ФОТОГРАФИЈАТА И СЛОБОДАТА
Уредникот на магазинот „СКАЛА“, за печатеното издание, од мене побара да напишам колумна за односот меѓу фотографијата и слободата. Не размислував долго и прифатив. Си помислив: „Ехеј, ова е одлична тема! Ќе биде лесно и забавно!“ Веднаш го прашав уредникот дали ќе можам да објавам и фотографии коишто би го илустрирале и појасниле текстот. Тој ми одговори дека овојпат не може да објавам фотографии. Треба само да го напишам текстот од колумната и толку. Ме касна змија.
И сега сум на мака. Треба да пишувам за фотографијата и слободата, а немам слобода да објавам фотографии со текстот. Прво, бев малку разочаран, но кога размислив подлабоко, сфатив дека работите за односот меѓу фотографијата и слободата не се воопшто едноставни. Како докажан мазохист, ова за мене беше предизвик да ја испитам работава малку пошироко и подлабоко и да се обидам да дадам некои насоки и (мои) заклучоци за односот меѓу фотографијата и слободата.
Иако, основните принципи на фотографијата (камера опскура, физичките закони на оптиката) биле познати уште пред повеќе од две илјади години, со појавата на индустриската револуција во втората половина од 18-от век и првата половина од 19-от век, откритијата од областа на хемијата и оптиката, придонесоа за пронаоѓање на фотографијата каква што ја знаеме денес. За година на пронаоѓањето на фотографијата се смета 1839 г., кога Дагер го претставил својот пронајдок наречен „дагеротипија“ во Француската академија на науките и го подарил овој величествен подарок на целиот свет, секој да може слободно да го користи, без надоместок. Фотографијата како феномен, како креативен процес и техничка дисциплина нема долга историја, нецели двесте години до денес, а „неподносливата леснотија“ на правење фотографии внесе радикални промени во животот на луѓето, а со тоа и сосема нов пристап во начинот на изразување. Можеме слободно да кажеме дека фотографијата одамна е алатка на слободата, овозможувајќи им на многумина да се искажат, да го откријат својот идентитет и да ја искористат слободата на говор.
(Дали ова важи и денес?).
Размислувајќи за односот меѓу фотографијата и слободата, да биде сцената комплетно поставена, еве неколку зборови за слободата како философски, правен, политички и општочовечки феномен. Најкусо, слободата можеме да ја дефинираме како моќ или право да постапуваме, зборуваме или размислуваме како што сакаме. Постојат три вида на слобода. Првиот вид слобода е „слобода од“, слобода од ограничувањата на општеството. Вториот вид е „слобода да“, слобода да го правиме она коешто сакаме да го правиме. Трето, постои „слобода да се биде“, слобода, не само да го правиме она коешто го сакаме, туку слобода да бидеме тоа коешто можеме да бидеме.
Како што спомнав погоре, фотографијата постои нецели двесте години, но, од почетоците на фотографијата до денес, работите многу се промениле, особено кога зборуваме за нашата денешна тема – фотографијата и слободата. Ајде да се обидеме некако да се вратиме во времето на појавата на фотографијата. Тоа било време на големи пронајдоци, време на нови сознанија во многу области, но и време на доминација на сè уште моќните колонијални земји коишто, меѓу другото, располагале со богатства грабнати од своите колонии, а со тоа и поголеми можности за развој на науката и техничките пронајдоци. Во таква средина и услови се појавила фотографијата (Франција, Англија). Новиот пронајдок, фотографијата, со сите нејзини сè уште неистражени можности, кај народот бил прифатен со одушевување. Само замислете дека дотогаш во целата човечка историја никаде и никогаш немало ниту една фотографија. Ниту еден фотографски портрет, ниту еден пејзаж, ниту фотографии од далечните места и земји, од далечните народи, од нивните култури и начин на живеење…
И одеднаш, се создале нови можности. Светот и животот, со сите свои различности и фасцинации, требало да биде фотографиран! Малку по малку, од богати и љубопитни авантуристички настроени поединци кои биле подготвени да се мачат со тогаш многу компликуваниот начин на добивање фотографии (подвижни фотолаборатории, стаклени плочи, свежо подготвени емулзии…), се создала една армија фотографи кои се растрчале по светот и фотографирале, фотографирале. Фотографирале слободно, сè и сешто. Ја откриле фотографијата како средство за слободно изразување на она коешто се наоѓало пред нивниот објектив. Фотографијата, за разлика од јазикот и пишаниот збор, којшто бара дополнителен напор да се разбере и протолкува значењето на изговореното и напишаното, зборува со универзален јазик (една фотографија кажува повеќе од 10.000 зборови!).
Како нов феномен, во тоа време, никој немал ниту став ниту мислење за „проблемите“ со коишто се среќаваме денес, како што е заштита на приватноста, забраните за фотографирање на ова или она, барање дозвола за фотографирање и објавување на фотографиите и слично. Така, фотографијата била прифатена како средство за слободен израз, како за „уметничко“ изразување, така и за изразување на политичките ставови. Еве еден пример: фотографијата, особено документарната (социјална фотографија), во фотографиите на Луис Хајн (Lewis Hine), за злоупотреба на детскиот труд во фабриките од почетокот на дваесеттиот век, придонеле да се променат некои закони во САД и ослободување на децата од работа во тешки и нечовечни услови.
Со развојот на техниката, особено со појавата на фотоапаратот Лајка (Leica) и нејзиното прифаќање од страна на фоторепортерите како идеална алатка со којашто од најжешките точки во светот се испорачуваат фотографски сведоштва за страдањето на луѓето, било да се тоа војни или природни катастрофи, фотографијата колку-толку придонела за формирање на свеста за нужноста од промени. На ум ми доаѓа фотографијата на американската студентка на некои протести во САД против војната во Виетнам која става мал букет цвеќе во пушката на војската (полицијата?) која од другата страна се обидува да ги спречи протестите. Или пак, фотографиите од труповите на страдалниците во нацистичките логори на смртта во Германија и Полска…
Тоа се само неколку примери за моќта на фотографијата за менување на свеста кај луѓето за овие страшни злосторства. Од друга страна, фотографиите од концертот во Вудсток од 1969 година, за музиката, за слободата и моќта на младоста. Има многу вакви примери, многу фотографии коишто се навистина моќни, кои просто „рикаат“ и повикуваат (на) слобода во најширока смисла на зборот. Ги имаше во печатените медиуми, ги има во книгите за фотографија, ги има во галериите.
Во втората половина од дваесеттиот век во документарната и новинската фотографија доминираше фотографската агенција МАГНУМ, а нејзините фотографии беа пример за ангажирани, храбри и слободоумни фотографи. Таа беше прва фотографска агенција којашто беше формирана од фотографите кои сами одлучуваа што ќе фотографираат и како ќе ги пласираат своите фотографии. Со напредни идеи, храбри и независни, фотографите од МАГНУМ беа спротивност од некои корпоративни фото-агенции коишто работеа поинаку, коишто честопати им сугерираа на фотографите што и каде ќе фотографираат, а нивните фотографски стории беа уредувани во редакциите на списанијата, честопати по мерка и потреба на некои политички центри на моќ. Јас до ден-денес, честопати ги разгледувам фотографиите од агенцијата МАГНУМ со големо одушевување и почит.
Во последно време, особено последниве неколку години, па и оваа 2022 година, многу сум разочаран од тоа во кој правец оди светот и имам чувство дека сиве овие силни фотографии биле напразно направени. Како борбата за слобода на фотографите водена исклучиво со нивните фотографии да била залудна. Не гледам дека фотографиите го промениле светот, посебно не на подобро. Се прашувам што стана со најсилното оружје на овој медиум – слободата (и леснотијата) на изразување. Што стана со трите вида на слобода спомнати на почетокот на овој текст?
Со развитокот на технологијата, особено со појавата на дигиталната револуција и појавата на интернетот, друштвените мрежи и паметните телефони снабдени со моќни камери, работите за односот на фотографијата и слободата како да се усложнија уште повеќе – на штета на слободата. Демократизацијата на медиумот придонесе секој да има фотоапарат во својот џеб, достапен 24/7. Сега секој е фотограф. Дневно се прават многу милиони фотографии коишто инстантно се поставуваат на друштвените мрежи. Но, тоа се главно тривијални фотографии, празни и никому потребни. Да бидам малку злобен, мислам дека висок процент од нив се обично дигитално ѓубре. И тоа не е сè. И тие фотографии не можете да ги гледате колку што сакате. Тие се вртат, се менуваат со голема брзина, имате само неколку секунди да ги видите, само во период од 24 часа. И да има некоја порака во некои од нив, некаков излив на креативност, на слобода на израз ако сакате, ќе бидете спречени да ги гледате фотографиите колку што сакате. Очигледно е дека само треба да ги консумирате како брза храна.
Имам чувство како некој, од некаде, од некои центри за контрола (не, не сум од оние кои веруваат во теориите за заговор), сака да ни пружи (лажно) чувство на слобода. Слобода на користење на најнова технологија. Леснотија на правење фотографии и „слободно“ изразување. Се наметнува чувството дека сме важни коцкички во општиот мозаик, а сето тоа со подгревање на нашата нарцисоидност. Во исто време, светот оди надолу. Никој, а особено оние кои имаат моќ на одлучување, не води сметка за најсериозните светски проблеми (климатските промени, сиромаштијата, бесмислените војни…) и како во онаа стара изрека: „Дајте им леб и игри на луѓето“ (и терајте си работа).
Што стана со идеалите за слобода? Што стана со (веќе) пропуштената шанса фотографијата со својот моќен израз да придонесе за сеопштата слобода? Во време на лажни вести, манипулации и буквално перење мозок на глобално ниво, иако има фотографи кои прават моќни фотографии коишто зборуваат за желбата за слобода, најшироко сфатена, тие како да останаа затворени во галериите, во книгите или маргинализирани во сеопштата какофонија. Луѓето се збунети и конфузни. Што е вистина, а што е привид? Ако на ова го додадеме и прашањето за заштита на приватноста (коешто навистина е важно прашање) и сè повеќето забрани за фотографирање, се чини дека има сe помалку простор за критички фотографии, фотографии коишто ќе ја отсликуваат борбата и желбата за слобода. Фотографите сè повеќе (ќе) се плашат да фотографираат. Тоа ли е слобода? Слобода од ограничувањата на општеството, слобода да го правиме она коешто сакаме да го правиме и слобода не само да го правиме она коешто го сакаме, туку слобода да бидеме тоа коешто можеме да бидеме.
Истовремено, државите и центрите на моќ и контрола во секој момент и на секое место нè фотографираат, нè снимаат и без наша дозвола, складираат податоци за нас. Изгледа дека тие си ја присвоиле „слободата“ за себе и нивните цели. Конечно, ќе треба да се помириме со фактот дека фотографијата не може да го промени светот, да придонесе со впечатливите слики на општочовечкото пропаѓање (но и надежи), да допре до слободата, А, се обидуваше. Фотографијата долго, долго се обидуваше. Сè што остана се илјадниците одлични, креативни, ангажирани фотографии коишто како неми споменици
ќе сведочат за тие обиди.
И што ни останува сега? Што остана од слободата да фотографираме тоа коешто сметаме дека треба и дека сакаме, како наш придонес за еден похуман, подобар свет? Се чини дека нам, на обичните луѓе и фотографи ни останува можноста да можеме слободно да фотографираме „истурени цреши на пешачкиот премин“ како што вели Кристофер Андерсон (Christopher Anderson), фотограф од Магнум. И толку.
ПРОДАВНИЦА: СКАЛА МАГАЗИН бр.2
КУПИ ★ ПО ПРОМОТИВНА ЦЕНА
______
ФОТОГРАФИЈА: Rêve à Deux [Дејан Џолев + Антонио Станков]
ИЛУСТРАЦИЈА: Гаја Смилевска АРТ-ДИРЕКЦИЈА: Петар Павлов