• Немате производи во кошничката.

ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [10] // Сара Анастасовска

Овој месец, секој работен ден, во 16 продолженија го претставуваме нашиот прв фељтон на тема „Нова публика и нови медиуми“. 

На 15ти декември 2022, Скала магазин ја прошири својата цел на делување, преку отворена јавна расправа. Фокусот беше кон медиумите, новите форми на информирање, трансформативноста на медиумите, генерациските пресеци и промени...

Вкупно 15 новинари, културни работници и универзитетски професори ги споделија своите ставови и размислувања. Настанот беше исполнет со разговори, дилеми, потпрашања, кафе, чоколадни колачиња, хумор и квалитетна дискусија која ја модерираше Ана Голејшка Џикова.


Ана Голејшка Џикова: Прашањето се однесува на двајцата: Ја користите Спотифај-платформата конкретно за темите за коишто зборувавме. Ме интересира колку функционира платформата во однос на тоа дека младите ја познаваат и дали кога ги правите поткастите имате продукциски потешкотии? Како го доживувате целиот процес на создавање и што можеби ви е некаков проблем?


Сара Анастасовска [Културен подкаст]: Во почетокот, фокусот не ни беше насочен кон продукцискиот дел, туку кон желбата да снимиме поткаст посветен на уметност и култура, oдносно, бевме подготвени да го снимиме на било каков начин, без големи очекувања за некоја посебна продукција. Најпрвин, снимавме само со диктафон, на било која локација т.е таму каде што имавме можност. Во кафуле, во стан, во парк…  Една од епизодите на пример, ја снимавме во кола, заборавивме да ги затвориме прозорците, па сега имаме епизода со специјални звучни ефекти во позадина – лаење на кучиња. Но, не гледаме на тоа како недостаток или маана, напротив сметаме дека баш таа епизода, поради невообичаената атмосфера, е една од најавтентичните.

Секоја пречка со којашто ќе се сретневме за време на снимањето, во поглед на продукција, не беше проблем, туку предизвик. Поткастот си има свој природен развој и раст, па така сега, за разлика од почетокот, дел од поткастите ги снимаме со професионална опрема.

„Културен поткаст“ може да се слуша на платформите Спотифај и Анкор и на нашиот официјален вебсајт, но најголем дел од слушателите нè наоѓаат преку нашиот инстаграм-профил. Овој профил е „линкот“ којшто ги поврзува слушателите со останатите платформи. Бројот на следбеници кои ги имаме на Инстаграм не е преголем и тоа е нешто на коешто може и треба да се работи. Да се привлече и задржи вниманието на новата публика е предизвик, затоа што таа секојдневно, со само еден клик, добива милион нови содржини. Е сега, како да бидеме таа една информација меѓу милион којашто ќе ѝ  го задржи вниманието? Јасно е дека секој медиум треба да има своја таргет-група и да комуницира со неа на нејзин јазик. Сега засега, нашата таргет-група се слушатели на возраст од 20 години, па нагоре. И според аналитиката на инстаграм-профилот, успешно комуницираме со истата.

Но, нормално, сакаме поткастот да расте и да се развива и да биде слушнат од страна на поширока таргет-група којашто опфаќа различни возрасти, а за таа цел, треба да започнеме да ги користиме сите нови медиуми, не само Инстаграм и Спотифај, затоа што различни групи на возрасти, следат различни медиуми и платформи. Не можам да очекувам дека одредена информација за поткастот ќе дојде до сестра ми која има 17 години и поголем дел од времето го поминува на Тик Ток, ако ние објавуваме промотивни содржини само на Инстаграм. Потребни се постојани промени и истите да ги следиме, доколку сакаме да стигнеме до сите возрасти.





СКАЛА МАГАЗИН бр.2
КУПИ ПО ПРОМОТИВНА ЦЕНА

КОН ПРОДАВНИЦА

Учествуваа: Сребра Ѓорѓијевска [Умно.мк]; Тони Димков [Слободен печат]; Бојан Шашевски [Радио МОФ]; Русе Арсов [МКЦ]; Бранка Костиќ Марковиќ [Астрорум]; Сунчица Уневска [Филм+]; Небојша Вилиќ [УКИМ]; Крсто Златков [ИДТ - Скопје]; Славчо Темелковски [УСС УКИМ]; Петрула Вељановска [Македокс]; Слаѓана Вујошевиќ [ФДУ]; Александар Маџаровски [јутјуб: Читачот]; Сара + Мартин Анастасовски [подкаст: Културен подкаст]; Дејан Џолев [Скала.мк].


СЛЕДНО: ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [11] // Славчо Темелковски

ПРЕТХОДНО: ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [9] // Небојша Вилиќ


Концепт на фотографија: Rêve à Deux [Дејан Џолев + Антонио Станков]
Фотографија: Дејан Џолев, Антонио Станков, Стефани Караџовска

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ