• Немате производи во кошничката.
Есеј: Скала на слободата, пишува: Суад Беговски Сухи I Skala Magazine

СКАЛА НА СЛОБОДАТА

Слободата е СКАЛА по којашто треба постојано да се качуваме.

Скалата на слободата е спирална. Се движиме кружно, а се качуваме угоре. Секое искачено скалило – ново парче од слободата. Секој нов басамак – нов предизвик на слободата. Има ли последно скалило? Има ли врв на скалата? Сè додека дрвото раѓа нов плод, ќе има и нов басамак на слободата. Во секој нов плод треба да се ужива како да е последен. На секој искачен басамак, треба да се ужива како да е врв од СКАЛАТА.

Сѐ е во мигот.


I. АКТЕРОТ И СЛОБОДАТА 

Актерот и болката

Актерството е чин на ослободување од болката предизвикана од прекумерните задоволувања на желбите на ЈАС, вели Шопенхауер, во обид да го воздигне чинот на актерството на повисоко ниво на битисување – ослободување од пергинтовскиот его-синдром. Со оваа проблематика се  занимаваат великаните на актерството. Што правиме ние „останатите“ актери додека битисуваме на штиците коишто живот значат? Го правиме она коешто најдобро го умееме. Нашето самобендисано гордо ЈАС, секогаш го поставуваме на својата најомилена сценска позиција – просцениум. И не дај Боже некој да се дрзне да нѐ помести од оваа аван-сценска позиција, веднаш вадиме една штица (што живот значи) и трааас!… по главата на поместувачот. Битот на актерот никогаш не игра за гледачот. Тоа го прави неговата суета.

 Актерот и демоните

Демон во своето изворно значење значи – знаење. Сите комплексни ликови ги носат со/во себе сопствените демони – предрасуди, стравови, фрустрации, трауми, заблуди, илузии. Дел од нив како „наследен товар“, останатите се стекнуваат низ животот. Единствениот начин да се доближиме до демоните е да ги прифатиме како „непријатели со добра намера“ и да бидеме во постојана „дружба“ со нив. Во суштина, ликот-актер соочувајќи се со демоните на ликовите, тој се соочува со сопствените демони како човек-актер. Директното соочување со нив е единствен начин да се ослободиме од нив. Само на тој начин, ќе дојдеме до самите себеси: таму каде што е смислата, суштината… таму каде што е слободата,
нашата слобода.

Комплексните ликови на книжевноста (Фауст, Пер Гинт, Гилгамеш, Одисеј) во себе го содржат знаењето за животот. Сценската дружба на актерот со нив е благородна и опасна, истовремено. Изборот е во нас самите. Слободата е во демоните.


Актерот и хибрис-ликовите 

Да се извојува победа на самите крајности од животот, во состојба на гнев, бол, безумна радост, очај, страв, еротска опседнатост… да се преобрати „негативната“ енергија во „позитивна“, да се преобрази деструктивниот нагон во творечки. Ете, тоа е задачата (и природата) на хибрис-ликовите, да се движат по самиот раб на животните крајности: гнев, безумна радост, очај, страв, еротска опседнатост, бол, бидејќи на крајностите е сместена слободата. Слободата на уметникот. Слободата на поединецот. Хибрис-ликовите во себе носат затскриена, невидлива енергија којашто има моќ да избави, моќ да го преобрази лошото во арно, душманот во пријател. Моќ лудите Еринии да ги преобрати во милостиви Евмениди. Моќ кога Фауст на крајот од аџилакот му вели на животот: „Запри го својот од, ти си толку убав“, свесен дека Мефисто го има изгубено обложувањето со него.    

Задачата на актерот е – преку хибрис-ликовите – да се движи по рабовите на сценскиот живот во потрага по личната слобода. Инаку, за кој враг би излегувал на сцена, за кој враг би се бавел со актерство, со театар… со уметност?  За кој враг?

Орхан Памук („Снег“)

„Добар актер е оној кој го претставува седиментот: неистражените и необјаснети сили коишто се таложеле со векови. Лекциите коишто ги научил, ги крие длабоко во себе. Неговата самоконтрола е восхитувачка – никогаш не го соголува своето срце. Сиот свој живот патува по непознати патишта, глуми во зафрлени театри, игра во градови заборавени од Бога; и секаде каде што оди го бара гласот што ќе му даде вистинска СЛОБОДА. Ако има среќа да го најде тој глас, треба без страв да го прифати и да го следи до крај“.


II. ТЕАТАРОТ И СЛОБОДАТА 

Театарот и моралот

Значењето на театарот е секогаш обратнопропорционален со значењето на
општествениот морал и граѓанските слободи (Hugo Ball).

Театарот не е педагошка институција во којашто се „изучува“ кодексот на општествениот морал. Задачата на театарот е да ја открие ЦЕЛИНАТА на сликата, а таму сѐ е двосмислено: 

– убавиот збор железни порти отвора, само ако молчењето е злато;
– другиот образ се врти, само ако биде возвратена шлаканицата;
– искреноста се цени, само ако лагата е корисна.

Сѐ е во проценка на мигот.
Останатото му припаѓа на лудиот фанатизам, од секаков вид.


Театарот и државата

„Непријателите на театарот се државата, религијата и вкусот на високиот пречистен морал“ – Гете.

Поединецот егзистира преку своите шаблонизирани реакции: во однос на мислите, чувствата, движењата, расудувањата, логиката. Човековата душа е автоматизирана, таа е во заточеништво на државниот апарат којшто плански го создава (и одржува) општествениот продукт наречен – автоматизирана душа. Пеколно суровата стратегија е едноставна: преку добро извежбани, автоматизирани рефлекси, поединецот се држи во заточеништво и постојана контрола од страна на  општественото устројство. На овој начин – преку постојана контрола – му се одзема можноста на поединецот да трага по самиот себеси, по себството. Да трага по личната слобода. 


Оваа вистина ја констатирал Л. Пирандело уште пред стотина години, воведувајќи ја неговата нова драматургија, којашто ќе понуди конкретен пат за ослободување од автоматизираната душа. Пат којшто води кон личната слобода на уметникот… и на поединецот како човечко битие.

Што конкретно нуди новата драматургија на Пирандело? Наместо вообичаена, традиционална анализа на ликовите и настаните, на сцена се случува пресврт: се спроведува демонтажа и анализа на самиот традиционален аналитичар. Имено, анализата се претвора во самоанализа на самиот аналитичар. Наместо „театар кон надвор“, се случува „театар кон внатре“. За овој процес, Пирандело воведува на сцена лик-протагонист, нарекувајќи го НОВ ЛИК. На сцена се одигрува револуционерен чин: ликовите веќе не дејствуваат надвор од себе, туку обратно, кон самите себеси, поточно, настанот од секојдневието се користи за сопствена цел, за анализа на самите себеси како ликови, како продукти на едно конкретно општество. Низ овој процес, ликот-протагонист им ги предочува на останатите ликови нивните конформистички рефлекси со чијашто помош  егзистираат во секојдневието. НОВИОТ ЛИК, како единствен разбуден лик во пиесата, лик со свест за себе, им ги открива на останатите ликови нивните шаблонизирани реакции: во однос на мислите, чувствата, движењата, расудувањата, логиката. Конкретно, НОВИОТ ЛИК, наместо општествен театар, нуди „личен“ театар, каде што ликовите наместо да дејствуваат „надвор“ од себе, кон општеството, сега ќе дејствуваат „на внатре“, кон самите себе. Овој процес ќе им овозможи да навлезат во самите себеси, во потрага по себството… во потрага по личната слобода.

Многу подоцна, Енди Ворхол преку неговите „конзерви од супа“, ја потврдува општествената автоматизираност на душата на поединецот.


III. УМЕТНИКОТ И СЛОБОДАТА

Како што судијата е ,,ослободен” од товарот на општестественото секојдневие, така и уметникот треба да биде ,,ослободен” од истиот товар.


Слобода – чувство или состојба на умот

Постојано се прашував дали слободата на уметникот е состојба на умот или е чувство?! Имаше мигови кога верував дека слободата е состојба на умот, а потоа вербата го отстапуваше местото на чувството. Потоа, се случи да прочитам еден запис од древноста – „умот е дрвото, а срцето се неговите плодови“.

Ние уметниците секогаш ја бараме слободата „надвор“. Бунтовнички велиме дека нашата слобода на израз (и како граѓани и како уметници) е заробена од крутоста на општествено-политичкото устројство, од режимскиот државен законик, од бирократизираните институции. И се бориме, жестоко се бориме со „надворешниот фактор“. Но, никогаш или многу ретко слободата ја бараме „внатре“, во самите себеси. Заробеноста на слободата од внатре, од нас самите, е многу поопасна од заробеноста на слободата од надвор. Имено, како уметници (и како човечки битија) ние сме во постојана заробеност од сопствените предрасуди, фрустрации, стереотипи, заблуди, архаизми, шаблони, конформизми, стравови. Сево ова, претставува сериозна пречка на нашиот пат во создавањето на уметничкото дело, а со тоа и потрагата по сопствената слобода. Кога на оваа заробеност би ги додале и прангите на нашето самобендисано и гордо его, тогаш ние (како уметници и човечки битија) имаме сериозен проблем со слободата.

Борбата со егото е борба за лична слобода – како две мечки во пештера фатени за гуша.

Небаре на колена молиме, а сепак да бидеме слободни

„За вистинско љубовно уживање треба целосно да се предадеме: небаре на колена молиме, а сепак да бидеме слободни“. Така е и со вистинското уживање во слободата. Нормално, „чистиот“ ум веднаш би се побунил: „Не е можно ем на колена да молиме, ем да бидеме слободни, тоа е нелогично, ирационално, парадоксално“. Ум како ум, секогаш кога се обидува да најде одговор на прашања коишто се „надвор“ од умственото искуство, веднаш се заплеткува во противречностите (тело – дух; добро – зло; слуга – господар) не можејќи да најде „разумен и логичен“ одговор.

Чистиот ум е последната пречка којашто уметникот треба да ја совлада на својот аџилак кон самиот себеси – личната слобода. Пречката ќе ја совлада во мигот кога ќе ја сфати нужната поврзаност на противречностите, кога ќе сфати дека крајностите на животот се како аверс и реверс од монета – НЕОДВОИВИ.

Слободата ќе ја почувствува кога ќе го скине плодот на срцето, чиешто дрво се наоѓа во умот.

Скала Магазин Кешкец илустрација за есеј Суад Беговски

Каде се наоѓа слободата?

На самиот раб од бездната, таму каде што пребива гневот, безумната радост, очајот, стравот, еротската опседнатост, болката. Токму таму, во таа зона пребива слободата. Слободата на уметникот. Слободата на човекот. Да се извојува победа во оваа „опасна зона“ е голем и опасен предизвик, воедно и привилегија за уметникот, бидејќи токму во овие крајни ситуации, во состојба на гнев, бол, безумна радост, очај, страв, еротска опседнатост, се наоѓа затскриена, невидлива енергија којашто има моќ да избави, да ја преобрати „негативната“ енергија во „позитивна“, да го преобрази деструктивниот нагон во творечки. Моќ да нѐ ОСЛОБОДИ од заробеноста во самите себеси.

Слободата се наоѓа таму каде што најмалку сакаме да биде – на самиот раб од животот, иако, во суштина, животот нема рабови: патот угоре истовремено е пат удолу; патот на лево истовремено е пат на десно…

Секој крај означува нов почеток.
Искачено скалило е само почеток на ново скалило.
Крајот на овој есеј, истовремено е почеток на нов есеј.

Патот на уметникот е спирална скала – навидум се движите во круг, а се искачувате угоре.


Еденска слобода

Слободата ја поседува мистичноста на Еденското јаболко. Ако го гризнеш, ќе бидеш пишман, ако не го гризнеш, двапати ќе бидеш пишман. Изборот е наш (а можеби на нашата предодреденост). Слободата е „вкус“. А вкусот е во забранетото овошје. Треба да го гризнеме за да го почувствуваме вкусот. Заради вкусот ќе бидеме протерани од Еденската градина. Но… подобро еднаш пишман, отколку двапати.




ПРОДАВНИЦА: СКАЛА МАГАЗИН бр.2
КУПИ ПО ПРОМОТИВНА ЦЕНА

КОН ПРОДАВНИЦА

 

______
ФОТОГРАФИЈА: Rêve à Deux [Дејан Џолев + Антонио Станков]
ИЛУСТРАЦИЈА: Давор Кешќец

Актер, голем познавач и аналитичар на театарската и филмската уметност. Неговата кариера започнува уште како студент на Факултетот за драмски уметности во Скопје, кога патува низ најзначајните театарски случувања во Југославија. По дипломирањето неколку години работи во театарот на Roberto Culi „Theater a.d. Ruhr“ во Mulhajm. Денес сигурно ќе се сетите на неговото последно филмско остварување „Попот“ од „Господ постои, името ѝ е Петрунија“.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ