• Немате производи во кошничката.

Приказната на с(н)екој дизајнер


А како би можел воопшто да ја почнам приказната?
Хммм, некогаш одамна, во многу блиска галаксија, си бил еден…

„Дами и господа! Во тек е еден од најдолгоочекуваните мечеви годинава!“ – рече моливот. „Од мојата горна страна, истрајниот борец наречен ’дизајнер’! Од мојата долна страна, опасниот противник со безброј нокаути под својот појас, сите го знаете како ’празен лист хартија’.“
Моливот ги повикува двајцата: „На мој знак почнувате. Очекувам фер борба и нека победи подобриот! Спремни, сега!“ – одеднаш настапи тензија. Дизајнерот остро го гледа својот противник. Меѓутоа, не знае што да му каже, како да го нападне. Доколку идеите што му прострујуваа низ глава имаа звук, ќе се слушнеше… ништо. Доколку неговите грижи имаа звук, ќе потсетуваше на музички концерт каде што настапуваат Слипнот со музика која би вознемирила цел комшиски блок: „Немам појма што треба да правам! Рокот е до утре! “, а паралелно со нив, на истата бина е и Демијен Рајс со доволно плачлив глас: „Јас сум еден безвреден дизајнер. До видување на мојата кариера… “.

Пенкалата покрај рингот го коментираат мечот. „Празниот лист хартија повторно се наоѓа во веќе добро позната ситуација. Дизајнерот е збунет, упатува погледи кон својот компјутер. Ова е скоро сигурен знак дека ќе го предаде мечот. Коцките се наместени за уште една лесна и сигурна победа!“

Меѓутоа, денес празниот лист хартија реши да ги смени правилата. „Еј, дизајнеру! Намали ја буката во глава. Да, тебе ти се обраќам. Како планираш да ги слушнеш своите идеи кога ни самиот себе не можеш да се слушнеш?“ Никој не очекуваше дека ќе дојде до ваков пресврт, а најмалку дизајнерот. Неговиот поглед, кој копнееше за компјутерот гледајќи го како свој спасител од агонијата, се сврти повторно кон празниот лист. „Види сега, имаш две опции: да признаеш пораз и веднаш да седнеш на компјутерот, и најверојатно и таму да завршиш со пораз, или, пак, да ме сослушаш, па да го направиш овој меч поинтересен, а можеби дури и да победиш. Нема одговор? ОК, штом сè уште седиш на столов, ќе претпоставам дека си доволно љубопитен да ме сослушаш. Или можеби си само збунет што празен лист хартија ти се обраќа. Како и да е, предлагам да се обидеме да те направиме подостоен противник“ – рече листот привлекувајќи го целосното внимание на дизајнерот.





„Како прво ‒ буката во твоите мисли ‒ знам дека си навикнат таа постојано да е присутна таму. Дури кога ќе се појави простор за тишина, ти веројатно би побрзал веднаш да го исполниш. Но, ќе ти откријам една тајна. Соочување со празен лист е соочување со тишина. Токму таа моментална тишина ти дава насочена енергија да тргнеш по патот кон својата цел. Меѓутоа, твојот мозок штом ќе ја регистрира тишината, почнува да пука рафали на бескорисни информации. Со години е трениран дека тишината е чудна, неприфатлива, непродуктивна и по секоја цена ќе се обидува да ја пополни. Твоја прва задача е да ги препознаеш тие рафали, а потоа да…“ – дизајнерот погледна во својот телефон. Звукот од нотификацијата беше доволен за да му го оттргне вниманието. Пенкалата, пак, ја разбраа нотификацијата како знак за тајмаут. „Крај на првата рунда! Каков хаос, драги гледачи! Празниот лист имаше чиста шанса за победа, но како намерно да ја продолжува играта!“

„Се прашувам зошто и воопшто се трудам.“ – промрмори листот. „Дизајнеру! Фокус! Не ми се верува, пред тебе имаш празен лист кој ти зборува, а тебе една нотификација успеа да ти го одвлече вниманието. Продолжувам понатаму, се надевам без никакви прекинувања. Како што спомнав, твоја прва задача е да го препознаеш тој тек на деконцентрирачки мисли. Доволно е една таква мисла да го помине прагот и потоа ќе бидеш одвлечен во цела река на споредни работи, кои немаат никаква допирна точка со твојата креативна цел. Откако ќе ги препознаеш тие мисли што се обидуваат да ја пополнат тишината, првиот инстинкт ќе ти биде да ги игнорираш. Да си кажеш себеси дека тие не се важни. Меѓутоа, тоа функционира подеднакво ефективно како и да ти кажам да НЕ си замислуваш розова панда. Наместо игнорирање, првиот чекор е само да ги набљудуваш мислите. Навикни се на идејата дека тие мисли можат да поминат покрај тебе како да течат во една река, да ги видиш од што се составени и да ги пуштиш да продолжат во својот тек без да имаш потреба да ги подигнеш или да ги задржиш. Целта е да си докажеш себеси дека ТИ ја имаш контролата на своите мисли и дека ти ја имаш способноста[…]



ТЕКСТОТ ПРОДОЛЖУВА ВО ПЕЧАТЕНОТО ИЗДАНИЕ // СКАЛА МАГАЗИН БР.1



СКАЛА МАГАЗИН бр.1
КУПИ ПО ПРОМОТИВНА ЦЕНА

КОН ПРОДАВНИЦА




______
Фотографија: Антонио Станков
Илустрација: Иван Мегленов




Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ