• Немате производи во кошничката.

LIFE IN A BOX – БЕЛЕШКИ ЗА ЕДНА [ФОТОГРАФСКА] АВАНТУРА [7]


Според Дигиталниот речник на македонскиот јазик, зборот „напор“ е именка од машки род и значи „напрегање на физичките и на умствените сили“.

Сите ние, секојдневно, соочени со животните предизвици вложуваме напори за нивно решавање и ги „напрегаме физичките и умствените сили“. Тука мислам на елементарните животни потреби и со нивно задоволување можеме да функционираме. Секој од нас на овие предизвици им приоѓа на различен начин. Некој се мачи повеќе, некој помалку. Но, сите треба да вложат напори животот да им тече што побезболно. Сакам уште еднаш да нагласам дека зборувам за работи коишто мора да се направат, сакале ние или не. Она за коешто сакам да зборувам во овој краток есеј е нешто сосема различно од погоре кажаното, иако го вклучува „напорот“. Ако сте од оние луѓе кои се задоволуваат само со консумирање на нештата коишто им се нудат, смислени и сработени од другите, без обѕир дали е тоа некое уметничко дело (музика, филм, литература, слика, фотографија итн.) или едноставно, било која содржина за исполнување на вашите потреби и желби од духовната сфера, не мора да читате понатаму. Но, ако ве интересира зошто некои луѓе имаат потреба (сакаат) да се изложуваат на дополнителни напори со цел да создадат нешто ново, креативно и да остават некаква трага зад себе, низ какви премрежија поминуваат творејќи и конечно, зошто сето тоа, притоа вложувајќи големи напори во процесот на создавањето, тогаш продолжете со читање.

Пред четириесеттина години, прилично млад, ни сам не знам како, почувствував дека сакам да бидам од оние луѓе кои сакаат да создадат нешто од „нула“. И тоа нешто сакав да биде оригинално, само мое, а истовреме да биде впечатливо и интересно и за другите. До денес, не можам да си објаснам како падна изборот тоа да биде фотографијата. Навистина не знам што ме привлече толку многу кај неа. Само знаев дека до крајот на мојот живот сакав да правам фотографии, многу фотографии. Добри и впечатливи фотографии пред коишто гледачот ќе остане фасциниран, по малку замислен и ќе сака постојано да се навраќа на нив. Такво ми беше чувството, а како ќе го направам тоа, едноставно немав никаква идеја. Немав поим колку и какви напори ќе треба да вложам да ја остварам мојата идеја: „Потрага по добрата фотографија!“






А тогаш немав ниту фото-апарат. Тогаш бев на прва година факултет и некако заштедив пари да го купам мојот прв фото-апарат. На мојата среќа ѝ немаше крај. Ама, фото-апаратот не прави фотографии, туку оној кој стои зад фото-апаратот. Тоа го сфатив веднаш.

Но, јас не знаев ништо за техниката на фотографирање, како воопшто да направам фотографија. Беше тоа време на аналогната технологија. Воглавно, се снимаше со црно-бели филмови коишто потоа требаше да се обработат (развијат) и од добиениот негатив да се направат фотографии во темна комора, пак низ процесот на развивање и фиксирање на фотографиите. За сето тоа требаше и соодветна опрема (хардвер:). Ајде, си реков, тоа е неопходно и вложив дополнителни напори да стокмам каква-таква домашна фото-лабораторија. Така, техничките предуслови беа задоволени. Остана потешкиот дел. Нејасната слика за тоа што сакам од фотографијата, како да се изразам преку неа, како да го користам фотографскиот јазик (подоцна открив дека фотографијата има свој специфичен јазик на изразување), едноставно, како да правам фотографии коишто го запираат здивот на гледачот за мене беше равенка со многу непознати. Тогаш немаше интернет, немаше списанија за фотографија, одвај имаше една или две книги за фотографија во скопските книжарници. Барав начин да влезам во тој свет, ама како сите врати да ми беа затворени. Со намера да научам нешто од поискусните фотографи, се сеќавам, еднаш решив да појдам во еден, тогаш познат скопски фото-клуб. Беше студена скопска зимска вечер. Кога влегов во фото-клубот, ме пречека студенило и надмен однос од страна на „големите“ фотографи кои беа таму таа вечер, кои за малку ќе ја убиеа мојата волја и мотивираност. Бев разочаран, но не и поколебан во моите намери. Набрзо работите се наместија како што треба. Некако, во тоа време „ја открив“ Американската библиотека (читална) којашто се наоѓаше во градски ѕид, отспротива на тогашно БЕКО. Таму го пронајдов мојот златен рудник. Во читалната имаше стотици прекрасни книги за фотографија. Почнав редовно да одам таму, да ги „голтам“ книгите за фотографија. Тоа беше мојот факултет за фотографија. Со часови ги гледав фотографиите од светските мајстори, ги анализирав, дознав за агенцијата Магнум, читав за техниката на фотографирање и за тоа што всушност претставува фотографијата како феномен. Со време, станав дел од инвентарот на читалната. Секогаш оттаму излегував супер мотивиран. Кога ќе се вратев дома, снимав фотографии преку ден, а ноќе ги развивав истите. За жал, моите фотографии беа светлосни години далеку од фотографиите коишто ги гледав во книгите во читалната. Но, со голема желба и напор, малку по малку, со проби и грешки, од ден на ден, правев се подобри фотографии. Долго време работев како волк-самотник. Сам си задавав задачи, сам фотографирав, сам ги изработував фотографиите. Бев мотивиран. Се разочарував. Вложував напори. Се одушевував. Учев.

Но, суштината на фотографијата е таа да биде покажана на другите, да биде отпечатена или изложена во галерија. Сакав да правам изложби на фотографии. Тогаш, тоа беше мојот сон. Со група истомисленици, некаде осумдесеттите години од минатиот век, го основавме Фото-кино студиото во Домот на културата во Тетово. Имавме добри услови за работа, правевме фотографии, разменувавме идеи. Беа тоа убави времиња. Во почетокот на овој век, со неколку пријатели ја основавме Фото-групата „Чкрап!“ од Тетово, којашто со време некако стана бренд за едно современо сфаќање и практицирање на фотографијата. Пак фотографии, долги разговори за фотографијата, изложби, гостувања во неколку градови во Македонија. 

И, да не ве „давам“ повеќе со прикаски од мојава историја на фотографското растење, сакам да кажам дека цело време размислував за овој феномен – наречен фотографија. Се прашував: „Дали фотографијата е реален одраз на стварноста? Што се крие зад таа дводимензионална слика? Дали има скриени значења? И кои се тие? Дали сето ова е само забава или нешто повеќе? Дали фотографијата е мојата врата кон еден друг, мој личен свет?“ Вакви и многу други прашања цело време ми се вртеа низ глава. „Мазохистот“ во мене ликуваше.





Годините коишто доаѓаа ме ставија на тешки животни искушенија. Се роди мојот син Мане, дете со церебрална парализа. Еден сосема нов свет и нови обврски се отворија пред мене. Имав нови приоритети во мојот живот. Животот со такво дете бара многу одрекувања, бара ангажман 24 часа дневно. Се чинеше дека со тие напори фотографијата ќе замине од мојот живот. Некако се зема здраво за готово дека фотографијата подразбира повеќе слобода на движење, барање нови визури и лица, нови пејзажи. А јас бев прикован за мојот дом и со Мане во него. Морав да барам мотиви во мојата непосредна околина. Не сакав да ја оставам фотографијата или таа не сакаше да ме остави мене. Правејќи фотографии, се чувствував како да разговарам со самиот себе си во присуство на публика која не ја гледам, но знам дека е таму некаде, во затемнетиот дел од салата…




И, таман помислив дека ми снемуваат мотиви (и мотивација) за фотографирање, се случи нешто навистина необично. Во новата ситуација, сред сите тие напори и животни искушенија, фотографијата се врати во мојот живот како средство за автотерапија. Тоа беше нешто сосема ново за мене. Морав да продолжам да живеам, а фотографирајќи, животот како да ми беше полесен. Фотографијата беше тој мост меѓу мојот живот исполнет со обврски и надворешниот свет со којшто сакав да комуницирам. Не знаев како тоа да го ускладам и тогаш, некаде 2008 година, мојот другар и колега фотограф Роберт Јанкулоски ми предложи да направам еден голем фото-есеј за Мане, за неговиот живот и животот на неговото семејство. Ми предложи да се обидам да ја спојам мојата љубов кон Мане и мојата страст за фотографирање. А потоа, да направиме книга и изложба на фотографии.

Проектот го нареков „ЖИВОТ ВО КУТИЈА“. Насловот точно го отсликуваше неспокојот, но и реалноста со којашто се соочувавме јас и моето семејство. Името асоцираше на нашиот живот со Мане, затворени во еден двособен стан, но и на фото-апарат (камера-опскура). Од психолошки и технички аспект, работата на проектот беше многу напорна. Го прифатив тој предизвик и за девет месеци снимив 1 200 фотографии од секојдневието на Мане. Ми навираат сеќавања од тоа време.




Во март 2009 година, подготвувајќи ја изложбата со 40 фотографии од фото-есејот посветен на Мане, заболен од церебрална парализа, во каталогот за изложбата, напишав:

„Мане Неделчевски има 14 години. Мане е необично дете. Тој е заболен од тешка форма на церебрална парализа. Мане не може да се грижи за себе и тој e постојано зависен од другите. Кога е буден, секогаш е во својата количка. Тој живее во Тетово со своето семејство, во стан на трети кат, во зграда без лифт. За неговите родители е преголем напорот да го симнуваат на улица и да го прошетаат низ градот.

Мане не зборува, не оди, не може да седи, не може самиот да се храни, не може да одржува хигиена, не кажува кога има потреба за тоалет, секојдневно прима лекови, честопати има епилептични напади, постојано слуша иста музика. Секој предмет којшто ќе му дојде до рака веднаш го става во уста.

Тоа е живот во кутија.


Мане е „врзан“ за живот во две соби. Неговото семејство, исто така. Има тешки, но и убави моменти. Мане сака да слуша музика, да пие кафе, да се милува и да биде опкружен со најблиските. Многу е мил, но истовремено, многу „напорен“. Всушност, тој го одредува ритамот на живот на неговото семејство. За Мане постои само сегашноста. Не е свесен за минатото, не знае што е тоа иднина. Ако тој има потреба од нешто, тоа мора да се исполни веднаш. Нема стресови, ниту пак чувство за конформизам и не е оптоварен со навики, предрасуди и други видови „општествено пожелни поведенија“ како ние останатите. Голем број луѓе имаат погрешна претстава за лицата со церебрална парализа и за нивниот живот…

Се обидов да направам фотографски екстракт од секојдневното битисување на Мане и моето семејство. Сето тоа требаше да го направам во две соби, со дете што цело време има брзи, повторувачки движења и до автоматизам исти секојдневни навики. Овој фото-есеј за мене беше тежок, но и возбудлив животен и фотографски предизвик. Фотографирајќи го Мане, го запознав и го засакав уште повеќе. Честопати имав дилема – во одреден момент дали да бидам татко (да му помогнам да ги совлада епилептичните напади, да го придржам додека мајка му го бања, да го пресоблечам, да го ставам в кревет да спие…) или пак, да бидам фотограф (и да ги забележам возвишените моменти на радост, болка, нервоза, игра, сон)…

Собата од Мане има еден прозорец и тој гледа во една слепа уличка. Низ тој прозорец гледам секој ден, тоа е мојот прозорец кон надворешниот свет. Слепата уличка. А Мане? Неговиот поглед на светот е многу необичен. Стеснет, а истовреме многу мил, хуман. Мане никому не направил ништо лошо, никого не навредил. Како да е создаден само за љубов! Тој е среќно дете. Сѐ што му треба и сѐ што сака – добива. Тој секогаш е избањан, најаден, стоплен, постојано ја слуша(ме) неговата музика, опкружен е со љубов и внимание. Навистина е среќен! А кога знам дека тој е среќен, ние сме уште посреќни“.

Се надевам дека фотографиите со Мане на најубав можен начин сведочат за тоа.

Во моите веќе позрели фотографски години, открив нов свет во фотографијата. Моите тешко стекнати искуства решив да ги споделам со помладите. Да им го олеснам патот и да ги воведам во тајните на фотографијата, да им ја објаснам техниката на правење фотографии и конечно, да се обидам да ја запалам искрата на креативноста кај нив, да можат и тие да го отсонуваат нивниот фотографски сон. Имав среќа да се здружам со Дејан Џолев и неговата „банда“ и еве ме, веќе скоро 10 години со слатки напори и огромно задоволство сум ментор на курсот за фотографија во SKALA School и Џолев и уметностите“.

Моето фотографско патешествие за коешто ви нафрлив неколку цртички, продолжува. Досегашниот пат беше напорен и сладок истовреме. Се гледаме на следната изложба на фотографии.

Ваш, Драги.

Тетово, јули 2022

______
Претходен напис: БЕЛЕШКИ ЗА ЕДНА [ФОТОГРАФСКА] АВАНТУРА [6] – Драги Неделчевски
Фотографии: Драги Неделчевски

Активен и плоден фотограф повеќе од 40 години. Автор е на неколку самостојни изложби, претставени дома и надвор. Дел е од основачите на фото група „Чкрап!“ и креативната заедница Creative Exchange. Автор е на неколку монографии, како и ко-автор на првата книга за македонски фотографи „12 македонски фотограф[к]и“. Неговото богато искуство го споделува со студентите по фотографија во Џолев и уметностите, но денес и во Скала!

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ