• Немате производи во кошничката.
Сунчица Уневска- Скала Магазин

ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [14] // Сунчица Уневска

Овој месец, секој работен ден, во 16 продолженија го претставуваме нашиот прв фељтон на тема „Нова публика и нови медиуми“. 

На 15ти декември 2022, Скала магазин ја прошири својата цел на делување, преку отворена јавна расправа. Фокусот беше кон медиумите, новите форми на информирање, трансформативноста на медиумите, генерациските пресеци и промени...

Вкупно 15 новинари, културни работници и универзитетски професори ги споделија своите ставови и размислувања. Настанот беше исполнет со разговори, дилеми, потпрашања, кафе, чоколадни колачиња, хумор и квалитетна дискусија која ја модерираше Ана Голејшка Џикова.


Ана Голејшка Џикова: Кога веќе споменавме дека имаме многу материјал и снимени авторски дела до коишто не можеме да стигнеме, а тие ни припаѓаат и би требало да се достапни, да проговориме за вашето филмско списание „ФИЛМ+“. Од неодамна почнавте да го издавате како онлајн-списание, тоа е во ПДФ-формат, но поставено е како весник којшто треба да се листа, исто како и кога би го купиле во печатено издание. Во насока на она коешто го зборуваме, со каков предизвик се соочувате кога тој наратив од филмскиот спектар треба да го пренесете дигитално, дали стигнува до младата публика или до луѓето кои се жедни за такви содржини, а немаат поим како до нив да стигнат? Што би можеле од вашето искуство да ни пренесете?


Сунчица Уневска [Филм +]: Многу долго, околу шест години, бев навистина упорна „ФИЛМ+“ да остане печатен медиум, иако знаеме во каква состојба се медиумите и дека работите не одат  на подобро. Сметав дека е многу важно токму тоа „оставање трага“, ми беше важно да трае и мислам дека е многу важно што сите 60 печатени броја ги носевме во Универзитетската библиотека како физички примерок. Доколку некому му треба или ако истражува некоја тема, до нив секако може да дојде, но кога е онлајн, е друго прашање. Што се однесува до печатеното издание на „ФИЛМ+“, за да стигне весникот низ цела Македонија, мораше да има дистрибуција и поради тоа, бевме принудени да соработуваме со дневните весници коишто веќе имаа разработено дистрибутивна мрежа, но и факт е дека кај нас најмногу се купуваат дневни весници. Ние, како генерација, многу ги сакавме и ги купувавме списанијата и магазините, било домашни или од регионот и ни значело да ги читаме како печатени изданија. Јас и до ден-денеска, чувам страници од тие списанија.

Со „ФИЛМ+“, како што нè советуваа сите, но и како што е тренд секаде во светот, решивме да се префрлиме во дигитален формат, но не сметам дека нешто постигнавме. Денеска има огромен број на онлајн-изданија и сите го нудат истото, исти наслови, исти информации и она коешто најмногу ми пречи е токму таа релативизација на текстовите. Сега секој може да напише што сака, како сака и каде сака. Не се прави разлика, сите си пишуваат некакви свои импресии и тоа го нарекуваат рецензија, нема вистински мерила, секој си мисли дека може да напише како што мисли, а и пренесувањето на информации од збор до збор како што се испратени, се смета нормално. Нема никакви стандарди, не е важно познавањето на темата, целосно се изгубија границите. Имено, токму поради таа релативизација и сакајќи да го задржиме тоа што како весник го нудиме, решивме списанието повторно да биде во форма на весник, само што страниците ќе се „листаат“ дигитално, во ПДФ-формат. Но, сега кога го гледам, од оваа гледна точка, не мислам дека постапивме правилно, бидејќи не е баш практично за читање. Знаеме дека денеска младите работите ги гледаат на телефон, а не на компјутер, па тогаш станува уште понезгодно, така што не мислам дека вака би ја постигнало целта.

Бевме навистина упорни, а и факт е дека сме единствено вакво списание кај нас, а колегите од регионот ми велат дека ова е единствено вакво списание воопшто во регионот, дека веќе нема такви изданија, сè е дигитално. Мислам дека сè се измеша и се изгубија вредностите и навистина не сум сигурна колку и дигиталниот медиум е во подобра позиција. Од моето искуство, можам да кажам дека читателите на „Филм+“ се повозрасна публика, средна генерација. За младите, можеби ќе прочитаат ако е нешто извикано, ако е меинстрим, фестивал за којшто се зборува… Ќе се отвори само ако за тоа се слушне или ако има нешто што е во фокусот на нивниот интерес. Не мислам дека многу се промени со преминување во дигитален формат. Но, што може да се прави, се менува пристапот, се менуваат навиките и ние, како и сите други, мораме да се прилагодиме за да стигнеме до читателите. Реално, немам некое конкретно решение како сето тоа може да се промени, денеска и публиката е поинаква и од тоа „море“ на понуди, навистина не сум сигурна што и дали работите можат да стигнат онаму каде што се наменети.



СКАЛА МАГАЗИН бр.2
КУПИ ПО ПРОМОТИВНА ЦЕНА

КОН ПРОДАВНИЦА

Учествуваа: Сребра Ѓорѓијевска [Умно.мк]; Тони Димков [Слободен печат]; Бојан Шашевски [Радио МОФ]; Русе Арсов [МКЦ]; Бранка Костиќ Марковиќ [Астрорум]; Сунчица Уневска [Филм+]; Небојша Вилиќ [УКИМ]; Крсто Златков [ИДТ - Скопје]; Славчо Темелковски [УСС УКИМ]; Петрула Вељановска [Македокс]; Слаѓана Вујошевиќ [ФДУ]; Александар Маџаровски [јутјуб: Читачот]; Сара + Мартин Анастасовски [подкаст: Културен подкаст]; Дејан Џолев [Скала.мк].


СЛЕДНО: ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [15] // Дејан Џолев

ПРЕТХОДНО: ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [12] // Сребра Ѓорѓијевска


Концепт на фотографија: Rêve à Deux [Дејан Џолев + Антонио Станков]
Фотографија: Дејан Џолев, Антонио Станков, Стефани Караџовска

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ