• Немате производи во кошничката.
На скалички со Љиљана Прентовиќ I Skala Magazine

НА СКАЛИЧКИ СО ЉИЉАНА ПРЕНТОВИЌ


Еднаш месечно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад артист или студент по дизајн и уметност.

Овој напис е реализиран во рамки на проектот „Шест Скалички“ [повеќе тука].


ПРОЕКТ: Шари
МЕДИУМ: Фотографија

Седнавме на скалички со Љиљана Прентовиќ, мултидисциплинарна артистка од Скопје.
Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Отсекот сликарство, додека во моментов е студент на пост-дипломски студии на истата катедра.

Маалски – Љиља, ја имам запознаено неколкупати. 

Првпат ја запознав токму на „Скала“ како хиперпродуктивна фотографка. Токму во оваа рубрика „На скалички“, разговор што го правеше драгата наша Марија Пејоска. Тоа беше напис со преку 3000 читања, само првата недела!

Подоцна, разбрав дека Љиља не е само фотографка. Разбрав дека активно се занимава со тетовирање и тогаш си ветивме дека ќе ми „чкртне“ нешто на десната рака. 

Потоа, се случи втората Скала-изложба за визуелни уметности [повеќе тука] и на поставката се појави масло на платно од Љиља, каде што повторно ја запознав, овојпат како сликарка. 

Четвртото запознавање се случи додека ја работевме насловната страна за „Скала магазин бр.38“ [повеќе тука]. Тоа беше тридневна дружба којашто се состоеше од нафрлање на заеднички идеи што треба да содржи насловната, фотографски тестирања на идеите, барање на соодветната облека по скопските трговски центри, шминкање кај Сим Салтирова и моите „безврска“ -идеи за тоа како треба да изгледа шминката и нејзиното слатко кученце, па и самиот сет едно разлигавено мартовско утро. И токму помеѓу сите тие таксиња, разбрав дека таа всушност работи и како графички дизајнер. 

Па затоа ми е најлесно да кажам дека Љиља е мултидисциплинарна визуелна уметница, која се обидува да опфати повеќе социолошки феномени преку комбинација на експресионистички и поп-артовски „линии“. 


За „Шари“…


Овие фотографии се дел од мојот инспиративен и креативен дух. Преку фотографија, сакав да ја искажам убавината на една личност која чувствува несигурност и ја покрива секоја несовршеност на себе и во себе. Да гледаме од иста точка, пегаво куче и девојка со витилиго. Многумина би дошепнале, би здогледале и прашале: „Зошто имаш шари по телото?”. Зошто да не ја погледнеме таа личност како што го гледаме прекрасното и уникатно куче- далматинецот. Па затоа и е овој проект „Шари”, да подадеме рака и прошириме убава порака за убав ден. Секој е посебен, прекрасен на свој начин, ние сме тука за да го издигнеме со убав збор.



За процесот…


Бев во потрага по личност која има витилиго, далматинец и девојка со пеги. Навистина беше предизвик да ги склопам сите заедно. Јас како голем љубител на портрети, автомобили и животни, на крајот од денот го добив тоа коешто го замислив.

Дефинитивно, поддршката кон секоја витилиго-личност да стане порака дека треба да престане нарушувањето на мирот на овие личности.


За медиумот фотографија…


Фотографијата е пред сѐ, нешто во коешто уживам додека го работам, обработувањето на фотографиите коишто можеби се нереални, но изгледаат моќно. Доколку ја согледаме разликата со сликарството, фотографијата можеш на полесен начин да ја изведеш.

За медиумот сликарство…


Јас како сликар, конкретно би рекла дека во сликарството има поголема слобода. Ти си авторот кој и да знае дека згрешил, делото ќе го прикаже дека со причина го насликал така.   

За Скала изложбите…


Изложбите? Најдобро нешто каде што може да се дружиме, споделуваме идеи и креативно изразување. Имам учествувано на три Скала-изложби и ми беше чест што моето дело беше избрано. 



За иднината…

Да се посветам повеќе на сликарството. Се надевам првично за изложба, па сѐ останато.










































OТВОРЕН ПОВИК
7-ма СКАЛА ИЗЛОЖБА: // ЗА ВИЗУЕЛНИ УМЕТНОСТИ

ПРИЈАВИ СЕ ТУКА


_____
Пишува и разговара: Дејан Џолев
Фотографија [насловна]: Немања Пејиќ



Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ