НА СКАЛИЧКИ СО FROZEN TIME DROPS
Еднаш неделно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад артист или студент по дизајн и уметност.
Неколку капки можат да направат бура, а овие две девојки се на сигурен пат да направат ураган на нашата креативната сцена. Запознајте ги Софи и Ангела, или нам попознати како Frozen Time Drops, име кое го слушаме веќе со години кога станува збор за фотографија на настани, спотови, а овојпат со нешто малку поинакво, но не помалку важно, зинот Дијалог во карантин. Обете на студии во странство, во екот на пандемијата, нашле начин како најинтуитивно да ги искомуницираат своите мисли и чувства, па така, Софи го грабнала апаратот, Ангела четките, и создале приказна што треба да стои во музеите како артефакт за некои (не)времиња.
За делото…
СОФИ: Идејата ни дојде спонтано, додека зборувавме на телефон. Ние две во нормални услови постојано работиме на нешто заедно (настани, комерцијална фотографија и сл.). Бидејќи беше „тивко“ си рековме, во ред, кога нема работа, ајде ние да си направиме работа. Инаку идејата за визуелен дијалог ја „рециклиравме“ од претходно необјавени обиди. Желбата за создавање ни е веројатно животната енергија, така што следеше мојата прва фотографија, на која Ангела ми одговори со илустрација. Темите кои ги обработуваме се лични, опишуваме состојби кои тогаш ги чувствуваме.
За процесот…
СОФИ: Си дадовме предизвик на една недела, секој ден да правиме дијалог слика-илустрација, за на крај да ги споиме во зин. Имам навика да фотографирам секојдневни моменти со Huji cam, па така, се направени фотографиите, а илустрациите на Ангела се во техника молив и акварел во тефтер за скицирање. Пораките ги напишавме буквално за 15 минути, откако завршивме со визуелниот материјал, затоа што знаевме и двете за што разговараме. Пораките се додадени за да го водат читателот низ зинот, но мислам дека има и простор тој самиот да си даде интерпретација.
За пријателството на далечина…
СОФИ: Физичката оддалеченост никогаш не ни претставувала проблем, бидејќи јас студирам во Скопје, а Ангела во Љубљана. Така што и пред новонастанатата ситуација ние функциониравме на растојание, преку messenger и телепатија. Се дружиме многу долго време, па нашето пријателство игра голема улога во нашата соработка и создавање дела. Процесот на создавање едно дело е многу позабавен кога работиме двете и учиме многу нови работи една од друга за најразлични аспекти од фотографија до филозофии. Фокусот е секогаш на делото и правиме сè за да ги реализираме идеите што ни се вртат низ глава.
За „Сменета“…
АНГЕЛА: „Сменета“ е прв проект кој беше целосно точно испланиран пред снимање (сценарио, сториборд, план на снимање). Првата приказна за „Сменета” настана претходното лето кога седевме во дворот кај Софи и имавме само кратко демо од песната. Замислете си две девојки на маса како пијат кафе со тефтер, си ги довршуваат речениците, гласно зборуваат, бесмислено стануваат, па седнуваат и секој трет збор им е „замисли“ и „што ако“.
Подоцна, се променија многу варијанти, но остана скелетот- приказна за самостојна девојка која расте.
За студиите…
АНГЕЛА: Сега сум трета година на Академијата за фина уметност и дизајн во Љубљана. Покрај тоа што ме дрмаат страшни носталгии за Скопје сепак би одбрала да студирам надвор бидејќи дава поинаква перспектива.. За успех е потребна само работа, барем така слушам. Многу икони во уметничкиот свет се самоуки и ако тоа им успеало во минатиот век пред дигитализацијата, денес секој може сè да научи со толку достапна литература и компјутери! Проект е проект без разлика дали за факултет, клиент или личен. Секаде почнуваш со идеја, истражуваш, учиш и на крај правиш нешто различно од она што си го замислил на почеток. Креативниот процес мора да е трансформирачки и никако удобен, ако сакаш да растеш.
За љубопитноста…
АНГЕЛА: Секој проект може да се изведе на многу начини, но еден е вистинскиот, па затоа сакам да познавам и владеам што е можно повеќе техники за во иднина да можам да маневрирам..
Сепак она што е исто во сѐ што работам е наративноста, во кој медиум и да работам, мора да има приказна, поминување на време, менување, живот.
Не се стремам кон тоа да се едуцирам до некој степен и потоа да западнам во удобна зона. Никој не е совршен, никој не е сезнајко- ајде да ги прифатиме стравот и неудобноста од несовршеноста и да се фрлиме на работа, на учење, на растење.
За минатото…
СОФИ: Официјално го сковавме Frozen есента 2017. На првите настапи го фотографиравме ноќниот живот во скопските дискотеки за Sure Shotz. Така публиката нè запозна и оттогаш фотографираме настани, едиторијали или снимаме спотови. Многу ми се допаѓа разноликоста во нашата работа, во еден момент спремаме спот за Матеј, во следен сме на некој настан, а во позадина веќе е скроен нов концепт за фотосесија за The Plug. На секој проект му посветуваме исто време и внимание, па така со секој проект се усовршуваме и го градиме нашиот стил.
За иднината…
АНГЕЛА: Како млади личности, сонувањето за иднината преокупира голем дел од нашето секојдневие. Мислам дека уметникот во 21 век е сестран и ја брише границата меѓу фината и применетата уметност.
Креативците имаат моќ да го олеснуваат животот, дали е тоа изготвување целосна обнова на визуелниот идентитет на ЈСП кој ќе го преорганизира начинот на купување билети и преглед на рутите или пак фотографска серија која ја обработува човековата блискост и нè потсетува дека сме сè уште луѓе, а не телефонот во кој се ѕвериме од завчера.
Од иднината само барам да има народ кој критично размислува, сака да зборува и му е гајле. Сè останато што ни треба – имаме.
______
Фотографија: Антонио Станков
Асс. на фото.: Мартина Салова Чешновар