• Немате производи во кошничката.

БЕНКСИ ПРОТИВ СИТЕ

Овој текст ги обработува разликите помеѓу трговска марка и авторско право преку анализа на случајот во врска со делото „Фрлачот на цвеќе“, на светски познатиот уличен артист Бенкси.


I.


Кој е Бенкси?

Бенкси – псевдоним на уличен артист, политички активист и режисер од Англија, чиј идентитет останува непотврден. Својата кариера ја започнува во 90-титe, на улиците на Бристол каде што создавал графити со слободна рака (free hand graffiti). Во тогашниот период, негова инспирација биле локални графити-уметници и артисти како: Ник Вокер (Nick Walker), Инки (Inkie) и 3Д (3D).

Веќе во 2000-тите, се насочува кон создавање на графити со претходно креирана матрица (stencilling technique), изјавувајќи дека ваквата техника му овозможува полесна и побрза креација на неговите илегални дела како што се графитите. Првиот познат голем ѕиден мурал на Бенкси „The wild wild west“ по којшто станал препознатлив е насликан во 1997 година, на којшто е прикажано кадифено мече како држи молотов коктел насочен кон тројца полицајци. 


Палетата на дела на Бенкси вклучува впечатливи и хумористични слики вообичаено комбинирани со слогани. Темите околу коишто Бенкси го заснова своето творештво се со антивоена, антикапиталистичка и анти-естаблишмент порака. Сакајќи да ја изрази својата идеја на препознатлив начин, најчести субјекти на неговото творештво се стаорци, мајмуни, полицајци, војници, деца и постари лица.


Бенски против кралицата

За да го искаже својот бунтовнички дух, во август 2004 година, Бенкси изработува лажни британски банкноти од 10 фунти, заменувајќи го ликот на кралицата Елизабета со ликот на принцезата Дијана од Велс, оставајќи свој препознатлив печат со менување на текстот на истите од „Банка на Англија“ (Bank of England) во „Бенкси од Англија“ (Banksy of England). Овие банкноти биле фрлени врз толпа луѓе на карневал во Нотинг Хил, кои дури се обиделе да ги потрошат во локалните продавници. Несомнено, овде мораме да го споменеме следниот интересен правен факт – со ваквата акција, тој го сторил кривичното дело фалсификување пари според Актот за измама и фалсификати на Велика Британија. 



Бенкси и неговата потреба за (уништување) уметност

„Going, going, gone…“ – е реченицата со која Бенкси го започнува своето објаснување за потребата од уништување.

Во октомври 2018, едно од делата на Бенкси „Девојчето со балонот“ е продадено на аукција на Sotheby’s во Лондон за 1.04 милиони фунти. Веднаш по завршување на наддавањето, вграден аларм во делото бил активиран и платното на коешто се наоѓало делото, се спушта низ сечила, оставајќи го делото половина исечено на неколку парчиња. Подоцна Бенски објавува видео на својот инстаграм-профил со погоре наведениот текст, додека по продажбата аукциската куќа потврдува дека самоуништувањето на делото е шега режирана од самиот Бенкси. Тој исто така, објавува и видео во коешто го објаснува создавањето на механизмот за уништување на делото.

Според него, идејата зад овој механизам е „заштита“ на делото во случај истотото да биде дел од аукција. Неговото оправдување? – Погрешно цитирана изјава на Пикасо, којашто, всушност се препишува на Михаил Бакунин (руски револуционерен социјалист и анархист) којашто гласи: „Потребата да се уништува е исто така, еден вид на креативна потреба“. Со сето ова, тој сакал да го изрази својот критички став кон консумеризмот, којшто владее со светот денеска. Појава за којашто, според Бенкси, нема место во уметноста, бидејќи нејзината вредност не треба да биде вреднувана во пари.

Жената која победила на наддавањето за делото, решава да го прифати делумно распарчено и истото по овој настан добива ново име – „Љубов во корпа за ѓубре“. Половично уништеното дело наводно е продадено за неверојатни 25.4 милиони долари.


Изоставен во Венеција

Во 2019 година, Бенкси е избркан од најпознатиот плоштад во Венеција за време на Venice Biennale, поради обид за продавање на своите дела без соодветна дозвола. Уметникот објавил видео на инстаграм во коешто неидентификуван господин кој се претпоставува дека е Бенкси, на градскиот плоштад Свети Марко, се обидува да продава дела без дозвола. Ваквата објава е придружена со типичен Бенкси коментар: „Го поставувам мојот штанд на Venice Biennale. И покрај тоа што е најголемиот и најпрестижниот настан во светот, поради некоја причина, јас не сум поканет“.


II.


Правните битки на Бенкси – „Авторските права се за губитници, но може ли да бидам губитник?“

Во духот на своето анти-естаблишмент творештво, во една прилика, Бенкси изјавува дека авторските права се за губитници. 

Но, во духот на неговата наклонетост кон иронија, сепак посегнува кон барање за заштита на права од и.с. пред Канцеларијата за интелектуална сопственост на ЕУ (ЕУИПО). 

Барањата, веројатно по совет на неговите адвокати, бараат заштита на право од индустриска сопственост (трговска марка), а за некои од неговите дела. Поднесените барања се одлично издражни, по што ЕУИПО му доделува право за заштита на трговска марка за неколку од делата. 


Меѓутоа, неговата популарност во тој период придонесува да биде следен од голем број лица од сцената. Така, компанијата ФУЛ КОЛОР забележува дека Бенкси и не ги почитува баш условите за користење на заштитена трговска марка, со што започнува против него правен спор пред ЕУИПО. Истата поднесува неколку тужби против Бенкси пред ЕУИПО, со цел поништување на заштитените трговски марки. Таков е и случајот за неговото дело „Фрлачот на цвеќе“, во којшто ФУЛ КОЛОР бара одземање на правото на трговска марка поради неколку причини. 


Страни во правниот спор: 

Тужител/Апликант – ФУЛ КОЛОР
Тужен/Носител на трговска марка – Бенкси, застапуван од ПЕСТ КОНТРОЛ


Аргументи на тужителот: 

Според тужителот, со поднесувањето на апликација за заштита на ова дело со трговска марка, претставниците на Бенкси постапувале со mala fide (лоша намера). 

Бидејќи не постои официјално признавање на авторското право на начин како што тоа е предвидено за трговската марка и сметајќи дека делото не може соодветно да го заштитат преку авторско правo, тие, со идеја да го изиграат системот, посегнуваат по заштита на истото со трговска марка.

Делото за коешто станува збор е едно од најпознатите дела на Бенкси и истото е широко репродуцирано од страна на голем број трети страни. Исто така, тужителот наведува дека тужениот, истата никогаш не ја ставил во промет. Според тужителот, делото-предмет на регистрација е графит нацртан на јавно местo и како такво било достапно да биде фотографирано од широката јавност и со тоа да биде широко распространето. Воедно, Бенкси изјавил дека дозволува трети страни да го користат неговото дело и дури обезбедил верзии во висока резолуција од ова дело на неговата веб-страна и воедно ја повикал јавноста да го симне и да создава свои продукти, користејќи го истото. 

Исто така, тужителот земал предвид дека во својата книга „Wall and Piece“, Бенкси изјавува дека авторските права се за губитници и дека јавноста е морално и легално слободна да репродуцира, менува и на било кој начин користи авторски дела коишто ѝ се презентирани од трети страни. Според него, Бенкси, претставуван од носителот на трговската марка, бил свесен за ваквата репродукција на своите дела уште од 2007 год., при што истата била надвор од негова контрола. Иако на неговата веб-страна Бенкси тврди дека други компании го користеле знакот без негова дозвола за комерцијални цели, носителот на трговска марка нема поднесено никакви докази дека се обидел да се заштити против ваквото наводно неосновано користење на знакот, со што специфичните добра и услуги за коишто тој има добиено заштита долг период, се дел од екстензивна употреба во трговскиот промет. 


Со што тужителот заклучува дека Бенкси на никој начин не ги користи сликите за коишто има побарано регистрација, вклучувајќи ја и марката, предмет на овој случај. Воедно, тужениот не изнел целосно издржани причини за поднесување на апликацијата, ниту пак навел дека има или имал намера да ја користи заштитената слика како трговска марка. Напротив, тој тврди дека трговската марка била регистрирана со цел да се заштити делото, бидејќи истото не би можело да се заштити со други соодветни права од интелектуалната сопственост. Тужениот започнал со употреба на знакот по започнувањето на оваа постапка и признава дека употребата на знакот била лажна основа со цел да се нарушат моменталните постапки коишто се водат пред ЕУИПО.


Аргументи на тужениот – Бенкси

Бенкси тврди дека тужителот не поднел соодветни докази дека регистрацијата на трговската марка била поднесена во mala fide. Спротивно на она што го тврди тужителот, поднесените докази не докажуваат дека тој дал целосна слобода нa јавностa да ги користи неговите авторски права преку репродуцирање на неговите дела. 

Не постојат докази дека Бенкси дозволил некомерцијална употреба на неговите дела, туку само некомерцијална употреба на слики од неговите дела. Носителот на трговска марка тврди дека голем број на уметнички дела се регистрирани како трговска марка во ЕУ и истиот нуди примери на случаи во коишто ваквата заштита се јавува како општа практика. Според Бенкси, регистрацијата на трговска марка за заштита на овој знак е легитимна цел, а не апликација поднесена во mala fide со цел заштита од злоупотреба на знакот од трети страни. Како одговор на аргументите на тужителот, носителот тврди дека јавната достапност на знакот не треба да биде основа за одбивање на регистрација на трговска марка, бидејќи во таков случај, ништо не би можело да се заштити со овој правен концепт.

Изјавите на Бенкси против авторските права не му оневозможуваат да биде носител на истите. Тужителот не приложил докази коишто ја ставаат под знак прашалник валидноста на регистрацијата на трговска марка во релевантниот период. Доказите поднесени од тужителот се апстрактни и се поврзани со Бенкси и неговата работа во целина, а не со трговска марка, предмет на овој случај. Земајќи ги предвид сите релевантни факти на случајот, јасно е дека апликацијата за заштита на трговска марка не била направена во mala fide и дека однесувањето на тужениот било во согласност со прифатените етички принципи и чесните комерцијални и деловни практики.

Тужениот имал намера истата да ја користи и ова се гледа од фактот дека аплицирал за заштита на трговска марка. За спорната трговска марка постои презумпција на валидност и одредувањето дали истата е валидна треба да биде разгледувано исклучиво во време на поднесувањето на апликацијата за заштита.


Одлука на ЕУИПО

Според одлуката на ЕУИПО, трговска марка се прогласува за невалидна кога тужителот дејствува во mala fide при поднесување на апликацијата за заштита. Но, не постои прецизна легална дефиниција за овој поим. Ваквото дејствување е субјективно и различно дефинирано од случај во случај. Како генерално правило, намерите сами по себе не подлежат на правни последици, со што за утврдување на постоење на mala fide потребно е определено дејствување од страна на тужителот.

Целта на трговска марка е да им овозможи на потрошувачите да го идентификуваат комерцијалното потекло на добрата и услугите со цел да ги разликуваат овие добра и услуги од оние на другите компании. Од разгледувањето на поднесените докази од двете страни, произлегува дека во времето на поднесувањето на апликацијата за невалидност на трговската марка, носителот на истата никогаш не рекламирал или продал било што од добрата заштитени со спорниот знак. Воедно, во периодот од 2010/11 година, на веб- страната на Бенкси биле објавени изјави во коишто се тврди дека сите слики се достапни за преземање само за лична употреба. Бенкси исто така, изјавува дека не поддржува заработка од продавање на честитки, маици, чаши, со што не постојат никакви докази дека Бенкси произведувал, продавал или нудел добра и услуги под заштитената трговска марка, ниту пред, ниту по поднесувањето на оваа апликација. Бенкси започнал со продавање на добра по поднесувањето на оваа апликација, видливо од отварањето на продавница од негова страна. Со негови зборови, тој не се обидел да влезе на пазарот, туку само сакал да ги исполни условите за заштита на трговска марка. 

Апликацијата за заштита на овој знак како трговска марка била поднесена на 07.02.2014 г.  Доказите покажуваат дека носителот на трговска марка не продал ниту едно добро или услуга под овој знак сѐ до започнувањето на оваа постапка.

Според ЕУИПО, за да постои дејствување во mala fide потребно е да не постоела никаква намера кај тужениот истата да ја користи и дека апликацијата била поднесена само за нарушување на интересите на трети страни со однесување несоодветно со етичките деловни практики. Намерата зад заштитата на „Фрлачот на цвеќе“ е јасна – заштита на анонимноста на Бенкси, а не употреба на знакот за комерцијализација на добра или нудење на услуги под заштитениот знак.

Според одлуката на ЕУИПО, тужителот успешно го докажал дејствувањето во mala fide од страна на Бенкси.

Трговска марка, предмет на овој случај, била поднесена со цел Бенкси да се стекне со определени права над знакот „Фрлач на цвеќе“, со оглед на тоа што не можел да се потпре на авторските права за таква заштита, но тоа не е функција на трговска марка. Јасно е дека Бенкси немал никаква намера да ја користи трговска марка во времето на поднесувањето на апликацијата.

Поради ова, однесувањето на тужениот е неконзистентно со чесните деловни практики, со оглед на тоа што истиот немал намера да ја користи трговска марка на начин предвиден со правото на ЕУ.

Според ова, одделот за поништување на трговска марка заклучува дека апликацијата е целосно успешна и спорната трговска марка треба да биде прогласена за невалидна во поглед на сите оспорени добра и услуги.



III.


Правни заклучоци

Разликата помеѓу авторски права и правата од индустриска сопственост е во тоа што авторските права ги уредуваат правата на авторите над своите авторски дела наспроти правата од индустриска сопственост, што се права од интелектуални творби од областа на индустријата и трговијата меѓу кои и трговската марка.

Уште една разлика во поглед на авторските права и трговската марка е тоа што во моментот на материјализација на идејата за авторското дело (во неговата внатрешна или надворешна форма), авторот стекнува право на заштита над неговото авторско дело или авторско право што значи нема потреба државен или друг орган да го признае авторското право. Наспроти тоа, кај правата од индустриска сопственост е потребно признавање на правото од страна на соодветна национална, регионална или меѓународна институција (како што е ЕУИПО) којашто треба да донесе акт за признавање на правото на трговска марка. 

Притоа, со трговска марка се штити знак којшто може графички да се прикаже и кој е подобен за разликување на стоките или услугите на еден учесник во прометот од стоките или услугите на друг учесник во прометот.

Барањата на Бенкси за заштита на неговите дела под концептот на трговска марка се прифатени од страна на ЕУИПО, со оглед на тоа што истиот во својата апликација ги наведува сите потребни податоци меѓу кои и листа на добра и услуги коишто ќе бидат пуштени во промет со знакот заштитен како трговска марка. Токму поради ова, во рамките на ЕУ се регистрирани неколку трговски марки за делата на Бенкси.

Во реалноста, Бенкси воопшто не ја искористил трговската марка во прометот на стоки и услуги. Според Регулативата за трговска марка на ЕУ, доколку истата не се користи во прометот, трети лица може да ја оспорат врз основа на неупотреба. Регулативата утврдува дека регистрираната трговска марка мора да се стави во вистинска употреба во рамките на Европската Унија во периодот од пет години по нејзината регистрација. Во случајот на „Фрлачот на цвеќе“, според изведените докази, ЕУИПО правилно утврдила неупотреба на трговската марка со оглед на тоа што истата била регистрирана во 2014 година, а до моментот на оспорување на трговска марка изминале 5 години во кои Бенкси и неговите претставници истата никогаш не ја ставиле во промет.

Делата на Бенкси се поставувани на најразлични локации низ светот во период подолг од две децении и денес сѐ уште се популарни и релевантни, со што неговото влијание во светот на уличната уметност е несомнено. Но сепак, она со што сите би се согласиле е дека наспроти неговата брилијантност во уличната уметност, почитувањето на законските прописи не е негова најсилна страна, со што, согласно претходно изведените факти, одлуката на ЕУИПО е целосно правно и легитимно издржана.  

Обидите за заштита на неговите дела преку трговска марка најверојатно и понатаму ќе останат неуспешни, бидејќи идејата зад овој концепт не е она што Бенкси сака да биде. Иако основата на овие правни концепти е заштита на создадените уметнички дела, сепак обемот и карактерот на оваа заштита останува во рацете на надлежните институции во рамките на правниот систем.

_______
Фотографија: Дејан Џолев
Илустрација: Андреј Павлов [реконтекстуализација на „фрлач на цвеќиња“ – Бенкси]

Ангела Николовска и Анастазија Велкова се правници со тапија! Огромни љубителки на уметноста и дизајнот. Ангела е наставен координатор (горда класна) при Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“, додека Анастазија е на постдипломски студии по Меѓународно право и односи и право на ЕУ, а воедно работи и како приправник при Адвокат Кристина Крагујевска.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ