• Немате производи во кошничката.
на скалички со крсто глигорјадис скала школа за дизајн

НА СКАЛИЧКИ СО КРСТО ГЛИГОРЈАДИС


ЕДНАШ МЕСЕЧНО, „НА СКАЛИЧКИ“ ГО РАЗГЛЕДУВАМЕ ПОСЛЕДНИОТ ПРОЕКТ ВО ПОРТФОЛИОТО НА СТУДЕНТ ПО ДИЗАЈН ВО „СКАЛА“.

Седнавме на скалички со Крсто Глигорјадис со цел да позборуваме за уметност, перформанс и независната сцена. Крсто е тековен студент на Академијата за визуелни уметности во „Скала“, а надвор од тоа, се занимава со сликарство, дизајн и со перформанс.

Неговиот последен перформанс „(Де)Конструкција на машкоста“, којшто го проследивме на независниот мултимедијален фестивал „Под земја полесно се дише“, беше повод за овој разговор.



За делото и идејата…


Делото (Де)Конструкција на машкоста е партиципативен ритуален перформанс којшто претставува вовед на серија перформанси. Овие перформанси ќе имаат за цел да поттикнат дијалог за човековото ментално здравје, управување на тензиите помеѓу општествените наметнувања, потребата од емоционално изразување и ранливост, како и патријархалните влијанија. Идејата доаѓа од потребата за разговор околу темата за машкоста и ткаењето на личното патешествие на уметникот преку истражување на овие процеси.


За инспирацијата…


При себеистражување и анализирање на трансформациите низ коишто поминувам, се задржувам на прашањата поврзани со машкоста и општествените норми коишто ја дефинираат. За да можам да ги разберам овие критериуми, нурнав во корените на нивното дефинирање низ историјата. Во интимниот простор на психата, вниманието ми го привлече историската појава на breeching ceremony којашто во својата симболика претставува напуштање на неутралната фаза во детството и облекување на момчињата во панталони за првпат. Освен што овој акт претставувал симболично пренесување на машкоста во момент кога детето ја достигнува својата зрелост, исто така се очекувало и од детето од тој миг да започне да се однесува машки.


За процесот на креирање…


При подготовка  на идејата, многу ми беше важно ова дело да започне како интимен ритуал којшто ќе ѝ дозволи на публиката да земе учество, односно од личен да стане колективен наратив. Истражувајќи ги симболиките на одредени елементи поврзани со машкоста, се одлучив да го користам моето тело, чекан и јаглен. Сакав да ја претставам волјата којашто е потребна за да се предизвика и одново да се дефинира машкоста, постојаната борба на човекот да се ослободи од стандардите, а да предизвикам и трансцедентално искуство коешто ќе поттикне разговор за емоционалната слобода. Процесот на креирање на овој ритуал траеше неколку месеци коишто вклучуваа физичка и психолошка подготовка за изведба на перформансот.


За медиумот…


Во мојата уметничка пракса, многу важен дел е процесот на креирање на делото, па затоа мојата врска со перформансот е мошне блиска. Чинот на споделување на лични искуства низ репетитивни акции дозволува целосно доживување на поривот на идејата и конфликтот на уметникот. Во однос на претставувањето на оваа идеја, сметам дека перформансот дозволи директна интеракција на публиката во улога на кокреатор на делото.



За искуството со фестивалот…


Да се биде дел од овој независен мултимедијален фестивал за мене претставуваше огромно задоволство. Алтернативниот избор на простор, слободата на изразување без ограничувања и тимот на фестивалот прават овој настан да биде ново искуство за уметниците во Скопје, но и за љубителите на уметноста. Следната година, овој фестивал ќе го доживее своето 10-годишно постоење и едвај чекам да видам што ќе ни подготви  тимот на фестивалот.



За идните творечки планови…


Во иднина, моите творечки планови се состојат од продолжување на низа истражувања за уметноста на процесите и трансформациите на човекот во општеството. Веќе подолго време, подготвувам голем број проекти и ги развивам преку експериментирање со различни медиуми и методи на изразување. Церемонијалниот пристап останува основен елемент во мојата работа, креирајќи значајни искуства и споделување со публиката.


_____
Пишува и разговара: Стефан Божиновски
Фотографија: Ана В'чкова
Асистент на фотографија: Стефан Божаров

_____
Видео реализација: Ана В'чкова, Стефан Божаров, Јана Голабоска, Димитар Ристевски, Тео Костовски, Наташа Латиновска, Михаил Митевски, Кристина Таневска, Немања Пејиќ, Ана Секуловска.

Продуцент: Дејан Џолев

Скала магазин
2024



Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ