• Немате производи во кошничката.
скала магазин

ВАЖНО ОБРАЌАЊЕ


Драги Скалаџии, 

Ова обраќање изминатите неколку месеци добиваше повеќе форми, но никогаш не собравме храброст да го споделиме со вас, поради надежта дека постои решение за сочувување на нашиот и ваш простор за едукација, информирање и промоција на младите и културата - „Скала магазин“. 

Пред да преминеме на заклучокот, би сакал да се навратиме на сите наши активности од првиот ден, 1 јуни 2020 година. 

„Скала магазин“ изгради целосен мултидисциплинарен простор на заедница од млади автори, поврзувајќи ги нивните искуства низ различни и целосно автентични форми: 

1. Дигитален пишувачки медиум :: +20 неделни и месечни рубрики, од едукативен и информативен карактер [колумни, есеи, интервјуа, репортажи...]; 

2. Печатени изданија :: 2 печатени изданија, високо квалитетна наративна и визуелна содржина на 3 типа на хартија и печат на голем формат 310х240мм, во 500 примероци од број; 

3. ТВ студио :: +10 аудио-визуелни содржини во форма на: подкасти, кратки репортажни интервјуа...; 

4. E-продавница :: На својата платформа, Скала има интегрирано своја е-продавница со +100 автори и +1.000 продажни уметнички артефакти, дизајнерски дела и сл.; 

5. Галериски изложби :: „Скала“ ја врати публиката во галерија - затоа што уметноста припаѓа во галерија, а не на инстаграм! +100 Автори имаа можност да ги изложат своите дела на 8 „Скала“ изложби, коишто ги посетија +3.500 посетители. 

6. Панел дискусии и отворени предавања :: Едукацијата и дијалогот се најважни елементи за развој на прогресивно и критичко општество. +10 отворени предавања и јавни дебати со еминентни универзитетски професори и професионалци од креативните индустрии.

7. Добро утро креативци :: Секој мај, го одржуваме Саемот за креативни искуства и размисли! Еднодневен настан за промоција на компании од креативните индустрии, автори уметници, дизајнери и занаетчии, со свој штанд + музика, изложба, панел- дискусии... 

8. Корпоративни услуги :: Како дел од својата платформа, Скала нуди широк спектар на маркетинг и рекламни услуги, вклучувајќи: креирање на маркетинг стратегии, графички дизајн, фото и видео продукција… +20 компании од креативните индустрии ја искористија оваа можност за соработка. 


ЕПИЛОГ ::

„Скала магазин“ изминатите неколку месеци го загуби чекорот. Каменот беше сѐ потежок [за причините нема да жалиме], но седнавме на скалички да вдишиме длабоко и размениме размисли. Заклучивме дека постојат две опции: да му го вратиме каменот на Сизиф и тој самиот да продолжи или пак, ние сите заедно да продолжиме да го тркаламе. Токму поради овие две причини, ова обраќање ја менуваше својата форма, но притисокот е сѐ поголем и ви должиме информација по којашто и ние сѐ уште трагаме, па затоа ви поставуваме прашање:

Што очекувате од „Скала магазин“? Каков тип на продукција и содржина? Всушност дали воопшто е потребна за новата сцена или пак тоа е само наша интимна потреба? И колку од вас се подготвени да помогнат во туркањето на каменот и заедно да направиме многу повеќе? 

Доколку имате било какви предлози, идеи, желби, отворената дискусија може да започне, ве очекуваме со нетрпение! 


ЗАКЛУЧОК :: 

Сепак! Имаме каква таква одлука :) Додека се изнајде решение за опстанокот и уредувачката политика и организација, „Скала магазин“ ќе биде активна преку продукција на поткастот „Парк шема“, но исто така ќе биде и опсерватор на активностите на студентите од нашата Школа за дизајн и уметност „SKALA School“.

Ве очекуваме! Колку поскоро најдеме заедно решение, толку побргу ќе започенеме со старо-нови активности. 

Дејан Џолев, 
Главен и одговорен уредник на Скала магазин.


Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ