• Немате производи во кошничката.
Skala-Feljton-Slagjana-Vujoshevikj

ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [5] // Слаѓана Вујошевиќ

Овој месец, секој работен ден, во 16 продолженија го претставуваме нашиот прв фељтон на тема „Нова публика и нови медиуми“. 

На 15ти декември 2022, Скала магазин ја прошири својата цел на делување, преку отворена јавна расправа. Фокусот беше кон медиумите, новите форми на информирање, трансформативноста на медиумите, генерациските пресеци и промени...

Вкупно 15 новинари, културни работници и универзитетски професори ги споделија своите ставови и размислувања. Настанот беше исполнет со разговори, дилеми, потпрашања, кафе, чоколадни колачиња, хумор и квалитетна дискусија која ја модерираше Ана Голејшка Џикова.


Ана Голејшка Џикова: Ти си и предавач и актерка и она коешто го реков и претходно – дека си ехо на студентите, но си и глас на децата. Кажи ми: во твоето делување и како глас и како предавач, едукатор во однос на тоа дека си медиум директно кон помладите, кое е твоето чувство за она коешто ти го даваш и кој е фидбекот? Дали има разлика во она коешто го правиш за децата, наспрема студентите?


Слаѓана Вујошевиќ [ФДУ]: Имам среќа да сум во повеќе области и да видам како медиумите функционираат на различни нивоа и возрасти. Како дипломирана актерка, имам повеќегодишно искуство во театар, а од неодамна, сум вработена во НУ Турски театар. Но, на публиката сум ѝ многу попозната како Биби, ликот од проектот „Светот на Биби“. Од една страна, дел сум од национална установа со 75-годишна традиција, но за жал сè уште мала посетеност, а од друга страна, оваа анимирана детска серија, за неполни четири години има десетина милиони прегледи на јутјуб-каналот и е секојдневие на најмладите генерации, но и нивните родители, низ цела Македонија. Прашањето е: Како една институција со долгогодишна традиција има помала популарност од еден проект којшто е на самите почетоци? Одговорот лежи токму во начинот на којшто се допира до публиката, поточно маркетингот, но и начинот на којшто се користат сите алатки на денешницата.

“Светот на Биби“ ја користи технологијата со цел да допре до најмладите, но притоа ги буди правите вредности коишто делумно ги губиме заради развојот на технологијата. Пример за тоа е, кога излезе апликацијата на Биби, децата можеа да ја користат на сите уреди, но времето беше лимитирано на 15 мин. На крај од секое видео, Биби ги покануваше децата да излезат во природа или да поминуваат време со родителите или другарчињата. Значи, мудрото користење на технологијата, на проектот му донесе популарност, преку којашто успешно се шири благородната мисија на Биби преку разно-разни едукативни, но и воспитни содржини.

Во театар, од друга страна, вистински се трудиме пред сè, преку квалитетот на претставите, но и преку маркетингшки планови да допреме до публиката. Театарските претстави во оваа институција се на турски јазик, но секоја изведба има превод на македонски јазик. Дури и на последната претстава се обидовме да направиме посебен пристап до медиумите. Повикавме над дваесетина новинари на една од претпремиерните изведби, сè со цел секој новинар од културата да има свој увид и да остави свој печат во критиката за претставата. За жал, само неколкумина се појавија и повторно преовладуваа споделувањата на кратката содржина подготвена од режисерката. Значи пред сè, лоцирам проблеми во комуникацијата меѓу уметниците и новинарите од областа на културата коишто всушност треба да се главните гласници на уметничките дела.

Искуството како телевизиска актерка во Истанбул ми донесе сосема нови сознанија за начинот на функционирање на овој сектор или поточно, оваа индустриска машинерија којашто е сè повеќе рамо до рамо со холивудската. И покрај мојот голем отпор кон социјалните мрежи, мојот менаџер инсистираше да отворам профил на Инстаграм, убедувајки ме дека тоа е еден од главните начини да се постигне видливост во тие кругови. Штом го сторив тоа, уште следното утро јас имав преку дваесет илјади следачи. На моето чудење, го добив неговото објаснување, дека тој ми ги купил, тоа било честа пракса. Има разни тарифи за 1к за 1м следачи, лајкови ….. Кој плати повеќе, ќе добие повеќе. И тогаш дознав дека сè почесто популарноста може да се купи, но страшното е што публиката не секогаш е информирана за тоа и сè почесто популарноста ја меша со вистинскиот квалитет. На моменти, мислев дека треба да ги задржам тие следачи, што од мене ќе бараше секојдневно споделување на содржини коишто не се секогаш поврзани со самата професија. Но, набргу сфатив дека јас сакам да го правам само она коешто и најдобро знам да го правам, па лажната афирмација преку овие алатки, решив да ја заменам со трудот како актерка.

Ова се накратко моите скромни искуства во медиумите во коишто имам можност да дејствувам како уметник. Сè уште сум млада и имам уште многу да учам. Технологијата се развива многу брзо и навистина е тешко да се следи нејзиниот ритам. Она коешто ни останува и што се трудам да го пренесам на моите студенти, е да не дозволуваме ништо и никој да ни го оттргне вниманието од она коешто сакаме креативно да го создадеме. Технологијата да ни биде слуга во креативниот процес, а не господар на секојдневието!



СКАЛА МАГАЗИН бр.2
КУПИ ПО ПРОМОТИВНА ЦЕНА

КОН ПРОДАВНИЦА

Учествуваа: Сребра Ѓорѓијевска [Умно.мк]; Тони Димков [Слободен печат]; Бојан Шашевски [Радио МОФ]; Русе Арсов [МКЦ]; Бранка Костиќ Марковиќ [Астрорум]; Сунчица Уневска [Филм+]; Небојша Вилиќ [УКИМ]; Крсто Златков [ИДТ - Скопје]; Славчо Темелковски [УСС УКИМ]; Петрула Вељановска [Македокс]; Слаѓана Вујошевиќ [ФДУ]; Александар Маџаровски [јутјуб: Читачот]; Сара + Мартин Анастасовски [подкаст: Културен подкаст]; Дејан Џолев [Скала.мк].


СЛЕДНО: ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [6] // Александар Маџаровски

ПРЕТХОДНО: ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [4] // Петрула Вељановска


Концепт на фотографија: Rêve à Deux [Дејан Џолев + Антонио Станков]
Фотографија: Дејан Џолев, Антонио Станков, Стефани Караџовска

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ