• Немате производи во кошничката.
скала изложба

Импресии // Четврта „Скала“ изложба


Во време на дигитализација и алиенација, на секој аспект од нашите животи, па дури и социјалниот и уметничкиот, ние Скалаџии, се обидуваме да се вратиме на основните човекови потреби, социјализација и размена на искуства и размисли во физички простор, онаму каде што природно припаѓаме, во галерија. Со таа цел, ја организиравме четвртата Скала изложба за визуелни уметности.

Пишува: Ангела Бошкоска

   
„Поларизација на светлината. Осцилации. Вибрации. Елиптичнa. Линеарнa. Кружнa поларизација. Светлосни бранови. Електрична поларизација. Негативни јони – позитивни јони. Поларизација или разгранување на две страни. Црно – бело. Јужен Пол – Северен Пол. Политичка поларизација. Леви – десни. Либерали – конвервативни. Националисти – космополити. Демократија – автократија. Општествена поларизација. Дихотомија, дуализам, поделеност на богати и сиромашни. Религиозни – секуларни. Ваксери – антиваксери. Наши и ваши. Драчево – Ѓорче Петров.“


Започнувам со зборовите на уметницата Гордана Вренцоска, која воедно е и долгогодишен дизајнер, едукатор и пишувач на научни и стручни трудови и дела, чии зборови ги забележав штом влегов таму, во просторијата со розова брендирана врата на којашто воочливо се пишани буквите S K A L A   M a g a z i n e, која се наоѓа во рамки на „Паблик рум“.  



Од пристигнатите 67 дела, како што информира селективниот тим составен од верни познаници и почитувачи на уметничката творба (Гордана Вренцоска, Дејан Џолев и Андреј Павлов), беа избрани 25 автори: Ана В’чкова, Ана Марија Мишачковска, Бојан Стојкоски, Благојче Бане Наумоски, Бурџу Мусли, Вања Кашавелска, Вероника Петрова, Викторија Поповска, Владимир Илиевски, Дамјан Ристевски, Душко Ичев, Иван Ивановски, Ивана Николовска, Ивана Темелкоска, Љиља Прентовиќ, Мануела Златкова, Мартина Салова Чешновар, Мелиса Захитовиќ, Методија Јованов, Тамара Блажевска, Симона Мирчевска, Сокол Марковски, Столе Китановиќ, Филип Ицовски и Флета Селмани, чии дела најсоодветно ја доловуваат смислата на сето она што може да означува поларизација + Dj сетот на Митрик Александар.



Бидејќи пристигнав порано, видов дека и други го сториле истото и некако сите го чекаа моментот кога ќе се отвори вратата на уметноста на четвртиот ден од неделата, в четврток на четвртата СКАЛА-изложба. Влегуваме, сите заедно, но сите посебно, секој пар очи шара и цели кон нешто различно. Јас отидов директно кон поставениот панел на којшто со големи букви се опишуваше поларизацијата. Кога застанав пред објаснението, за момент фрлив поглед преку рамо и околу мене и веднаш ја забележав. Разноликоста и уникатноста на самата поларизација којашто проструи низ галеријата. Не можев да не се насмевнам, а потоа фокус кон зборовите. Ме исполнија, како што ме исполнуваше глетката кон луѓето кои на различни возрасти, а во толкав број се собрале на едно место и разгледуваат, се смеат и разговараат. 

Добро, се разбира дека прво преминав кон делата, си го фатив редот како што секогаш го започнувам – од десната страна, вртам круг во квадратната просторија и завршувам на истото место. Се изненадив кога видов фотографии, мислам онаа на Иван Ивановски и таа на Мартина Салова-Чешновар. Да не знаев ништо за темата на изложбата, ниту за воведните зборови, ќе разберев што сака да ни претстави и тоа е навистина убаво чувство. Тие што знаат, знаат. 



Потоа, застанав пред сликата на Мелиса Захитовиќ, насловена „БУДЕЊЕ“ и не можам да не се навратам на зборовите на гореспоменатата уметница, која рече: „Замислете како наутро стоите на брегот на едно убаво езеро. Пред вас се случува визуелна сензација. Сончевите зраци веќе ја галат површината на водата и создаваат светлосни треперења и отсјај. Отсјај. Колку убав збор. Одблесок. Рефлексија. Зракот патувал сто и педесет милиони километри од Сонцето до Земјата за да се одбие од површината на езерската вода“, а патем додава: „Бидејќи нештата имаат своја патека и движење“ и со тоа, едноставно е неодоливо чувството на уживање. 

Ме потсети да се придвижам кон мојата патека на движење и така одејќи, застанав до двете платна – едно дело именувано „Вибрации“. Слушам некои дечки како коментираат, на едниот не му се допаѓа бојата, на другиот линијата, третиот пак, вели дека е баш убаво и за миг замолчуваат, а потоа едниот несигурно, но со насмевка ми се обраќа: „Извини, да не си ти авторот, да не е твое?“. Велам: „Не, не грижи се“, а тој вели: „Е, добро, да не се посрамотам, но само кажав што мислам“. И јас си помислив, тоа не е нешто од коешто треба да се срамиме, самиот уметник, автор на било кое дело треба да е желен за критики, бидејќи тоа е начинот да се напредува и тука некаде низ моите мисли уште еднаш ми се појави „поларизацијата“ – изложуваме дела, за кои други сметаат дека се убави, лични и суштински, а за кои некои други застанати рамо до рамо до овие првиве ќе речат дека не се убави, не доловуваат поим или само нема да им се допаднат. Значи поларизацијата беше присутна и во искажаните и во неискажаните мисли вечерта, а скалаџии успеаја да го поттикнат тоа со својата изложба.


ДЕЛ ОД ДЕЛАТА СЕ НА ПРОДАЖБА!
КУПИ УМЕТНОСТИ // ПОДРЖИ ГИ МЛАДИТЕ АВТОРИ

ПОГЛЕДНИ




Веднаш до разговоров на кој бев непоканет сведок, го забележав „Низ голи очи“, но пред да се замуабетиме со Викторија (авторката), десното око ми побегна кон „Раѓањето на Дениција“ и „Внатрешна состојба“ и морав да ги ѕирнам и нив. „Дениција“ тонеше во агонија и се превиткуваше во меланхолична сензуалност којашто разгорува нешто внатре во гледачот, а сигурно и во нејзиниот создавач. И тука имаше поларизација, на повеќе начини. Јас си го присвоив оној којшто гласи дека иако и името и значењето на Дениција (љубовта кон жената) се искористени во многу дела претходно и ќе бидат искористени во многу дела подоцна, секое од нив е својствено со своја особена мисла, замисла, идеја и реализација и разноликоста меѓу едно и друго што истовремено содржат иста именка во своето име им го дава значењето на двете одделно (како Северен Пол и Јужен Пол). „Состојбата“ исто така, внатрешната и надворешната состојба постојано преминуваат од еден облик во друг и не секогаш се совпаѓаат, внатрешната си има свои својства на соединување, а надворешната свои, но и двете се состојби, човечки се и за да се одразуваат различно мора заеднички да постојат. 
„Низ голи очи“ за Викторија е прекршување на зраците, што за нас луѓето е видливо со помош на очите поради што гледаме различно на работите, а сите сме исти. 
„Поларизацијата сакам да ја адресирам како прекршување на боите. Кога ќе се спомене поимот, на сите веднаш ни текнува на политика или наука. Ете, кога зборував со моите, мајка ми раскажуваше за политика, а татко ми за физика..., а јас сметам дека сите во општеството имаме иста позадина, а преку очите го гледаме прекршувањето на зраците коешто ги прави нештата различни“, сподели Викторија Поповска. 


Во потрага кон уште уметници, критичари и уживачи, ја прошетав просторијата уште еднаш. Овојпат во моите очи, а и според кажувањето на Викторија, зраците се прекршуваа токму кон изборот на облека на посетителите. Лежерен, отмен, хипи, тренд, сериозен, кежуал и каков сѐ не стил се претопуваше еден во друг овозможен од мешањето  и разминувањето на луѓето. Ми се допаѓаат детали и како секогаш најмногу нив ги приметувам, па со овие зборови сакам да му оддадам чест на дечкото чии бркови беа поделени на црна десна и лева бела страна. Што повеќе од ваков вид на телесно-конкретен приказ на поларизација може да побара човек кој заминал да посети така именувана изложба? Капа долу за човекот со брковите. 
Иако сеприсутна различноста, ги поврзуваше луѓето. Еден сосем обично облечен човек со светло зелена маичка и фармерки ѝ се приближува на една дама со елегантно сако, но истакливи чевли коишто пркосат на женственоста започнуваат разговор, кажуваат што може да се додаде, што да се одземе и што е таман на делата додека прават обиколка низ галеријата. 




Во меѓувреме, некои се собираат околу диџејот кој со електронска музика го разгорува пламенот, чиј настап треба да се отелотвори откако ќе „заврши“ изложбата и ќе останат оние различни луѓе со иста желба – забавување и дружење и уште коментирање на претставените идеи, давање нови и споменување стари. Како што поминуваше вториот час од отворањето на четвртата изложба на Скала, а музиката стануваше погласна, некои се поведоа надвор на цигара, а други останаа да споделуваат уште импресии и да делат уште зборови назначувајќи го крајот на вечерта чијшто водечки збор има бескрајни описи и значења. 

P.S. Затоа што вашата уметност припаѓа во галерија, а не на инстаграм!

Овој проект е поддржан од Young Cities. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на авторите, и не ги одразуваат оние на Демокраси Лаб. 



Да пишува и е омилена пасија, а кога не го прави тоа, веројатно разгледува изложби, гледа филмови и театарски претстави, чита статии (весници и списанија обавезно) или излегува со друштво. Уметноста, танцот, говорот на тело и сѐ друго што може да произлезе од човекот и е од особен интерес, а во животот се стреми да ги запознава, препознава и да пишува за луѓето и нивните големи и мали дела како новина за светот или да ги вметнува како ликови во своите книги.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ