• Немате производи во кошничката.

ИМПРЕСИИ // „SKLAD 2021“


На 8 септември, јубилеен Ден на независноста на нашата држава, се отвори и четвртото издание на Скопскиот фестивал на светлосна уметност (СКЛАД). Скоро и симболично на Денот на земјата, „Земја на Сонцето“, овогодинешното издание на СКЛАД беше наменето за да се упати пофалба кон Сонцето – бескраен извор на инспирација и големо, топло топче од гасови коешто непрестано се труди да го одржи животот на нашата планета. Со тематики поврзани со конекцијата меѓу Сонцето и Земјата и она што се случува кога истата ќе се воспостави, ни беа претставени 15 инсталации, на 15 места во нашиот град.

   
Прва дестинација на мапата беше делото „Брилијантност – во внатрешноста на Сонцето“, дело на Александра Стратимировиќ од Србија и Леонел Каплан од Аргентина, поставени  во шалтер-ходникот на зградата на поштата. Веднаш до поштата, на самиот паркинг, се наоѓаше и втората дестинација на листата – инсталацијата „ Лифт до Сонцето“ од Македонецот Емил Петро. На патот кон паркот, имавме две стоп-дестинации, од коишто првата беше плочник каде што нѐ очекуваше интерактивната инсталација „Стелариум“ од Французинот Matthieu Tercieux, игра на којашто дури и возрасните не успеваа да одолеат. Додека пак,  кај паркот на Франкофонија го погледнавме делото на Janez Grošelj, од Словенија, „Bрановиден скеп “. 



Во паркот, беа сконцентрирани мнозинството од програмата, дури 11 од инсталациите. Во новиот дел,  крај езерцето ја погледнавме инсталацијата „Внимание“ на МГ Арт од Македонија, којашто користејќи број огледала го приморува оној кој ќе се најде во средината на вртлогот од нив да се сврти кон себеси, безизбежно насочувајќи го целото внимание врз себе. На другиот крај на мостот, од спротивната страна на брегот на езерцето нѐ пречека инсталацијата „Светлосен осцилатор“, дело на Словенецот Тилен Сепич, инспирирана од самите осцилации скриени во нашиот секојдневен живот. Следна станица на фестивалската мапа, беше фонтаната каде што беше поставена инсталацијата „Надеж“ на Раду Игнат од Романија. Веднаш потоа, следеше инсталација од Креативниот тим на SkLAD - „Фузија“, поставена на тревникот во паркот. А од спротива, на другата страна на тревникот пак,  висеше делото „Допри ја ѕвездата“ од Борис Петровски, интерактивна инсталација со цел психофизички да нѐ спои преку обичен допир со ѕвездите


На Школка се претставија  тројца македонски автори со своите видео проекции: Макро Вилиќ со  анимацијата „Утопија“, Милан Димитриев со „Сончев циклус“  и Андреј Павлов со „Сизифово повторување“.


Оттаму се насочивме кон летниковецот, каде што своето место го зазеде опсерваторската инсталација „Сончев бран“  на tajny_projekt од Полска, кои визуелно ни го претставија звукот на сонцето преку ласер.
Следно, мапата нѐ донесе во средиштето на лавиринтот каде што високо поставена ја најдовме инсталацијата „Ѕвезда што дише“ – портал кон универзумот, на mutual loop од Aвстрија.
Длабоко во срцето на паркот, на почетокот на стариот дел беше стационирана инсталацијата на дизајнерот Кари Кола од Финска, „Магична градина“, која што губејќи нѐ во фантазмогениот простор, таму дури и времето се чинеше како поспоро да минува, амбиентот успешно нѐ донесе до работ на јавето, граничејќи се со сонот.

Уште една креација на креативниот тим на SkLAD нè очекуваше во стариот дел. „100 секунди до полноќ“, на Езерце 2 беше и последната статична дестинација пред вечерта да се заврши со DJ сет во Chill zone, додека низ паркот на преносливо возило кружи и последната, петнаесетта инсталација. „Следи ги сончевите зраци“, дело на Мартин Димитријев. Светлосен перформанс којшто употребува возило и 8 рефлектори како неслучаен симбол на осумте краци на македонското знаме. 
Со тоа, мапата на овогодинешното издание на SkLAD официјално заврши, оставајќи нѐ нас да се запрашуваме зошто не може постојано градот, така обоен да ни седи и возбудено чекајќи го следното издание.



_____
Автор: Ана Иљоска
Фотографија: Марко Вилиќ


Ана во Скала е мултидисциплинарен автор. Пишува, интервјурира, фотографира, снима… Во тимот како средношколка од ЈБТ, и студентка на Академијата за визуелни уметности. Таа за себе вели дека сака математика, биологија, поезија, визуелни уметности, архитектура, психологија… Е сега може да замислите каков проблем има при избор на факултет! :)

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ