• Немате производи во кошничката.

Уметноста на возможното

„Уметноста на возможното“ е втор од серија на текстови од областа на интелектуалната сопственост.

Во претходниот текст, разговаравме за aвторот како еден од субјектите кој ужива заштита според правото на интелектуалната сопственост.
Со тоа, ја анализиравме правната дефиниција на поимот, правните квалификации и условите за признавање на авторството.
Во овој текст ќе разговаравме зошто тоа не е секогаш така.

 

Марсел Дишан (Marcel Duchamp, 1887-1968)

Марсел Дишан е роден во Бленвиле (Нормандија, Франција), како внук на уметник и син на нотар. Како најмал од тројца синови, неговиот татко имал надеж дека неговиот син ќе ја наследи неговата професија. Но Дишан, со негови зборови, сметал дека е многу природно да биде привлечен од примерот од неговите постари браќа, па и тој да се пресели во Париз и да стане уметник. 

За делата што ги направил или избрал по неговата преселба во Париз, а подоцна во Минхен и во САД и какво е нивното влијание врз размислувањето што всушност е уметност, за жал (или веројатно, среќа) правниците не се тие од кои се должи таква анализа. 

Ние можеме да ги читаме и да им веруваме на уметниците и историчарите на уметност, од кои многумина се согласуваат дека Дишан е уметникот на 20-тиот век и татко на концептуалната уметност. Секако, може да се воодушевуваме на објектите што ги избрал, на стаклото, на невестата, на паднатите жици и да размислиме какви биле другите аспекти на Мона Лиза (L.H.O.O.Q.). За четвртата димензија, можеби е подобро и да не размислуваме. 

Но, во овој текст, ќе се обидеме да разгледаме како неговите дела влијаат врз вообичаеното поимање на поимот за авторство и на правните дефиниции во врска со условите за заштита на авторски дела. И низ тој процес, да се обидеме да не заклучиме дека и во правото anything goes. Зошто условите се одлични од 1917 година (Fountain)

 

Правен концепт бр. 1 – Автор е физичко лице кое го создало авторското дело

Кај Дишан, ова би била соодветна дефиниција за делото, на пример, Nude Descending a Staircase, No. 2.

Првичното изложување на ова дело било одбиено од страна на 1912 Salon des Indépendants во Париз и покрај тоа што критериумот за изложување на салонот бил едноставен: без жири, без награда. Причините за одбивање – делото или насловот е префутуристички, ироничен. 

Таквото одбивање, го носи ова дело (а веројатно покасно и самиот Дишан) во САД на 1913 Armory Show. 

Дали успехот на ова дело во САД придонел кон верување на Дишан дека условите за изложување се таму различни, не би можеле да разговараме, меѓутоа не долго потоа, се случува изложбата на Друштвото на независни уметници во Њујорк, САД и правилото за учество на изложбата е: без жири, без награда (no jury, no price). 

Во услови кога (повторно) нема никаков критериум што може да биде изложено и секој што ќе плати такса за учество може да изложува, Дишан го поднесува делото „Фонтана“ (1917) – писоар, купен од локалната продавница за санитарија. И со тоа, веројатно и неговото мислење што е уметност во услови на немање на жири кое применува критериуми за прием на дела.


Ready-mades

И таму некаде пред или после писоарот, Дишан избра и држач за шишиња, тркало од велосипед, чешел и многу други готови објекти, создадени најчесто во фабрика, во сериско производство од стотици исти објекти. 

И со нив, веројатно намерно, отвори простор за редефинирање на целосното дотогашно поимање на уметноста, а со тоа и многу дилеми околу применливоста на правни дефиниции кои се обидуваат да го стават тој концепт во правна рамка. Неизбежно се отворија прашањата како, што во услови кога авторот ни најмалку не го создал авторското дело, туку само го избрал, односно го променил неговиот концепт, а со тоа и начинот на наше доживување на тој објект. Преку тоа, дефиницијата на создавањето, како и уметноста после Дишан, е многу релативна.


По Дишан:

Автор е физичко лице (за сега) кое го создало или избрало авторското дело. 

Како автор се смета лице чие име, псевдоним, код или друг знак, на вообичаен начин е означен на делото, додека не се докаже спротивното, во согласност со закон.

На авторот му припаѓа авторското право со самото создавање на делото. Момент на создавање на делото, во случај на избор на готов објект, е моментот на изборот од страна на авторот (или евентуално) моментот на потпишувањето на истото. (?) 

Изборот е создавање. Или нешто во овој контекст.


Правен концепт бр. 2 – Идеја за авторско дело не може да биде предмет на заштита.

Правната доктрина претпоставува три фази на создавање на авторското дело:

  1. Идеја;
  2. Внатрешна форма;
  3. Надворешна форма.

Првата фаза на создавање на авторското дело е концептот на идното авторско дело. Идејата, како прва фаза на создавањето, не е предмет на правна заштита. 

Втората фаза или конкретизација на содржината на идното авторско дело, е веќе вообличување на идејата во нејзината конкретна содржина во надворешна форма. Во оваа фаза, делото е во форма на пример, скица и е предмет на правна заштита. 

Третата фаза е веќе материјализиран, завршен облик на авторското дело. 

Делата на Дишан, несомнено, имаат материјализиран облик. Меѓутоа, сами по себе, тие никогаш нема да бидат предмет на заштита на авторско право (можеби патент или индустриски дизајн). Што тогаш заштитуваме во овие дела, ако не, само идеја?(1)

Во поглед пак на завршениот облик на делото, според Дишан, ниту едно од неговите дела не е завршено. Делото завршува, некаде во односот на делото со гледачот. Во врска со чувствата на гледачите кон неговите дела, неретко се спомнува изјавата на Претседателот Теодор Рузвелт (откако ја видел Nude Descending a Staircase, No. 2) што, веројатно, е најдобро да се прочита во оригинал

 

Правен концепт бр. 3 – Делото на авторот се штити затоа што е оригинално.

Поимот оригиналност е еден од најконтроверзните поими на авторското право, поради што законот најчесто не се впушта во негово дефинирање. 

Законодавецот оставил судската практика, врз основа на авторско-правна доктрина, да го обликува и толкува тој поим во согласност со принципот на еволутивното толкување на правото.(2)  

Делото „L.H.O.O.Q.“ (1919) е обична разгледница на славното дело „Мона Лиза“ на Леонардо да Винчи, на која Дишан нацртал мустаќи и брада и секако го сменил називот на делото.(3)

Кога Францис Пикабиа, го побарал делото за објава во неговиот магазин „391“, Дишан не можел да го прати навреме – па му предложил да го направи сам. Пикабиа го послушал, ама заборавил да ја нацрта и брадата. 

Делото „Големото стакло“ (или The Bride Stripped Bare by Her Bachelors, Even, 1915–23) е дело што Дишан, исто така никогаш не го завршил.(4) Го работел 12 години. 

Кога во 1965 година, Ричард Хамилтон направил реплика на делото, на Дишан толку му се допаднала што самиот ја потпишал и додал „pour copie conforme“. 

Среќа, ниту едно од овие дела не завршило на суд во поглед на правна работа – кој е автор на делото, што е оригинал, што е копија.

 

Наследство

Според изјавите на неговите следбеници, пријатели… некои од нив прикажани во „Уметноста на возможното“, многумина верувале дека Дишан се откажал од создавањето, односно изборот на авторски дела и дека во последните години од неговиот живот само играл шах и дишел („I was just being a breather”). Подоцна се покажало дека работел на неговото последно дело „Étant donnés“ (1946–1966).

На Марсел Дишан се припишува заслугата за отворањето на простор на низа млади уметници да размислуваат, водени од премисата, кој има идеи – тој може да создава. Неговите готови објекти, иронија или не, го доведуваат во прашање целиот тогашен систем на уметност и ја покажуваат потребата за негова реформа, што можеби е најголемото наследство на Дишан.

Гледајќи ја јасно рефлексијата на тоа влијание и врз правното поимање, дали конечно треба да го поставиме прашањето за потребата на истото разурнување и на правниот систем и на тенденцијата на правно дефинирање, со поставување на исклучоци, да не претераме ако кажеме уште од 1917 година.

При тоа, најмалку на ум го имаме само концептот на интелектуалната сопственост.


 


Текстот е посветен на две мои исклучително драги девојки, кои во 2016 година не ја завршија постапката за добивање на лиценца за нотар.



______
ФОТОГРАФИЈА: Антонио Станков

_____________

  1. 1976 US Copyright Act, секција 1976 предвидува дека идеја, процедура, процес, систем, метод на дејствување, концепт, принцип или откритие, се изречно изземени од правна заштита, иако Судовите во САД ја признаваат тешкотијата на различување на идејата и нејзиното изразување, според Prowda, Judith: Visual Arts and the Law, Sotheby’s Institute of Art, 2017, стр. 60 
    2. Дабовиќ Анастасовска, Јадранка и Пепељугоски Валентин: Право на интелектуална сопственост, Правен факултет Јустинијан Први Скопје, Скопје, 2008, стр.161
    3. Првото „meme“? За преводот на насловот на делото, види оригинал.
    4. Секако повторно, според него.

Адвокат, познавач и љубител на уметностите, пишувач и предавач на теми од интелектуална сопственост, и ко-сопственик на Школата за дизајн и уметност Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ