• Немате производи во кошничката.
Небојша Вилиќ- Скала Магазин

ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [9] // Небојша Вилиќ

Овој месец, секој работен ден, во 16 продолженија го претставуваме нашиот прв фељтон на тема „Нова публика и нови медиуми“. 

На 15ти декември 2022, Скала магазин ја прошири својата цел на делување, преку отворена јавна расправа. Фокусот беше кон медиумите, новите форми на информирање, трансформативноста на медиумите, генерациските пресеци и промени...

Вкупно 15 новинари, културни работници и универзитетски професори ги споделија своите ставови и размислувања. Настанот беше исполнет со разговори, дилеми, потпрашања, кафе, чоколадни колачиња, хумор и квалитетна дискусија која ја модерираше Ана Голејшка Џикова.


Ана Голејшка Џикова: Сакам да го прашам професорот за искуството со 100-те статуси споделени на Фејсбук. Веројатно многупати Ве имаат прашувано зошто 100 статуси, од каде мотивацијата и зошто баш на Фејсбук?


Небојша Вилиќ [УКИМ]: Мотивација за работа имало секогаш, како што велеше еден мој професор: „Нашата професија е благословена, бидејќи нема потреба од работно место и работно време“. Нема место и време кога да се промислува уметноста, со други зборови. Понекогаш е и проклетство, затоа што не сакам секогаш да мислам на уметноста. Долго време во мојата кариера, се обидував да пишувам критика за дневни весници, се обидував на неколку места, но не го прифатија мојот предлог, уште и кога се продаваа весници. Во еден момент, се „залежав“, наставнички, по дома и почнав да пишувам. Што се однесува до академската кариера, нема веќе потреба да пишувам нешто, бидејќи имам звање коешто ми е до пензија. Но, има нешто внатре во мене…

Знаете како велат: се пишува од револт, се пишува од инает, од незадоволство. Никој никогаш не напишал нешто од ќеиф. Или барем јас не сум напишал. Тој пишувачки напор мора да има некакво оправдување, пример, ако се караш со некого. (И дека тоа можеби ќе стигне до некој –  дополнува модераторот). Ќе стигне, можеби не непосредно, туку преку медиумот преку којшто е пратен. Бидејќи ние сме една таква кафеџиска култура, информацијата сигурно ќе стигне, низ муабети, до луѓето. Така што побудата беше токму тоа. Тоа го напишав и во тој нулти-текст кога го започнав тој проект – ако веќе морам да бидам на ФБ, тогаш да му дадам некоја, некаква смисла на сопственото присуство на таа социјална мрежа. И конечно, како непоправлив учител и просветител, јас друго и не знам да правам. Да имав нива, ќе ја копав, но немам и бидејќи немам, сѐ што знам е да мислам и размислувам и да пишувам. Во првиот момент, не сфатив дека тој медиум го смени моето пишување. Не знаев како и каде да проверам дали ме читаат и тоа со лајковите ништо не ми значело, оти сум фаќал луѓе што лајкнувале, а воопшто не го прочитале текстот.

Знам дека вашата намера на оваа дебата е нова, млада публика, за мене таа публика на Фејсбук, неочекувано беа главно жени, постари и средовечни. Се шокирав кога сфатив според нивните коментари во инбокс дека сум им отворил видици – мислев дека таа генерација знае што е слика, што е скулптура… Особено беше хит текстот за Пикасо, имаше преку 1928 читања. Тогаш ја сфатив моќта на новите технологии и заводливоста на истите. Потоа, направив уште еден проект, со 30 текстови од 20, 30 страници, не сакав да се ограничувам и сега, со третиот проект, повторно се вратив на истото за инает на брзината и итноста на медиумот. Сега Фејсбукот ми е само транспортно средство до пдф-книшките, ама тие мора да се симнат за да можат да се читаат на раат. И двете имаат симнувања над 700 пати. Најсимнувата книга досега е „Силувајте го Скопје. Книга 2“ со преземање на 15 300 примероци. Дали е тоа подобар начин? Дали сум го пронашол најдобриот начин?… Тука нема млади да кажат, ама ќе ги прашам… На крајот, ние не можеме да направиме ништо, освен да бидеме во некаков консензус да ги почитуваме стандардите. Никој не веруваше дека ќе бидам читан на Фејсбук, но таа бројка којашто се покажуваше за читаноста, го демантираше тоа. Имаше и такви коментари дека ме читале дури и на мобилен телефон. Сепак, текст од 15 страници веројатно е и напор за читање.

Не сум умен како да се привлече публиката, затоа што мислам дека секоја генерација си има свој медиум и дека не можеме од различни генерации да го пронајдеме соодветниот медиум за комуникација со младите. По 15 години, ќе знаеме кој е медиумот којшто младите го смислиле и како тие ќе комуницираат. Дали ќе ги има овие вредности за кои ние се бориме сега? Не, нема да ги има. Меѓутоа, кое време ги има истите вредности? Да не се лажеме, пред 30 години имаше друг систем на вредности, сега има сосема друг. Ние може да жалиме, критикуваме. (И јас уште не сум сфатил дека постмодерната е завршена, можеби не сакам да прифатам дека е завршена – а пишувам од таа позиција.) „Колку лајка има пишаното/објавеното?“ – ако е тоа системот на вредности во којшто ќе функционира едно општество, тогаш тоа е тоа. Не е само преобразбата дека лајковите ја одредуваат вредноста, туку целото општество се менува и станува „лајкачко“, т.е се добива таа мериторност, мерило за нешто. Сите глава ве заболе од апликацијата на Министерството за култура, а ако ви кажам дека формуларот за Еразмус-програмата има 48 страници, вие може да кажете – не, нема да аплицирам и да хранам европска бирократија и да останете тука или да седнете и да аплицирате. Не ние, туку времето ја создава платформата и вредностите на коишто тие млади ќе искомуницираат.





СКАЛА МАГАЗИН бр.2
КУПИ ПО ПРОМОТИВНА ЦЕНА

КОН ПРОДАВНИЦА

Учествуваа: Сребра Ѓорѓијевска [Умно.мк]; Тони Димков [Слободен печат]; Бојан Шашевски [Радио МОФ]; Русе Арсов [МКЦ]; Бранка Костиќ Марковиќ [Астрорум]; Сунчица Уневска [Филм+]; Небојша Вилиќ [УКИМ]; Крсто Златков [ИДТ - Скопје]; Славчо Темелковски [УСС УКИМ]; Петрула Вељановска [Македокс]; Слаѓана Вујошевиќ [ФДУ]; Александар Маџаровски [јутјуб: Читачот]; Сара + Мартин Анастасовски [подкаст: Културен подкаст]; Дејан Џолев [Скала.мк].


СЛЕДНО: ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [10] // Сара Анастасовска

ПРЕТХОДНО: ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [8] // Бојан Шашевски


Концепт на фотографија: Rêve à Deux [Дејан Џолев + Антонио Станков]
Фотографија: Дејан Џолев, Антонио Станков, Стефани Караџовска

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ