадена дизајн-содржина. 

Македонското знаме (како и секоја друга хералдика, инсигнија или лого, логотип) е строго дефинирано.
Основни и непроменливи ликовни елементи и принципи на македонското знаме се:

  • сразмер: 1:2;
  • боја, според хексидецимален формат: црвена #D82126, жолта: #F8E92E.


АНОТАЦИЈА: Знамето на Република Македонија е црвено со златно – жолто сонце. Сонцето е со осум сончеви знаци кои се простираат од сончевиот диск, со проширување до рабовите на знамето. Сончевите зраци се вкрстуваат по дијагонала, хоризонтала и вертикала. Пречникот на сончевиот диск е една седмина од должината на знамето. Центарот на сонцето се поклопува со точката во која се сечат дијагоналите на знамето. Односот на ширината и должината на знамето е еден спрема два.(4)


Закон за употребата на грбот, знамето и химната на Република Македонија

Член 4 

Грбот и знамето на Република Македонија можат да се употребуваат само во формата и содржината што се утврдени со закон.
Во грбот и знамето на Република Македонија не може ништо да се впишува, односно испишува, ниту тие можат да се менуваат.(5)

Член 30

Глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе се изрече на правното лице ако:
2) ги употребува грбот и знамето на Република Македонија и ја изведува химната на Република Македонија во поинаква форма и содржина од онаа утврдена со овој закон.(6)


Да заклучиме народски – секое правно лице ќе биде казнето од 4.000 до 5.000 евра, доколку го употребува знамето на Република Македонија во поинаква форма од онаа утврдена.


III. ЕПИЛОГ


  1. Нарачателот/клиентот (државата) неетички (задкулисно), интервенирал во дизајнот по усвоеното предлог-решение за промена на македонското знаме.
  2. По усвојување на решението, утврден е визуелниот идентитет, потврден со Закон за знаме, но и покрај ова, знамето на Македонија може да се пронајде во најразлични варијации на формат, пропорција и боја. Со ова не само што го нарушуваме и онака нарушениот дизајн, туку е и правен прекршок!
  3. Продавниците за сувенири се пренатрупани со различни варијации на знамето (форма, пропорција, боја). Производителите и продавачите постои можност (и би требало) да бидат казнети според член 30 од Закон за знаме.
  4. Но најголем етички, правен и дизајн проблем е кога токму нарачателот (државата) ги прекршува усвоените правила.


Ова не е македонското знаме, ова е знаме приближно слично на македонското.


Приказ од свеченото подигнување на знамето на јарбол при влезот на Македонија во НАТО (со претставена пропорција на централниот круг од сонцето. Погледнете ја целата снимка од церемонијата.

P.S. 1997 година, бев кај баба и дедо на гости. Имаа црно-бел телевизор којшто постојано се губеше, но по силен удар на дрвената конструкција, ја враќаше сликата и тонот. Таа вечер, на централните вести на националната телевизија, видов човек (Ичо Гаврилов) којшто како во знак на протест, го газеше новото осум-крако знаме. Ичо Гаврилов веднаш беше уапсен и осуден на затворска казна. Дали тој ден Ичо го газеше државното знаме или нешто приближно слично на државното знаме? – Ова е вистинско правно прашање. Доколку е ова второто, го советувам господинот да ја тужи државата. 

P.P.S. Државното знаме беше сменето во 1995 година, по демант на Република Грција поради наводните „ексклузивни права“ на користење на симболот „ѕвездата од Кутлеш“, но хералдиката (наука за знамињата и грбовите), вели дека со промена на бојата и да се работи за ист амблем, композиција, веќе се работи за друг симбол или знаме, доволно е да се сетиме на знамињата на Финска, Данска, Шведска, итн.


Драги дизајнери, чувајте се од неписмени клиенти (државата). Косата ни побеле од нив, но и не можеме без нив. Време е за бербер.


___________________
ДОПОЛНУВАЊЕ:
Овој текст е аманет од првата средба помеѓу мене (авторот на текстот) и проф. Мирослав Грчев / 4.11.2011 Creative Exchange Meet up 2;
Овој текст е посветен на мојот професор по Хералдика и Инсигнии, проф. д-р. Бобан Петровски;
Овој текст е инспирација од сите дизајн предизвици изминатите безмалку две работни децении;
Овој текст е за државните работи и проблеми.


______________
РЕФЕРЕНЦИ:
1/ 2/ 3/ Македонски Хералд, бр. 5, јули 2011;
4/ Википедија: Знаме на Македонија;
5/ 6/ Закон за употребата на грбот, знамето и химната на Република Македонија.

Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ