• Немате производи во кошничката.
Skala-Feljton-Branka-Kostikj-Markovikj

ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [2] // Бранка Костиќ Марковиќ

Овој месец, секој работен ден, во 16 продолженија го претставуваме нашиот прв фељтон на тема „Нова публика и нови медиуми“. 

На 15ти декември 2022, Скала магазин ја прошири својата цел на делување, преку отворена јавна расправа. Фокусот беше кон медиумите, новите форми на информирање, трансформативноста на медиумите, генерациските пресеци и промени...

Вкупно 15 новинари, културни работници и универзитетски професори ги споделија своите ставови и размислувања. Настанот беше исполнет со разговори, дилеми, потпрашања, кафе, чоколадни колачиња, хумор и квалитетна дискусија која ја модерираше Ана Голејшка Џикова.


Ана Голејшка Џикова: Ќе се свртам кон застапеноста на културата, во однос на мерката за застапеност и одржување на тие вредности за коишто и дискутираме и сме овде всушност, во телевизискиот медиум. Па, Бранка, ти си ни претставник од телевизиско миље од коешто долго време се создавале музички емисии, поткрепени, со истражувачки обем. Прашањето ми е токму тоа: колку им е важна културата на програмските директори, телевизиите? Колку е тоа нешто за коешто се зборува или го туркаме ние, на „мускули“?


Бранка Костиќ Марковиќ [Еx Астрорум и Телма]: Во 90-тите години, кога започнував на медиумите, ја имав таа среќа во Телма да работам со луѓе од два клучни новинарски столба, со новинари од редакции коишто потекнуваа од Македонската радио и телевизија и Нова Македонија. Замислете, а тоа е сега незамисливо, тогаш, уредниците од Телма буквално се обратиле до Музичката академија за да најдат човек за телевизијата кој би создавал емисија за класична музика, за опера. Го консултирале професорот Гоце Коларовски за препорака.  Јас тогаш бев свежо дипломирана, со интересна јавна одбрана на којашто имаше публика, сум оставила впечаток и тој ме предложил. Бев повикана на класична аудиција на којашто имаше и други кандидати. Ме одбраа мене и иако претходно никогаш немав идеја дека сакам да работам на телевизија, се случи да се најдам во телевизискиот медиум. Многу сериозно се пристапуваше кон работата, се одеше по сите скалила – од репортер до новинар и уредник. Во тој период, во националната телевизија МТВ рапидно се намалија минутите за културни емисии, па Телма беше еден вид замена за гледачите желни за овој вид на програма. Работев со прекрасни луѓе, автори и професионалци, со директорот и самиот новинар Ристо Лазаров, Томислав Османли, Јагода Михајловска-Георгиева… Ми значи кога ќе ме истакнат како пример, но никогаш не ми годело кога ќе ми упателе комплимент дека сум единствена во дејноста, во медиумот, зашто немањето конкуренција, немањето критика како здрав коректор прави привид и ни дава лажна слика за фактичката вредност. На пример, во тоа време, токму забелешките од искусните новинари и од другите добри познавачи на материјата, но и на самиот јазик, ми беа едни од најдрагоцените. Корисните совети, како и „спуштањето“ и „кревањето“ на професионалното его во вистинските мигови од кариерата, се бесценети. Денеска, секој може сѐ, без никакви предиспозиции и капацитети. Тогаш беше важен и концептот и контекстот, хиерархиската поставеност, почитување на новинарските и техничките стандарди, а секако и културата на однесување и говорење. Целиот тој прекрасен период во кој медиумот нè градеше нас како личности и медиумски работници, но и период во кој ние го градевме медиумот, заврши со неговото полнолетство, кога по пензионирањето на тогашниот директор, дојде новиот и кој буквално ја укина целата културна редакција и ја претвори Телма во информативно-дебатна платформа за емитување на претежно живи емисии и купени програми. Со тоа, препознатливиот профилиран медиум каде што печат оставаше токму сопствената продукција, создадена со темелен пристап кон креирањето на содржините, во тој момент исчезна и онаа културна Телма остана засекогаш во аналите на културната јавност во земјава. Исто така, не можам и ден-денес да се помирам дека „пипл-метрите“ се одлучувачки за спонзорите.

Денес, медиумите не ја образуваат публиката, туку гледачите го образуваат медиумот. Најпогубното нешто е тоа бркање на прегледи, кликови и лајкови и она „Публиката тоа го бара“. Но, тоа никогаш не ме смени мене и мојот однос кон работата. Сфатив уште веднаш дека нема да правам компромиси со поставените стандарди. И за себе и за културата. А во однос на регрутирањето на нова публика, во дослух со новите услови на комуникација, само ќе се трудам да ги имплементирам новите технологии и да наоѓам нови начини како да ги спакувам нештата за да бидат поприемчиви за гледачите. Така, во пандемијата, мојот последен циклус интервјуа „Астрорум“ веднаш го префрлив онлајн  и тоа функционираше одлично. Инаку, со текот на годините, многумина ме советуваа дека треба да издадам книга од илјадниците телевизиски интервјуа со важни личности,  како што направија доста мои колеги, но јас, искрено не верувам во тој вид на трансфер од еден во друг медиум, бидејќи тие интервјуа се направени токму за тој медиум и тоа е нивната природна средина. Тие разговори имаат свој специфичен тек, живи се, флуентни, секоја фиксација во печатен медиум би ги претворила во скица во којашто ќе недостасува интонацијата, интеракцијата, моменталните чувства на прашувачот и прашуваниот и многу други „детали“.  Од друга страна, можеби и се во право кога се решаваат за печатена публикација, зашто на тој начин прават заштита на своите дела, кога веќе медиумите не го прават тоа. Еве јас, искрено не знам дали и колку има останато во архивата на Телма од она коешто сме го создавале сите ние од културната редакција, цели две децении. А се создаде цело богатство од ексклузивни материјали за личности и настани кои никогаш повеќе нема да се повторат.  Тоа што веќе цела година не сум медиумски активна, бидејќи лани беше прекинат циклусот „Астрорум“, сметам дека и не е толку голема штета за мене, колку што е за уметниците кои сѐ помалку имаат простор каде да говорат за своите дела и за самата уметност. За среќа, токму сега, додека трае оваа дебата, до мене седат прекрасни колеги кои сѐ уште ги држи новинарскиот и човечкиот инает да истраат и да ја одбранат културата во медиумите. Поголемиот дел за жал, или немаат простор или немаат знаење и не придонесуваат кон подобрување на состојбата во којашто се наоѓа културата. Голите информации за уметничките настани коишто треба да се случат или се случиле, на уметниците и културната публика не им значат ништо. Ним им требаат темелни опсервации, рецензии, елаборации, ревизија и верификација на досегашните творби и настапи, а секако и поттик за новите „подвизи“. Порано, навистина сме отворале многу значајни теми, сме критикувале и сме имале здрав однос со сите со кои сме соработувале во медиумот и на уметничката сцена. Сега сѐ е поинаку. За жал.



СКАЛА МАГАЗИН бр.2
КУПИ ПО ПРОМОТИВНА ЦЕНА

КОН ПРОДАВНИЦА

Учествуваа: Сребра Ѓорѓијевска [Умно.мк]; Тони Димков [Слободен печат]; Бојан Шашевски [Радио МОФ]; Русе Арсов [МКЦ]; Бранка Костиќ Марковиќ [Астрорум]; Сунчица Уневска [Филм+]; Небојша Вилиќ [УКИМ]; Крсто Златков [ИДТ - Скопје]; Славчо Темелковски [УСС УКИМ]; Петрула Вељановска [Македокс]; Слаѓана Вујошевиќ [ФДУ]; Александар Маџаровски [јутјуб: Читачот]; Сара + Мартин Анастасовски [подкаст: Културен подкаст]; Дејан Џолев [Скала.мк].


СЛЕДНО: ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [3] // Русе Арсов

ПРЕТХОДНО: ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [1] // Тони Димков


Концепт на фотографија: Rêve à Deux [Дејан Џолев + Антонио Станков]
Фотографија: Дејан Џолев, Антонио Станков, Стефани Караџовска

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ