• Немате производи во кошничката.
Есеј: Слобода, пишува: Петар Павлов I Skala Magazine

СЛОБОДА




02:53. Градот мирно спие, земајќи воздишка од напорните луѓе, автомобили, кои како да се трудат да остават гласна трага во овој свет. Прозорците на зградата веќе уште пред неколку часа се трансформираа од жолти квадратни композиции во коишто повремено ќе се нацрташе по некоја силуета, во црни, потполно тивки квадрати. Можеше да се види само уште по некој прозорец којшто емитира слаба светлина, давајќи суптилни знаци на буден живот.
Во еден од нив, беше и дизајнерката.


За разлика од спокојот којшто преовладуваше околу неа, во нејзината глава беше потполна војна. Рокот за предавање на проектот како метален обрач ја стега и ѝ прави чувство како да се бори за креативен воздух. Таа се обидува да се фокусира, да ја отвори апликацијата и што побрзо да го заврши својот проект, меѓутоа нејзиното битие одбива. Седејќи пред компјутерот, поминува низ стари фајлови, ги средува, брише, креира некаков привиден ред, работи сè, само да не се соочи со фактот дека е приморана да го доведе проектот при крај. 

Зголемениот притисок ја натера одеднаш да се одвои од екранот, одгурнувајќи ја својата столица. И така, седи на средина од својата соба, полека се врти и го чувствува мекиот ветар којшто влегува преку отворениот прозор. А заедно со ветрот, долетува и празен лист хартија, свиткан во форма на авионче. Слетува точно во нејзиното крило. Дизајнерката зачудено го гледа и решава да го расклопи, очекувајќи дека можеби има некоја напишана порака на него. Но, хартијата е празна. Освен линиите на свиткување, нема други знаци на живот.





Дизајнерката ги затвора своите очи и полека преминува со своите раце низ листот којшто до пред неколку моменти беше авион. „Хеј, драга дизајнерко. Немој да се плашиш, тоа сум само јас!“ -рече празниот лист хартија со смирен глас којшто беше во хармонија со суптилните звуци на гужвање хартија. „Не можам а да не забележам дека нешто те мачи. Дали би сакала да ми кажеш нешто повеќе околу тоа?“ Дизајнерката збунета уште повеќе не се осудува наглас да ги изусти своите маки, па ги препушта само да поминат низ нејзините мисли. „Проектот треба да го завршам до утре. Барањата на клиентот се толку ограничувачки што ми се чини дека нема решение коешто би одговарало. Доколку само би ја имала целата креативна слобода на овој свет, би било толку полесно!“ Листот внимателно го слушаше внатрешниот монолог и реши да преземе нешто околу целава ситуација. „Во ред. Дозволи ми да испробаме нешто заедно. Сфаќам дека се чувствуваш заробено, безизлезно, па ајде да го створиме токму обратното! Ајде да отпатуваме заедно во најотвореното, најширокото место во креативниот простор!“ Медитативното гужвање на хартијата ѝ дозволи на дизајнерката да се препушти целосно и мисловно да отпатуваат заедно со листот. Веќе не беа ограничени од ѕидовите на собата и притисокот од сите работи со проектот, беше тргнат настрана. Тие се најдоа во еден бескраен празен простор којшто наликува на мирно, инспиративно утро во Сахара. „Ова пространство е сега твоето поле за креирање. Како што можеш да видиш, сите ограничувања се тргнати. Можеш да тргнеш во било кој правец, можеш да посадиш што и да посакаш. Заборави на стегите, ограничувањата, на сите кафези коишто постојат во твојата глава – сега постои само твојата мисла и твојата слобода на креирање.“


Дизајнерката чувствува дека конечно успеала да дојде во позиција да креира! Го гледа ова бесконечно креативно игралиште и подготвена е да го реши проектот. Зема еден длабок здив пред да се нурне во проектот и одеднаш… тишина. „Во која насока да одам сега? Дали е доволно јасно? Не можам да се одлучам. Како ќе знам кое е најдоброто решение?…Се појавија безброј прашања и конфузијата само порасна. „Ми се чини дека оваа потполна слобода не е од голема помош. Тешко е кога нема за што да се фатиш. Знам дека креативниот кафез во којшто се наоѓаше те плашеше, но ајде да пробаме уште еднаш. Влези во него и пробај да се чувствуваш комфорно. Прифати ги неговите правила. Дизајнерката не разбираше за какви правила станува збор и како кафез може да има правила. „Секој кафез има свои правила. Некои од тие правила се поставени од страна на клиентот, некои од нив се поставени од тебе, а трети – од луѓето за кои е наменет тој дизајн. Сите тие правила му ја даваат крајната форма на кафезот. И од голем важност е да се чувствуваш удобно таму. Забележа дека можев да искористам и друг збор наместо кафез. Можев дека кажам коцка или соба или галерија, сите тие се подеднакво точни. Меѓутоа, понекогаш притисокот во нас е доста голем, па потешко ќе прифатиме да гледаме на тоа како галерија или мирна соба. А вака, прифаќаме дека тоа е кафез и се обидуваме да го најдеме својот комфор.“ Дизајнерката почна да го визуелизира кафезот, материјалот од којшто е направен, неговата големина. „Се прашуваш можеби што потоа? Што да правам откако ќе бидам внатре? Одговорт е едноставен. Ја бараш својата удобност, истражувајќи го кафезот. Се обидуваш да се сместиш во секое негово ќоше, ги поместуваш работите наоколу и со секој потег ја мериш својата удобност. Бидејќи просторот е ограничен, полесно е да се истражува. Не заборавај дека и ти имаш удел во крајниот избор!





 


ПРОДАВНИЦА: СКАЛА МАГАЗИН бр.2
КУПИ ПО ПРОМОТИВНА ЦЕНА

КОН ПРОДАВНИЦА

______
ФОТОГРАФИЈА: Rêve à Deux [Дејан Џолев + Антонио Станков]
ИЛУСТРАЦИЈА: Андреј Павлов АРТ-ДИРЕКЦИЈА: Петар Павлов

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ