• Немате производи во кошничката.

Мора да држиме дистанца! Но на луѓето им треба и музика!


РАЗГОВОР СО: Funk Shui [Здраво млади]


По повод јубилејното десетто издание на Фестивалот на нова музика Здраво млади, коешто е закажано за [денес] 27 август, во паркот на МКЦ, поразговаравме со членовите на Фанк шуи, кои се дел од музичката програма на фестивалот.
Funk Shui е скопски бенд кој комбинира повеќе различни ритмови и алтернативни инструментални музички жанрови. Создаден е пред десет години во длабочините на МКЦ, од пет млади момци со единствена цел, создавање музика поради самата музика. 
Среќа го имав забележано бројот на Лука [вокал и гитара], на случајна средба [во ходник] за време на одржувањето на Моден викенд Скопје. Тогаш со Лука лично не се познававме, но јас секако го познавав, тоа беше време кога синглот „Архетип“ ечеше по скопските фрекфенции. 
Имавме очен контакт… Тој беше презафатен со потпишување автограми, но кратко потоа се проби помеѓу десетиците фанови [најповеќе од спротивниот пол], ми пријде и ме поздрави изговорувајќи го мојот музички псевдоним којшто е во пензија повеќе од 15 години. Бев прилично изненаден дека ја познава мојата музика, па уште спомна и дека понекогаш ја преслушувале со момците од бендот. 
Разменивме броеви… А неколку години подоцна ја искористив таа привилегија.


ЏОЛЕВ: Ало Лука, имаме неполни два дена да поразговараме по повод настапот во четврток!
ЛУКА: На целодневни проби сме, дојди за време на проба со екипата, дојдете со маски!

Ден потоа, прилично одалечени од центарското градско подрачје ги најдовме момците во куќа опкружена зеленило, небо и тишина. Лука беше загрижен за нередот, а јас немав поим за што зборува, тоа беше „рај“, барем тоа беше мојот прв збор кога влегов во нивниот интимен простор за создавање музика. 


КАНЦЕЛАРИЈА


Сакаш да работиш од дома? Во подрум како Стив Џек? Или од шпајз? – Започни ја твојата кариера од соништата и запиши се на Академијата  за  UX UI +



Некаде далеку од градот…


Лука [вокал и гитара], Мики [бас], Давид [тапани], Драги [гитара], Стефан [перкусии], сите на куп, помеѓу тон гитари, појачала, микрофони, кабли, звучници… отворивме дискусија, која содржи иронија, сарказам и метафори, скопски, кумановски и струмички дијалект. Текстот е разговорно пренесен.


ЏОЛЕВ: Момци, зошто правите музика?
ЛУКА: Кој ѓавол нѐ натера?
ЏОЛЕВ: Да, може, ајде да го предефинираме, кој ѓавол ве натера да правите музика?
МИКИ: Мене ич не ми е чисто тоа… Идев нижо музичко, уште у второ одделение, прилично брзо ми стана досадно да свирам класична музика, и гледав што може повеќе да понуди гитарата. Подоцна со еден другар решивме да свириме заедно, па ги молевме неговите дома да му купат бубањ, па една канта му купија… Подоцна почнавме простор да бараме… 
ЛУКА: Се уште бараме простор.
МИКИ: Нѐ привлекла музиката доволно силно за да дознаеме како се прави. 
ДАВИД: Јас започнав со гитара, тоа ми беа и единствените часови по музика, но тоа не беше мојот омилен инструмент, отсекогаш тоа беше бубањот, затоа што е најбољи инструмент, претпоставувам сите ќе се сложат? 
СИТЕ: Точно, точно..
ДАВИД: Првиот момент кога се појачав во рамењата си купив бугњеви, за да можам да ги транспортирам [се смеат]. Убавото за овој бенд е што започнавме многу рано. Првата магија, она чувство дека сте бенд, се случи на проба во МКЦ, во една канцеларија, поради тоа што тоа беше единственото место кое можеа да ни го понудат. Свиревме буквално покрај бироa со компјутери и документи.

Сите се смеат, додека Лука нешто дополнително коментира.

ДАВИД: Тоа беше навистина прв пат. Како кога ја губиш невиноста, не си сигурен што правиш ама си среќен, и така уште неколку пати, се до моментот кога конечно знаеш што правиш и си викаш „е ова е тоа“.

Сите се смеат, а за Лука не сум баш сигурен.
 
ДРАГИ: Размислувам уште од кога го постави прашањето и неможам едно нешто да кажам… сите оние работи кои ни се случуваат во животот, некако мора да излезат, драго ми е што во нашиот случај тоа е музика. Едноставно природно ти доаѓа да го правиш. 
СТЕФАН: Јас сум најнеконвенционалниот музичар од сите тука, немам никакво музичко образование, почнав како диџеј, најнеблагодарната музичка професија. Со екипата се познаваме и дружиме одамна, но сега ме официјализираа како член на бендот.
ЛУКА: Цел живот нѐ замара од страна, и конечно му рековме ајде дојди да не замараш внатре во бендот. 
СТЕФАН: Некој го вика замарање, јас го викам инспирирање.
ЛУКА: Скромно од твоја страна.
СТЕФАН: Зошто музика? Неможе да се искаже со зборови, лајф настап е најубавата емоција што сум ја осетил во живот. Навистина незнам зошто правиме музика, најверојатно за да пробаме да направиме нова музика. 




ЏОЛЕВ: Може ли да ја дефинираме таа нова музика? Претпоставувам сите доаѓате од различни музички влијанија, како успевате да го организирате звукот таков каков што е.
МИКИ: За тоа е потребно време.
ЛУКА: Не е потребно време, Мики ни е спор, останатите брзо се соединуваме.
ДРАГИ: Мислам дека врската ни се тие неколку бендови кои нѐ поврзуваат.
ЛУКА: Создаваш, ти доаѓа, иако сметам дека тоа не е случајно. Секогаш предизвикот е како да се зачува доживувањето на тој што прв го почувствувал „тоа“.
ЏОЛЕВ: Кои сѐ вашите влијанија коишто поминале преку вашето студио?
ЛУКА: „Чиста околина“, „Архангел“ дефинитивно на сите нас. На првата свирка во живо свиревме песна од „Ред хот чили пејперс“ [се смеат сите, се смеам и јас], „Ласт Експедишн“ – „Шефе“ и „Шеф“ од „Чиста околина“, тоа ни беше НЗС-то тогаш, и бендовите во кои свиреше Мики од шестто одделение сѐ до средно. Јас кога го запознав Мики славен беше. Сега сѐ што му преостанува е да ја достигне истата слава што у средно ја имаше. Си влијаевме едни од други, до пред некоја година бевме повеќе луѓе и од „Чиста околина“, само се лепеа и се откачуваа луѓе, се лепеа, се откачуваа… во зависност од животни замисли и интереси. Си влијаевме едни на други и си помагавме да создадеме, најмногу овој господин [кон Мики]. Тука бевме сите, во исти простории за свирење, по што се ТРИ во Македонија, исти места за свирење, по што се ДВЕ во Македонија, неминовно е дека ќе се сретнеш и ќе најдеш истомисленици… Последното нешто што ни се свиѓа музички беше создадено крај на девеести – „Мозаик“. Потоа огромен креативен недостаток. 


ЏОЛЕВ: Тоа е ваша перспектива, можеби веќе вие сте инспирација на бендовите што допрва ќе се родат. 
ЛУКА: Дај боже, иако најќам да го земам тоа у обзир. Пошто ако го земеш у обзир ондак ќе поверуваш дека нешто си премногу влијателен, ќе се изгубиш во сопствената улога, наместо да се изгубиш во сопствената креативност. 
ЏОЛЕВ: Јас како публика можам тоа да го кажам, допирате до широк спектар на публика. Ве„контаат“ луѓе со не многу висока потреба за квалитетна музика. Тоа е феноменот „Фанк шуи“, спротивно на тоа што многу луѓе не го „сконтаа“ звукот на „Мозаик“ крајот на деведесетите.  
ЛУКА: И сега не го „контаат“, ме боли срце за Мозаик! Ама тоа е естетската потреба на нашиот слушател… [пауза] Претенциозноста да се биде „несфатен“, гледавме да ја избегнеме, иако е неизбежно да ја апстрахираш формата во текстуална смисла. Меѓутоа, не можеме да заборавиме дека 99% од Македонија е со блиски рурални корени. Ако се навратиме трансгенерациски ние сме интелектуализирани доцна како народ. Ние сме село, јас потекнувам од село, моите баба и дедо потекнуваат од село, они разбираат на едно архаично ниво, за разлика од музиката којашто е една од најтемпераментните ствари. А тоа е или го осеќаш или не го осеќаш. Затоа „вајба“ нашата музика, во исто време се допаѓаме насекаде, вклучително и на нашите идоли. Тоа ми беше и цел до 19 години, а потоа ми беше цел да не им се свиѓам. Затоа што и вака и така се сакам. Зборувам за домашните, на странските идоли нема да им се свиѓаме, пошто никогаш не го слушнале „вај“ дијалект. 
ЏОЛЕВ: Од дека е тај?
ЛУКА: Не е од „дека“, од „куде“ е тај, иако имам малце и од „дека“. 


Гласно смеење… : )
Минута молк.


ЛУКА: „Чиста околина“. Би сакал да се наше годиште, сигурно би правеле заедно многу глупости.
МИКИ: Они би биле поголеми бељаџии.
ЛУКА: Многу поголеми бењаџии! Врска нема со нас, ние сме гола вода за нив. Креативно живееле, како надреалисти, како Салвадор Дали живееле. 
ЏОЛЕВ: Немале смартфони.
МИКИ: Може да тестираме еден месец без смартфони, да видиме дали поголема глупост ќе направиме. 
ЛУКА: Може и албум ќе направиме.
ЏОЛЕВ: Ова некоја интерна провокација е?
ЛУКА: Не, не, не, не… Имаме албум направено, може добар албум ќе направиме, ова е интерна провокација! 


: )


ЛУКА: Мора да се провоцираме, на провокативен аспект опстојува бендот. 
ЏОЛЕВ: Не сум задоволен, ајде од почеток, зошто ДЕНЕС создавате музика?
ДАВИД: Па затоа што носи најмногу… (пауза)
ЏОЛЕВ: Пари? [гласно смеење]
ЛУКА: Тоа башка!
ДАВИД: Не ја правиме ексклузино да заработуваме, но сепак тоа е многу битен дел. 
ЛУКА: Последните неколку години се орентиравме на создавање музика која носи само заработка, спотифај, јутуб, сите агенси кои финансиски би можеле да нѐ поткрепат за следните наши животни чекори. Значи се ориентиравме чисто на правење музика за финансиски бенефит. 


Долга тишина, меѓусебни погледи, полни образи…
Насмевки! 


ДАВИД: Сметам дека е многу битно секој човек да си ја пронајде улогата во општеството, односно да ја изгради. Истата да му дава нему, колку што и тој ѝ дава нејзе. Битна е финансиската страна, но побитна е улогата којашто ја имаш. 


ЏОЛЕВ: Што да очекуваат тинејџерите денес кои ќе започнат да прават музика. 
ЛУКА: Тоа веќе не е мој проблем! 
ЏОЛЕВ: Патетично ќе се обидам да те испровоцирам, трнлив ли е патот?
ЛУКА: Бул шит! Бул шит! Бул шит! Нема трнлив пат ако се пратиш самиот себе! Нема никави трња ако доволно сакаш да правиш музика, и правиш музика, сѐ ќе биде во среќно и весело, ако си сомнежи полн , и не знаеш што правиш…


ВО ПРОДОЛЖЕНИЕ АУДИО ОДГОВОР:


___________


Некаде далеку од потребата за враќање во градот…

Ти се смачи од стариот шифуњер дома и плафоњерките во тоалетот?  Започни ја твојата кариера од соништата и запиши се на Академијата за ентериер и продукт дизајн.

ВИНТИЈАГА


Сакаш да ја дизајнираш новата винтијага на Кање Бест и да работиш за брендови како  Валенсијага, Чанел, Америго Веспучи? – Започни ја твојата кариера од соништата и запиши се на Академијата за моден дизајн.





ЏОЛЕВ: За кого свирите?
ЛУКА: За музиката! За музиката секогаш. И за нас понекогаш. 


ЏОЛЕВ: А што бендот зборува?
ЛУКА: Сакаме пари да праиме… [по кратка пауза, реши сериозно да одговори] Тоа се две нивоа, текстот како порака и метафора, и музиката како темперамент. Но секогаш музиката е приоритет, никогаш не е тоа пораката. 


ЏОЛЕВ: Режисерите кога прават филм секогаш започнуваат од идеја и веднаш подоцна таа идеја станува тема, содржина, текст. Како е тоа во музиката?
ЛУКА: Кај нас тоа никогаш не било така. Секогаш прво се создава музиката на ниво на темперамент, а потоа лириката се обидува да ја следи емоцијата како содржина и флоу. 


ЏОЛЕВ: Како се случува првиот акорд?
ЛУКА: Никогаш не е исто. 
СТЕФАН: Можеби започнува како разговорот денес. Некој нешто ќе каже, друг ќе се надоврзе и ете си имаме муабет. 
МИКИ: А понекогаш некој доаѓа од дома со готова идеја…
ЛУКА: Бизнис идеја!
СТЕФАН: Апликација за гранд!
ЛУКА: Понекогаш нарачка од Министерство. 
СТЕФАН: Музиката се случува кога повеќе нема за што да збориме, или правиме музика за тоа што сме зборувале. 
ЛУКА: Најчесто за пари. 


: )
 
ЏОЛЕВ: Четврток? Здраво млади!
МИКИ: Очекувам дека добро ќе си поминеме. 
ДАВИД: Очекувам дека нема да врне. 
ЛУКА: Јас очекувам да врне!
ЏОЛЕВ: Ова ќе го цензурираме!
ЛУКА: Очекувам да не бидам цензуриран во четврток. Не очекуваме ништо, излегуваме со спонтаност. 
МИКИ: Непредвидливи сме самите на себе. 
ЛУКА: Не Мики, ти си предвидлив!


: )
 
МИКИ: Од тоа зависи и како ќе си поминеме. 
ЏОЛЕВ: Во контекст на препораките и новите концертни услови.
ЛУКА: Такви се околностите. Последно нешто што би сакал да видам е некој на наш концерт да искочи со последици. Мора да држиме дистанца! Но на луѓето им треба музика, затоа што сакаат музика! Не баш нашата, по што ние за пари правиме музика, но генерално им треба музика. 
СТЕФАН: И не е толку важно физичкото зближување, важно е енергетски да се зближиме!
ЛУКА: Езекли!




ЏОЛЕВ: Нова албум?
МИКИ: Ние имаме нов албум, но тоа е за нас, за вас ќе видиме. Нам веќе ни е преку глава.
ЛУКА: На Мики му е преку глава и се персира. Мене не ми е преку глава и многу го сакам албумот. Имам чуство дека пораснавме доволно за да ги концептуализираме песните како што треба. 
ЏОЛЕВ: Се гледаме во четврток!

____  
На јубилејното десетто издание на „Здраво млади“ ќе настапуваат: данските легенди на инди-рок сцената - Efterklang, свежата психоделија од Истанбул - Lalalar, домашните Funk Shui, PMG Kolektiv и човекот без кој не би можеле да го замислиме фестивалот, ирецот - DJ FITZ!

Дел од програмата оваа година е и самостојната изложба на Sali Ertunc насловена „25-тата слика - Неслушнатото, невиденото и незбореното“.

Десеттото издание на фестивалот на нова музика е закажано за 27 август, во паркот на МКЦ. Билетите по цена од 500 денари се достапни online.

Фестивалот ќе се одржи под посебни безбедносни и здравствени мерки, дефинирани во протоколот за организација на јавни настани.


_______
Дир. на фотографија: Дејан Џолев
Фотографија и постпродукција на фото.: Антонио Станков

Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ