НА СКАЛИЧКИ СО АНА ЈОВАНОВСКА
Еднаш неделно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад артист или студент по дизајн и уметност.
Ана и што сè неа ја прави посебна е баш тешко да се опише во еден параграф, но… Магистер по ликовни уметности од област графика | Се занимава со уметност во сите медиуми – од цртеж и графика, преку скулптура и инсталација, до звук, фотографија и видео-арт | Прикажување пред публика- ИМПРЕСИВНО: 11 самостојни и повеќе од 150 групни изложби, кај нас и во странство | Ана може да се пофали и со многу награди и достигнувања | Начинот на изразување – интуитивен, со прочистена линија и униформен колорит.
Последно ни го улови вниманието со книгата ‚‚Писмо.docx‘‘- во соработка со Бранислав Лукиќ Лука, публикувана годинава. Да, книга + илустрации. Книгата е размена на мисли, чувства, ставови и секојдневие со уметник коплетно различен од неа.
За делото/промоцијата што следи…
Самииот наслов е игра, појаснување на содржинатa внатре. Поконкретно, книгата е резултат на еден долгорочен, акумулирачки, епистоларен проект од двегодишна кореспонденција во форма на е-писмо и илустрации, 2017-2018 година, помеѓу Лука и мене.
Она што е интересно е тоа што јас употребувам македонски јазик (кирилско писмо), а Лука – босански (латинско писмо). Книгата прикажува еден исечок од секојдневниот живот на две индивидуи различни во секој аспект: род, пол, возраст, потекло, место на живеење, култура, националност и убедување. Крајната цел или порака е преиспитување на старите и создавање на нови перспективи, како и промовирање на желбата за поврзување покрај сите препреки – вистински и замислени.
Официјалната промоција е закажана за ноември годинава во Уметничката галерија при НУ Музеј-Куманово, поддржана од Општината на град Куманово.
Промоцијата ја замислив како нетипична, со изложба на илустрациите наместо читање. Изложбата потоа, се надевам, ќе се прикаже и во Скопје и во БиХ кога ќе има можност за тоа.
За идејата и соработката Ана-Лука…
Лука е писател, музичар и уметник од БиХ, со кој се запознавме на уметничка резиденција тука, преку која, тој ме покани во БиХ да направам промоција на една тогаш друга моја уметничка книга – „Колекција на лажни сеќавања“. Оттогаш, дискутиравме како да ја продолжиме соработката и таа дискусија полека се претвори во оваа наша книга. Истава се служи со структурата прашање-одговор, со е-писма разменети онлајн, со наменски илустрации, поставени до текстот што го илустрираат.
За стиловите…
Во книгата, многу лесно се поврзува стилот на илустрациите со авторот, како што и стилот на пишување е различен и препознатлив. „Писмо.docx“ содржи како и рачно направени илустрации, слики и колажи, така и дигитализирани, односно има и инкорпорирани фотографии, обработени и доработени визуелни елементи.
Моите илустрации, се карактеризираат со интуинтивност, прочистеност на линијата и униформност на колоритот, на Лука пак со енергично и слободно визуелизирање на комплексноста на размислата во просторот.
За инспирацијата и љубовта кон јазичното изразување…
Отсекогаш ме интересирале јазици и како нивните структури се пресликуваат и го опишуваат општеството во кое се користат. Многу мои претходни проекти намерно или ненамерно поаѓаат од тоа тврдење. Се учам себеси периодично и наизменично на неколку, но ниеден никогаш нема да го изучам ниту целосно и ниту течно. Ме интересира како уметноста може да се доближи до публиката и како подобро да му служи и да го ангажира општеството.
За начинот на творење…
Во поглед на мојот начин на творење и материјализирање на идејата, внимавам да не западнам во зона на удобност. Сакам да експериментирам и испробувам нови техники кои ќе извадат од делото нешто поразлично на површина и во преден план. Секоја идеја си бара свој начин на реализација, за да таа биде најуспешно доловена. Гледајќи наназад, препознавам многу различни периоди во мојот стил, со периоди на раст, експеримент, стагнација, вежба, проба, истражување, но сепак не можеш да побегнеш од себеси, па сите се својствени за мене и за тоа која е Ана.
За ‘реоткривањето‘ на традиционалната графика…
Новиот начин на функционирање и работење од дома временски ми овозможи да се посветам и на уметноста и на дизајнот со поизразена персонализираност и вложеност.
Како некој што завршил традиционална графика, сега повторно се навраќам на неа, откако се снабдив со доволно алатки за изработка и целосно уживам во тој макотрпен процес и реинтерпретирањето на тоа што е графика за мене. Следно е: рачно изработена хартија врз којашто ќе печатам.
За минатото…
Имам омилени и проекти со кои дури и не се поврзувам повеќе, она на кое што се навраќам е чувството кое останува и импактот на делото на кое сведочам врз оној кој го восприема. Драги ми се оние активности каде е вклучена и локалната заедница, како на пример „Огледала“ – партиципативен проект за градот Куманово.
За иднината…
Подготвувам серија на графики во висок печат под името „Genuine Copy“ што го следи и изучува животот на копиите на еден лист со линеарно прикажување, компајлирани во мини уметнички книги. Меѓудругото, моментално работам и на објекти излиени во транспарентна епоксидна смола, со вистински пресирани суви растенија, па вниманието ми е свртено натаму.
Настојувам, во секое време дур работам, паралелно да се префрлам меѓу два различни проекта. Тоа ми овозможува здобивање на поинаква перспектива, доживување со нови очи, кога ќе се навратам од првото на другото.
Би сакала некогаш да се усовршам и со 3D моделирање и анимација за кои имам некои скромни основни познавања и реализации.
_____
Фотографија: Мартина Салова Чешновар