• Немате производи во кошничката.
Eсеј: Ослободување на слободата, пишува: Kристина Kрагујевска I Skala Magazine

ОСЛОБОДУВАЊЕ НА СЛОБОДАТА

кристина - крагујевска - есеј - скала магазин





Секогаш возбудувачки е разговорот дали ние во нашата природна состојба сме слободни, но поради потребата нашата слобода да биде ослободена и обезбедена, доброволно сме предале дел од неа на некој систем, којшто ветил дека ќе ја чува и негува.


1. 

Оттаму, човекот избрал да стане граѓанин или човек со слободи и права. Граѓанинот пак, избрал од него да произлезе суверенитетот на системот, за да системот конечно декларира дека постојат загарантирани човекови слободи и права.

Едно од нив, слободата на човекот, е неприкосновена. Освен во случаи во постапка утврдена со закон и со одлука на суд.[1]



Човековите права и теориите на природното и позитивното право

Теориите за природното и позитивното право имаат непосредно влијание врз концепциското и содржинското определување на слободите и правата на човекот.  

Omnes homines natura aequales sunt или по природа, луѓето се еднакви едни на други, е централна определба на теоријата за природното право. Првите облици на оваа теорија се јавуваат во филозофската мисла на софистите и стоиците, кои сметаат дека луѓето се по природа еднакви и надарени со logos (разум, способност за расудување).[2] Во духот на ова учење, пишува и Цицерон во неговиот De LegibusПравото е највисоката причина, вкоренета во природата, коeшто ги пропишува работите коишто мора да бидат направени и го забранува спротивното. Кога оваа сама причина е обезбедена и воспоставена во човечкиот ум, тоа е право“ (Leg. I.18).  

Но, самото Римското право[3] коешто некои автори дури го нарекуваат совршен систем на право[4], не ги признава сите луѓе како субјекти на правото и дозволува една цела категорија на лица да бидат третирани како ствари (res) или објекти на правото коишто се наоѓаат под неограничена власт на господар – робови (servi). За робовите важело едно од основните начела на римското право: servile caput nullun jus habet или робовите немаат никакви права, односно тие се орудија што зборуваат instrumentum vocale.[5]

Теоријата за позитивно право, пак, ги третира слободите и правата на човекот како производ на државната власт, со што таа може да ги укине или ограничи, ако тоа го бара државната причина (raison d’etat). Со тоа, слободите и правата не се природно својство на човекот – тие се државна категорија.[6]

Во зборовите на проф. Шкариќ, „битката помеѓу позитивното право (законско неправо) и природното право (натзаконско право) продолжува во драматична форма и во XXI век. Во таа битка, како и пред сто години, приврзаниците на природното право се во малцинство. Тие, на приврзаниците на позитивното право, катадневно им го поставуваат прашањето: „Па, до кога така?“, слично кога Цицерон го прашал Каталина во Римскиот сенат: Quousque tandem o Catalina? или: Па, до кога така Катилина?”[7]


Универзална декларација за правата на човекот од 1948 година

Со донесувањето на Универзална декларација за правата на човекот на 10 декември 1948 година, донесена од страна на Генералното собрание на Обединетите Нации, човековите права стануваат меѓународна категорија, односно слободите и правата престануваат да бидат исклучива надлежност на државите (domaine réservé).

Со тоа, Универзалната декларација се смета за заеднички стандард за постигнување на сите луѓе и нации. Со член 1 од Универзалната декларација, јасно се декларира дека „Сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права.“

Со член 27 „Секој има право слободно да учествува во културниот живот на заедницата, да ужива во уметноста и да го споделува научниот напредок и неговите благодети.
Секој има право на заштита на моралните и материјални интереси коишто произлегуваат од секое научно, литературно или уметничко дело на коешто тој е автор.“


Културни слободи и права

Настанувањето на културните слободи и права е тесно поврзано со зголемувањето на бројот на демократски општества во светот, особено во последните децении на XX век. Со тоа, настанувањето и развојот на демократијата се условени од развојот на културните права и слободи на човекот.[8]

Уставот на Македонија од 1991 г., гарантира низа на културни слободи и права, како правото на слободата на научното, уметничкото и другите видови на творештво. Се гарантираат правата што произлегуваат од интелектуалното творештво, а Републиката има обврска да го поттикнува, помага и штити развојот на науката, уметноста и културата.[9]


Поттик од Републиката

Културата како темелна вредност во Република Македонија е утврдена и со Закон за културата, со чијшто текст се утврдуваат облиците на остварување на културата, условите за остварување на културни вредности, услови за работа на субјекти во културата, еднакви услови за изразување и афирмирање на културниот идентитет итн.

Притоа, Законот за културата го дефинира и поимот уметник и вели дека уметник е секое физичко лице кое создава авторско дело од областа на уметничкото творештво или изведува авторско дело.[10]

Законот оди и чекор понатаму и усвојува концепт на самостоен уметник, односно уметник кој творештвото го остварува професионално, како единствено занимање и доколку согласно со Законот за културата и со прописите за трговските друштва, се регистрира за вршење на уметничка дејност.


илустрација - андреј - павлов - скала магазин


2. 

Ултимативната цел на правото е тоа да биде жива материја, односно во дадениот случај, да му овозможи на уметникот полно уживање на неговиот статус,  без разлика дали истиот ја поминал административната патека, па станал и самостоен уметник.

За тоа дали е тоа така, веројатно нема подобар начин освен да се обратиме кај уметниците, дел од нив и со регистрација на самостоен уметник.

Ги прашавме две прашања:

  1. Дали се чувстуваат како слободен уметник?
  2. Што е за нив неслободен уметник?



Ана Ивановска [Ликовен уметник]

Уметноста самата по себе e слободен начин на изразување, на мислење, таа е слобода. Слободата во изразувањето и имагинацијата можат да биде неограничени. Но, кај „слободниот уметник“ во правна, институционална рамка, поврзаноста со институциите сепак, наложува некакви ограничувања и критериуми. Слободата не може да биде апсолутна, а уметникот не може да егзистира сам за себе, неопходно е да ги изложи делата пред публика, така што, неминовна е поврзаноста со куратори и галерии.

Статусот на самостоен уметник овозможува чувство на одредена стабилност на долгорочен план поради поддршката од Министерството за култура со покривање на придонесите за пензиско и здравствено осигурување. Овозможено ми е флексибилност и простор за слободно изразување и извршување на уметнички дејности и, во таа смисла, се чувствувам слободна да творам, патувам, изложувам надвор од земјата, да учествувам на резиденции, колонии, да соработувам на проекти со странски уметници итн. Меѓутоа, од друга страна, сопственото уметничко творештво скоро е невозможно да биде единственото занимањe на уметникот кај нас, односно да претставува егзистенција, така што неопходно е да се направи некаков баланс помеѓу работата на проекти и творештвото.”

Кога зборуваме за општествено-политички околности, може да се претпостави дека денешниот „слободен уметник“ е всушност, многу послободен отколку што било порано. Било какви ограничувања, цензури за слободно изразување, би можело да се сметаат како укинување на слободата на уметникот. Исто така, поради недостаток на „уметнички пазар“ и неможноста да се егзистира со уметноста во нашата земја, повеќето уметници се принудени да одберат друга професија, со што времето за некаква креација станува лимитирано, што секако претставува препрека за занимавање со сопствената професија.”

Апостол Тноковски [Продукт дизајнер]

Од перспектива на мојата професија како продукт-дизајнер, јас во секоја смисла, комплетно се чувствувам како слободен уметник. Дизајнирам индивидуални проекти во мојот изграден стил и потоа се обидувам да ги реализирам/продадам. За мојата работа добивам аплаузи, пофалби, медиумска застапеност, застапеност во едиции/книги за дизајн, а финансиски апсолутно ништо… full scale Modigliani. Финансиски опстанувам од постпродукција, анимации, графички дизајн итн., да се регистрирам како слободен уметник, немам право. Ова е затоа што продукт-дизајн е комерцијална дисциплина, нели дизајнирам продукти коишто можат да се произведуваат сериски и да се продаваат.

Во мојата професија, за неслободни уметници/дизајнери ги сметам сите оние кои работат во студија или корпорации. Овие дизајнери работат по точно утврдени насоки, брендот секогаш е пред креативната слобода, постојано треба да исполнуваат нечии желби итн.

Даријан Петров [Актер]

„Јас се чувствувам како слободен уметник. Иако тоа повеќе е филозофски концепт, неизбежно е и правен. Долго време бев фокусиран на вработување во национална институција, театар – но, последните две до три години, го тргнав истото од примарен фокус. Во моментот, работам на хонорарни проекти од мојата професија, не фигурирам како вработен никаде и искрено да, се чувствувам слободен да творам, надвор од било која рамка. Сѐ уште го имам поривот за нови работи и нови проекти и необрвзаноста со фиксна структура ми дава слобода на избор, што би рекол дека е нешто што сфатив, низ годините, дека најмногу го сакам.
Професионалната слобода носи и страв/неизвесност, но и тоа е нешто што го надминав. Едноставно, креативна слобода на умот, номадска… Така што, во кратки црти, за мене слободата на творењето, искрено, чисто и автентично, е надвор од секоја норма, правна рамка, институција… Можеби наивно и детски, но ете, барем сакам (делумно) да верувам во тоа. Но, секако, сепак живееме во еден структуиран свет каде што она што го правиме и креираме, сепак барем треба да биде заштитено од еден правен аспект… Но, тука застанувам со моето познавање во врска со истото.
Што се однесува на второто прашање – според мене, преголемиот фокус надвор од чистата идеја на творењето создава неслободен уметник.

Доротеј Нешовски [Ликовен уметник]

Дали се чуствувам слободен уметник не зависи секогаш од уметникот, битно во каква средина и општество тој создава, кои му се условите и дали е ослободен од нормативи и правилата коишто ги наметнува општеството, егзистенции, се битен момент кај уметникот. Слободата се гради, се развива, слободен уметник е тој кој се втурнува во продуцирање на своите дела втурнат во непознатото коешто  го истражува и создава свој личен ликовен јазик, ужива во него и провоцира своја визуелност.

Неслободен уметник е тој што го моделира општеството, уметник кој не продуцира, уметник кој не ги следи новите текови и генерации, неслободен уметник е тој кој го јаде егзистенцијата, неслободен уметник е државата, неслободен уметник е системот во којшто живееме и наложени начини на живеење како правилни, исправни, неслободен уметник е заробеник на својата душа, неслободен уметник е тој кој нема услови да создава, принуден да работи трета работа за финансиска стабилност. Темата е комплексна и глобална, потребно е целосно истражување зошто е тоа така.

Како  уметник, не можам многу да се пофалам околу стапките на даночно и социјално осигурување, бидејќи тоа ми е и ново, година и пол сум правен субјект како трговец-поединец, самостоен уметник, кој го поддржува Министерството за култура на Македонија,  задоволен сум дека државата се грижи за своите корисници-уметници и социјално и здравствено ги заштитува.

Сепак, сметам дека тоа треба да започне и многу порано, со самото дипломирање треба  да си во можност да аплицираш за самостоен уметник каде што државата ќе го покрива  социјалното и здравственото осигурување со ослободување од даночните обврски со персонален данок, со цел градење и создавање уметници и продукција од национално богатство, создавајќи автори кои ќе бидат посветени на својата работа и етаблирани во глобалната сцена.

Но, за сето тоа се потребни и услови каде што ќе им се овозможат простории и ателјеа на самите уметници и културни работници за создавање на таа продукција.

Но, се радувам дека сѐ повеќе и повеќе има вклучени чинители во уметничкиот свет и сѐ почесто уметноста може да се наплати, не само како уметничко дело, туку и каков било поинаков ангажман. Многу се радувам што уметностите не се случуваат само по галерии и музеи, се откриваат нови простории и локации, луѓе кои ангажираат уметници и аплицираат со проекти и се обидуваат да ја раздрмаат ликовната продажба на уметниците како на младите така и на веќе етаблираните уметници, создавајќи добар чекор и помош за нивната продукција и социо-економски статус.

Борбата со економскиот раст кај уметниците треба да развие една стратегија на откупи и порачки од уметничката продукција од институционалниот и приватниот сектор, побарувачка за дела и поголема ангажираност и креативни политики и содржини.

  1. Добивање на месечни грантови или плати или месечен додаток ако приходот ми е под минимална плата.
  2. Или, ако е даночен обврсник, да има можност на годишно ниво тие средства да ги користи како повратни за разни цели од културно-социјален карактер, летувања..
  3. Чести проблеми: недостапност до информации кај уметниците, истражувања и прашалници за нивниот статус од социјален карактер, економски, здравствен, недостаток на простор за работа.
  4. Прашалници за проблемите со коишто се соочуваат уметниците и културните работници.
  5. Хонорарното учество (работа) треба да се смета во бројот на работни часови, денови за социјална заштита и пензиско осигурување на правата за пензијата.
  6. Оптоварувачки проблеми и процедури коишто одземаат многу време, традиционални моменти, присуство лично или испраќање документи во пошта, во неможност да се аплицира или потпише електронски.
  7. Релевантни прашалници поврзани со социјалното осигурување и социјалната заштита кај културните работиници.
  8. Надоместоци за невработеност, семејни бенефиции (можност за татково отсуство), бенефиции во однос на несреќи при работа.
  9. Мобилноста на уметниците и административните практики поврзани со социјално осигурување и оданочување.
  10. Воведување на апликација за дата-база на уметниците, правилата и процедурите во врска со грижата за нивните потреби, апликации, координации, ослободувања од данок, буџети и нивна ангажираност и поврзување, вработување, јавни портфолиа за олеснување на музеите и галериите за конципирање на дадените проблематики во ликовноста и визуелните и изведувачките уметности.


Ненад Тонкин [Ликовен уметник]

Во врска со првото прашање, да, јас се чувствувам како слободен уметник без разлика на официјалниот статус „слободен уметник” со фирма Трговец-поединец којшто ми е овозможен од Министерство за култура. Тоа е така дека досега и пред официјалниот статус добиен од Министерството, ниту една институција или поединец во државата нема извршено влијание на моето творештво, слободно создавам тоа што ќе ми текне и кога ќе ми текне. Регистрацијата преку Министерството ми овозможува месечни парични надоместоци за здравствено и пензиско осигурување, за што е потребно да исполнувам одредени критериуми, односно одреден број активности во струката (во мојот случај тоа се самостојни и групни изложби коишто и онака би ги реализирал и доколку немам статус  на слободен уметник). Тоа самото по себе, во никој случај не влијае на моето творештво, ниту пак сум условен во кој правец смеам или не смеам да ја насочувам мојата уметничка креација и искажан став преку делата. Секако, тука е и отварањето на фирма Трговец-поединец без којашто не е возможно пријавување на конкурсот на Министерството. Но,  тој дел за мене е толку технички што воопшто не врши никакво влијание врз креативниот, уметнички дел. Фирмата, сепак, поттикнува професионален и посериозен пристап од страна на странките со кои соработувам, што е важно за позиционирањето на пазарот.

Како резиме и со официјалниот статус на слободен уметник доделен од Министерство за култура и без него, јас сум слободен уметник и својата уметност ја изразувам независно од било какви фактори коишто би можеле на некаков начин да влијаат врз мојот идеен и креативен порив и став.

Второто прашање, неслободен уметник е оној кој преку своите дела не ја изразува својата мисла и идеја, туку работи под нечија насока, притисок, уцена и/или цензура. Најчесто, тоа се ситуации на злоупотреба на уметниковите креативни идеи и замисли коишто одат само на штета на уметникот и тоа на штета на неговото творештво и кредибилитет. За мене, поимот „неслободен уметник” има само негативна содржина.

Суад Беговски – Сухи [Актер]

Во деведесетите години од минатиот век,  Сараево беше под воена опсада. Додека градот непрекинато се гранатираше, режисерот Харис Пашовиќ го поставуваше „Хамлет” во еден од сараевските театри. Кога го прашаа зошто режира додека агресорот го гранатира Сараево, тој одговори: -А зошто тие гранатираат, додека јас режирам?

Слободата на уметникот не може да се смести во ниту едно време и простор. Таа е НАД сите простори и времиња.

Теа Беговска [Tеатарски режисер]

Неслободен уметник е тој кој се става во рамките на еден систем којшто секако и секогаш е дел од некаква конвенција. Наш е изборот дали ќе бидеме дел од таа конвенција или не. Наш е изборот колку ќе бидеме неслободни. Па, дури и да сме приморани некогаш во самото создавање да мораме да сме неслободни (поради правење компромис) повторно и пак и секогаш во тоа неслободно создавање, задачата на уметникот е да најде мотив и поттик и предизвик тоа создавање да го направи слободно. Секогаш, преку нашата работа можеме да покажеме што е неслободен уметник (преку претстава, филм, сликарско дело, музика), а со самото создавање на тоа дело сме слободни уметници кои ја прикажуваат неслободата.


3. 

Стремежот на правните прописи треба да биде во насока во која уметникот ќе биде охрабрен кон неговата уметничка слобода, којашто во својата содржина ќе ги содржи правото на слобода на мисла, слобода на јавно изразување на мислата, слободата на уметничкото творештво, слобода на движење, слобода на здружување, слобода на учество во културниот живот.

Неговата уметничка слобода мора да биде ослободена од цензура, политичка интервенција или притисок од недржавни актери.

Уметникот треба да биде слободен да замислува и твори.


_______________

[1] Член 12, Устав на Република Северна Македонија

[2] Проф. Др.Светомир Шкариќ, Уставно право, Осмо издание, Култура, Скопје 2007, стр. 447

[3] Под поимот Римско право (Ius Romanorum) се подразбира правниот поредок којшто бил во сила во римската држава од основањето на Рим (754 или 753 година од старата ера) па сѐ до смртта на императорот Јустинијан (565 година од новата ера) – според д-р Иво Пухан и д-р Мирјана Поленак Аќимовска, Римско право, Правен факултет Скопје, 2001 година

[4] „Римското право станало совршен систем на право којшто се заснова врз „чистата приватна сопственост“ – Според Енгелс, О пропадању феудализма и настајању буржоазије, Београд, 1951, стр. 14

[5] Д-р Иво Пухан и д-р Мирјана Поленак Аќимовска, Римско право, Правен факултет Скопје, 2001 година, стр. 84

[6] Проф. д-р Светомир Шкариќ, Уставно право, Осмо издание, Култура, Скопје 2007, стр. 449

[7] Ibid, стр. 450

[8] Ibid, стр. 527

[9] Член 47, Устав на Република Македонија

[10] Член 13, Закон за културата




ПРОДАВНИЦА: СКАЛА МАГАЗИН бр.2
КУПИ ПО ПРОМОТИВНА ЦЕНА

КОН ПРОДАВНИЦА

 

______
ФОТОГРАФИЈА: Rêve à Deux [Дејан Џолев + Антонио Станков]
ИЛУСТРАЦИЈА: Андреј Павлов АРТ-ДИРЕКЦИЈА: Петар Павлов

Адвокат, познавач и љубител на уметностите, пишувач и предавач на теми од интелектуална сопственост, и ко-сопственик на Школата за дизајн и уметност Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ