• Немате производи во кошничката.
Бурџу Мусли, На Скалички, Скала Магазин

НА СКАЛИЧКИ СО БУРЏУ МУСЛИ


Еднаш месечно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад артист или студент по дизајн и уметност.

Овој напис е реализиран во рамки на проектот „Шест Скалички“ [повеќе тука].

Месецов седнавме на скалички со Бурџу Мусли, мултидисциплинарна авторка која со своите дела проникнува љубопитност во секој кој доаѓа во допир со нив.

Бурџу ја запознав на Факултетот за ликовни уметности, кадешто бевме колешки од сликарскиот оддел од различни генерации. Таа секогаш го привлекуваше вниманието со своите модни комбинации, кои пленеа со колорит и текстури на различни материјали. Оттука може да се забележи и нејзината заинтересираност за креирање на сопствени парчиња облека кои придонесуваат во истакнување на нејзиниот карактер.

Прв пат одблиску се среќавам со нејзиниот процес на создавање и размислување и можам да кажам дека сум крајно инспирирана!

Бурџу создава композиции од различни материјали и елементи, секој со своја цел и улога, комбинира техники и остава водилки да ѝ бидат интуитивноста и спонтаноста на процесот. Таа успева со навидум „наивна” игра на визуелни елементи да продре во феминистички теми ѝ ја става на пиедестал незаменливата женска енергија и автентичност на нејзиното битисување, таму каде што и заслужува да биде.


ПРОЕКТ: „Witch’ one is better?!“
МЕДИУМ: Комбинирана техника


За инспирацијата…


Пред сѐ, покрај тоа што подолго време создавам дела во врска со феминизмот, за овој проект исто така се инспирирав и од тоа што гледам како светот се оддалечува од длабокото и непознатото и станува површен и едноставен. До каде и кога би можел човек да бега од тоа што го чувствува? Вештерките не се страшни и никогаш не биле страшни. Зборот „вештерка” не е негативен збор. Тие жени коишто се нежни дами, а покрај тоа ги развиваат својата емоционална интелигенција и интуиција, според мене се вистински жени.

Жената не треба да биде само нежна, убава и питома. Жената може да има дејство на исцелител и многу да му помага на светот.

Жената има многу голема духовна сила која треба да ја искористи, а светот да не се плаши од тоа.


За процесот…


Кога создавам дело секогаш имам идеја за темата, но немам конкретна предходна идеја како би изгледало тоа дело. Ги создавам делата инстинктивно. При создавањето на делото секогаш добивам и дополнителни идеи. Се надоградувам. Можам да кажам дека  со почнувањето на процесот, никогаш не прекинувам со црпењето на инспирација.

Непредвидлива сум, но никогаш не сум несигурна. Може да се каже дека сум еден вид на колекционер. Кога сум одлучена да создавам уметност, собирам сѐ што гледам околу мене. Маскирам, сечам, лепам, шлакам, фотографирам, колажирам… Тоа го направив и за овој проект. Имавме многу интересни и забавни фотосесии со колегите од Скала Магазин кои ми овозможија многу добри услови, а концептите беа смислени од моја страна. Фотографиравме во студио или во природа. На дел од фотосесиите позираа пријателки, а јас фотографирав, на дел позирав јас, а ме фотографираа колегите од Скала. Потоа јас дигитално ги изработував фотографиите и создадов дела.



За делата…


Моите дела поседуваат многу моменти од мојот карактер. Без разлика дали е малку или многу, секое дело поседува делови од карактерот на уметникот. Нетрпелива сум, знам да носам брзи одлуки. Ми се менува брзо расположението. Поради тоа и имам многу шарени и забавни дела, освен понекогаш како што е последниот период кога се појавувам со мрачни дела.

Но, постои еден факт што мислам дека секогаш е ист во моите дела, а тоа е: храброста.


За љубопитноста…


Можам да кажам дека сум доста љубопитна. Запознавање со луѓе со разни интереси секогаш ми било најлесен начин за да си ја хранам љубопитноста. Ако станува збор за уметност пробувам да ги следам културните настани како концерти и изложби. Посебно сум заинтересирана за музиката и драмските уметности. Доста ми е интересно да дознавам постојано за нови групи и жарнови. Дури и понекогаш седам и истражувам на компјутер долго време и наоѓам многу добри музичари кои што не се многу познати, а треба да бидат. Дознавањето и читањето за поранешни уметници секогаш е најдобро, според мене. Особено визијата на поранешните режисери како Стенли Кјубрик или Жан-Лук Годард ми помагаат и јас да си ја развијам сопствената визија.



За Скала изложбите…


Учествував на четвртата изложба за визуелни уметности на Скала Магазин, на тема “Поларизација” со фотографија на која сум јас со тул на глава кој го имам сликано. Исто така, прстите ми беа обоени. Покрај тоа што сум јас на фотографијата, фотографирав со тајмер, експериментирајќи со едно зелено светло во мојата соба. Многу ми се допаѓа тоа што конкурсот на Скала Магазин не беше ограничен со многу услови и со тоа му дозволи на уметникот да експериментира како што сака.

Поради тој факт и изложбата беше шарена и полна со уникатни дела од различни стилови кои кога беа заедно во една просторија, сето тоа изгледаше лудо и забавно.


За минатите проекти…


Имам учествувано на многу групни изложби со слики и колажи како што беше изложбата што ја спомнавме од Скала Магазин. Или изложбата на Јапонскиот Фестивал „Нихонџи” којашто се реализираше во 2022 година исто во Паблик Рум. Имав 4 самостојни изложби со дигитални колажи. Првата самостојна изложба ми беше со наслов „Purgatory“ (2020 г.) во МКЦ, втората ја поставив во Старата чаршија со организацијата „Млади за Скопје“ (2021), третата во КСП „Центар-Јадро“ (2022 г.), на која втората верзија на оваа изложба ја реализирав во МКЦ.



За иднината



Како што и спомнав, сум доста непредвидлива. Почнувајќи со модерен дизајн, танц и професионално фотографирање, имам доста планови во врска со уметноста. Со истражувањето и надоградувањето секако ќе продолжам. Со фотографијата и колажирањето не планирам да прекинам, но во најблискиот период имам план да се навраќам малку и на сликањето. Сепак е многу рано за да кажам конкретно со што ќе се појавам понатаму.

















































_____
Пишува и разговара: Aна В'чкова
Фотографија [насловна]:Сара Фиданоска 
Асистенти на фотографија: Немања Пејиќ и Стефан Трпески



Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ