ИМПРЕСИИ // ЗДРАВО МЛАДИ #11
1.75k
По една долга облачно-сончева и врнежлива „мартовска“ недела, август конечно одлучи да се врати кон својата автентичност и да нѐ почeсти со одлична фестивалска атмосфера. Под чисто небо, свеж воздух, со висока посетеност, енергетичност, богат репертоар и се разбира според сите протоколи, се реализираше уште едно, 11 издание на „Здраво млади“.
♡
Крај на август, сончево попладне, часовникот отчукува точно 18 часот и паркот МКЦ конечно може да ги отвори своите врати за посетителите на фестивалот. Според сите протоколи: маски, пунктови за дезинфекција и според најновиот тренд, задолжителни сертификати за вакцинација, еден по еден се пропуштаа од најмлади до млади во духот, посетителите на фестивалот.
Нешто помалку од час подоцна, а публиката веќе полна, се исчекува почетокот на фестивалот, а првиот бенд полека се подготвува да исчекори на сцена. Точно во 19 часот, Луфтанза смело ја заземаат бина 1 и официјално го отвораат фестивалот. Журката конечно може да започне! Висок адреналин, младост и смелост владее на бината. Овој бенд, иако првпат настапува во МКЦ и е нов на сцената, веднаш ја освои публиката со своите психоделично – рок мелодии и за брзо време, сите се најдоа себеси играјќи и гласно пеејќи ги стиховите на нивните песни.
По незаборавниот прв концерт на Луфтанза во МКЦ, тие нѐ испратија со топол поздрав и широки насмевки, а забавата ја продолжија во публика, додека од другата страна на бомбата, на бина 2 нѐ пречека Blackstate или Филип Тасевски – Фиц. Длабоки мелодии и музичка хипноза нѐ поведе во светот на Тасевски.
♡
Соседите, од Белград, KOIKOI, следеа после успешниот настап на нашиот Фиц. Триото ја обедини толпата, успевајќи да го разигра секој присутен, истовремено будејќи фантазмогени чувства на носталгија со својот склоп од рок мелодии со популарни музички трендови, низ коишто симултано се провлекува и по некоја нишка асоцијација на српскиот фолклор задржувајќи ја автентичноста на нивните корења.
♡
По сентименталниот настап на KOIKOI, на бината од спроти нѐ чекаше самоуверен, пост-панк или инди-рок настап за паметење на шпанскиот бенд Белградо. Со специфичниот стил, игра, сценско држење и харизматичната фронт-вокалистка ја шармираа целата публика, усвојувајќи ги нивните танцови движења и целосно препуштајќи се на секоја нота на склопот од гитара, бас, тапани и продорниот вокал на Patricya.Настапот се затвори со громогласен аплауз, а публиката, сѐ уште жедна, брзајќи се движеше назад кон бина 1, нетрпеливо исчекувајќи го настапот на Murman.
♡
Tsuladze. Бенд кој со својот спој на африкански, француски и грузиски мелодии, на својот летачки килим колективно нѐ поведе во сосема нов свет, свет за којшто велат дека повеќе не постои.Откако се спуштивме од летот на летачкиот килим, на земјата нѐ пречекаа Искра.
♡
Искра – уште едно „светско, а наше“, искра од еуфорија, искра од иновативност и искра надеж за нашата модерна музичка сцена. Духот во којшто нѐ оставија Murman Tsuladze, Искра само го интенсифираа. Електронската музика во комбинација со анимациите, ја оставија публиката воодушевена до самиот крај.
♡
Пеки Пеле е хрватскиот музичар со мистериозен идентитет, кој се наоѓа некаде во меѓупросторите на попот и панкот. Препознатлив по својот стил на облекување, а и музика, кој наликува на 80-тите, тој настапи како дуо или можеби повеќе како група од четворица ако ги броиме и двете кукли – дел од сценографијата. Иако првпат настапува на наша сцена, со своите искрени и певливи текстови заедно со впечатливите мустаќи, безизбежно беше да ѝ се допадне на публиката.
♡
Скоро е 12 часот на полноќ и стопалата веќе почнуваат да се уморуваат, но духот останува незаморлив. Со голема возбуда, врисоци толпата на „Здраво млади“ ги добредојде Shortparis. Рускиот бенд кој својот перформанс го отвори на најнеобичен начин, со фронтменот Николај Комиагин, висејќи и пеејќи од металниот столб на бината, приредувајќи повеќе од настап. Тоа беше шоу, експериментално - ритуалистичко доживување, проследено со специфичен танц, вокали и звук којшто не се заборава.
♡
Hercules and love affair нѐ презеде на истата бина каде што нѐ поздравија Shortparis. Тоа е еден од фаворитите на македонската публика кој после ексцентричниот настап на рускиот бенд, ни дојде како една длабока воздишка, додека сѐ уште вешто успеваше сите да нѐ одржи на нозе.
♡
Крај на вечерта, некаде после 2 часот и триесет минути и веќе мислиш дека повеќе немаш сила во себе и тогаш на фестивалската бина излегува DJ Fitz. На целиот умор, самата појава на Фитц на сцената донесе нов бран енергија во публиката. Со интернационални и игриви звуци, разбуди нови сили во нас и возбуда иста каква на почетокот, за едно незаборавно заокружување на крајот на уште едно издание на фестивалот којшто на сите нас ( особено во едно вакво време ) ни беше повеќе од потребен.
До наредна година, останете млади! ♡ ♡ ♡
______
АВТОР: Ана Иљоска
ФОТОГРАФИЈА: Ана Иљоска
ФОТОГРАФИЈА [Луфтанза]: Магдалена Донеска