• Немате производи во кошничката.
Aleksandar- Madzarovski-Skala-Magazine

ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [6] // Aлександар Маџаровски

Овој месец, секој работен ден, во 16 продолженија го претставуваме нашиот прв фељтон на тема „Нова публика и нови медиуми“. 

На 15ти декември 2022, Скала магазин ја прошири својата цел на делување, преку отворена јавна расправа. Фокусот беше кон медиумите, новите форми на информирање, трансформативноста на медиумите, генерациските пресеци и промени...

Вкупно 15 новинари, културни работници и универзитетски професори ги споделија своите ставови и размислувања. Настанот беше исполнет со разговори, дилеми, потпрашања, кафе, чоколадни колачиња, хумор и квалитетна дискусија која ја модерираше Ана Голејшка Џикова.


Ана Голејшка Џикова: Го прашуваме Алек или „Читачот“: Зошто токму оваа платформа (youtube). Зошто баш темата – книги?


Александар Маџаровски [Читачот]: Во моментов, имам нешто повеќе од 600 претплатници на Youtube-каналот, меѓутоа за таа бројка беа потребни две и пол години. Една причина за бавното стекнување на претплатници или следачи е тоа што книгите се сепак, потесен и поспецифичен интерес, а со тоа и потенцијалната публика е многу помала. Платформите како Youtube, порано ги потценував, меѓутоа сфатив дека луѓето се таму и ги користат, па затоа се одлучив тоа да ми биде главната платформа за мојата содржина. Каналот го поврзав со Фејсбук, со идеја видеата да ги постирам како линк на фејсбук-страната, но за жал морам да напоменам дека Инстаграм и Фејсбук се големи „непријатели“ на Youtube и сериозно ги бојкотираат содржините што доаѓаат од таа платформа. Имајќи го предвид нивото на медиумска неписменост, но и нивото на неписменост коешто го среќаваме дури и во високи институции, понекогаш имам чувство дека сме на невозможна мисија. Јас не сум новинар и немам искуство со новинарството, а тоа што го правам како Читач, го правам од чист ќеиф и ентузијазам. Немам профит, не заработувам, освен што понекогаш од некои од издавачите добивам нивни изданија како подарок.

Сепак, нескромно би рекол дека мојата главна идеја или цел е да ги поттикнам луѓето да читаат книги, да ги „образувам“ за добра литература. Од досегашното искуство и од аналитиката којашто ја добивам преку фејсбук-страната, сфаќам дека воглавно се работи за публика составена претежно од женскиот дел на популацијата и во одредени возрасни рамки. Тоа ме предизвикува да размислувам како она коешто го правам може да допре до помлада публика, да извршам позитивно влијание кај младите и да ги поттикнам да читаат добри книги. Лошата состојба со читачката култура ме предизвикува на позитивен начин што значи дека не планирам да кренам раце и да се откажам. Тоа што работам независно и не зависам од некакво уредништво го сметам за предност, затоа што ми ја дава слободата сам да си ги бирам книгите за коишто ќе зборувам и да се држам до мојот критериум за квалитет.



СКАЛА МАГАЗИН бр.2
КУПИ ПО ПРОМОТИВНА ЦЕНА

КОН ПРОДАВНИЦА

Учествуваа: Сребра Ѓорѓијевска [Умно.мк]; Тони Димков [Слободен печат]; Бојан Шашевски [Радио МОФ]; Русе Арсов [МКЦ]; Бранка Костиќ Марковиќ [Астрорум]; Сунчица Уневска [Филм+]; Небојша Вилиќ [УКИМ]; Крсто Златков [ИДТ - Скопје]; Славчо Темелковски [УСС УКИМ]; Петрула Вељановска [Македокс]; Слаѓана Вујошевиќ [ФДУ]; Александар Маџаровски [јутјуб: Читачот]; Сара + Мартин Анастасовски [подкаст: Културен подкаст]; Дејан Џолев [Скала.мк].


СЛЕДНО: ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [7] // Крсто Златков

ПРЕТХОДНО: ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [5] // Слаѓана Вујошевиќ


Концепт на фотографија: Rêve à Deux [Дејан Џолев + Антонио Станков]
Фотографија: Дејан Џолев, Антонио Станков, Стефани Караџовска

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ