Царот Давид – визуелизација на соголување на добрите и лошите страни на човекот
2.5k
Ако излезам на небото – Ти си таму; ќе слезам ли во пеколот, Ти си и тука. Ако ги земам крилјата рано в зори и се преселам на крајот од морето, – и таму ќе ме води Твојата рака, Твојата десница ќе ме држи.
Псалм 139:8-10
Еднаш во една пригода еден познат христијански проповедник ќе рече: Во историјата досега немало ниту еден човек чиј внатрешен живот е толку детално изложен со сите свои маани и успеси како оној на Царот Давид. Сите митови и легенди за подвизите на историските личности лежат во тоа тие да се покажат во најдобро светло. Иронијата во приказните за Давид, како и неговите лични писанија во форма на обожувачките песни - Псалми, е тој е претставен со сите свои маани и недостатоци, или со еден збор соголен, не само во доброто, туку и во лошото. Дали нешто е навистина соголено доколку во него нема комплетност?
Најпознатата приказна за царот Давид е неговиот судир со џинот Голијат. Оваа приказна е класичен пример за како слабоста е голема сила. Во библискиот наратив, слабоста е прикажана како голема сила, Давид уште многу рано како млад војник го има искусено тоа, преку приказната со Голијат каде верата во Бог ја надминува неговата физичка способност да го победи филистејскиот џин, говори дека Давид не било никогаш целта да биде јак и семоќен крал, туку крал кој си ја знае својата слабост, да дозволи да биде воден од Бог кога тоа е потребно. Соголувањето на неговата сила и отклучување на слабоста е главниот мотив преку кој тој го победува Голијат, кога Давид бил најслаб бил најсилен, но сепак јавно изложен да биде соголен од своите способности.
Визуелизацијата на внатрешниот порив на царот Давид и неговите суптилни медитации животот кој е докрај соголен за полза на другите во историјата на филмската уметност е претставен неколку пати. Во педесетите години на дваесетиот век поривот кон носење на античкиот свет на големото платно се манифестира во многубројни епски филмски библиски драми, најпозната меѓу нив е Десетте Божји заповеди, маестралното дело каде доминира актерскиот џин - Чарлтон Хестон. Приказната за царот Давид иако во сенка на големите дела од епохата како Бен Хур, Кво Вадис, Самсон и Далајла, сепак го наоѓа својот израз и низ овие години. Најистакнато се пројавува во Давид и Вирсавија, библиските епски филмски остварување се уште го имаат својот полн крик кој ќе се случи можеби пет до десет години подоцна од ова остварување, но е добра увертира на духот на времето. Давидовото соголување во филмот не носи низ една многу интимна епизода од неговиот живот, аферата што ја има со Вирсавија, жената на еден од неговите најхрабри војници. Филмот го соголува Давид во неговото најлошо, наративата е фокусирана на неговата врска во Вирсавија и со тоа го акцентира драматуршкиот момент кој доаѓа од тензијата на извршениот грев, во момент на доаѓање на своајта присебност Давид, игран од Грегори Пек почнува да го рецитира низ звуците на својата лира, најпознатиот псалм, псалм 23, соголувајќи се и кажувајќи дека згрешил.
Триесетина години подоцна, Ричард Гир, ќе даде уште една интерпретација на Царот Давид, во филмот насловен Цар Давид од 1985 година. Лирската димензија на царот Давид е многу поизразена во овој филм за разлика од епскиот наратив на пораниот филм. Во духот на осумдесетите години кога е и создаван, природноста на Гир во улогата на царот како и леснотијата со која го пренесува поетичниот момент во неговиот живот го прикажуваат Давид во едно доста понежно издание. Животот на Давид во филмот е разлеан низ сите сите негови години, за разлика од рпетходниот каде фокусот е само на аферата. Додавајќи поголема полнота во тоа кој е Давид, филмот добива една многу поинтимна димензија, каде Давид човекот доаѓа во голем израз и покрај тоа што во голем дел од филмот повторно е прикажана онаа царствена страна. Соголувањето на Давид низ филмот е градациско, од неговото подигнување кон цар, до неговиот евентуален пад, преку веќе спомената прељуба со Вирсавија. Епската сцена во која Ковчегот на Заветот е вратен во Ерусалим, го избувнува Давид во себе да се соблече и физички гол да заигра за славата на Бог, соголен пред Бог и пред својот народ тој се покажува во својата слабост. Соголувањето е секогаш патот кон нашата слабост.
Во свет каде навидум ништо не е сокриено, каде нашата приватност е соголена со социјалните мрежи, се поставува прашањето дали тоа е навистина она битиско соголување, како она на Давид? Површното соголување на технолошкиот свет е да направи да се чувствуваме дека даваме многу, а всушност не даваме ништо. Нашето соголување на јавната сцена преку алатките на дигиталните медиуми се само лажна имитација на вистинското соголување, овие две визуелни претстави на Давид не носат поблиску да дојдеме до тоа што всушност значи соголување до самата срж, каде можеме да се погледнеме себеси во вистината и да признаеме дека наспроти нашата добра екстериорност, лежи гнил ентериер кој само може да се исцели со небесен бакнеж.
Господ е Пастир мој, ништо нема да ми недостасува, Он ме пасе на плодни пасишта и ме води на тихи води, Псалм 23:1-2
________________________________
АВТОР: Кирил Дончов
ИЛУСТРАЦИЈА: Андреј Павлов