• Немате производи во кошничката.

ТРИ КАДРИ НЕМИР

Немирните очи и ум на уметникот создаваат вредност којашто не само што те помрднува од место, туку ти остава и наследство да мислиш. Да (се) прашуваш – зошто?



Да размислуваш каде лежи зајакот? Од каде дошле тие пориви? Што сакал да нацрта/наслика авторот? Кога го фатиле „бедови“ или можеби просто бил бесен… затоа што неслучајно уметничкиот импулс е врзан засекогаш со потребата нештата да излезат, да бидат јавни, да се видат, да подлежат на критика и самите да упатат критика. Уметникот го пренесува животот, потсетува.
Става печат на реалноста.

Овде нема да ги отвораме длабоките тајни на сликарите, но ќе чепнеме и гребнеме под површината на неколку култни уметнички дела во коишто вибрира немирот… или можеби меланхолијата, тагата, непокорот, болката. Што е едно уметничко дело без немир? Тоа загребување некогаш може и да боли. Но, така знаеме дека уметноста е жива. Кога ја размислував темата за есејов, прво што помислив е на неколку силни, експресивни дела во коишто сум видела и почувствувала силна емоција и нешто коешто ме изместило.




Вресок по вистината

Прво дело коешто ми остана врежано засекогаш е изразот на онаа совршена морничавост којашто блика од сликата на Едуард Мунк, „Вресокот“. Се сеќавам дека го видов на фотографија во една сликарска енциклопедија, имав можеби 10 години. Вресок којшто ечи од реплицирана, реплицирана, повторувана, зголемувана, смалувана фотографија до бескрајот и уште одекнува во современата уметност.

Не верувам дека не ја знаете или барем не сте ја виделе во некаков комерцијален контекст. Но, она што ми е поттик за овој есеј е суштинското чувство кај уметникот да ја долови таа грозоморност со елеганција на норвешки фјорд и да го запечати сопственото име во вечноста.

Тоа е ужасот на човечката природа кога се соочува самата со себеси. Мунк ја насликал оваа грозоморна совршеност во 1893, а бил инспириран од чувството на меланхолија, според неговите дневнички записи. Фактографски, Мунк бил сирак кој живеел осаменички живот, особено сензитивен и отуѓен од светот. Дали „Вресокот“ е немирот на Мунк и порака кон светот дека животот е едно големо страдање коешто уметноста го лекува?

И уште поважно – во контекстот во којшто тој создава лежат можните толкувања, коишто и 130 години подоцна го вознемируваат и возбудуваат окото на гледачот.

И не се работи секогаш за индивидуална, „отсечена“ емоција којашто го разбудила авторот, туку и колективните немири коишто прават моќна платформа низ историјата за создавање неверојатни, монументални, интензивни парчиња уметност коишто се однесуваат како сведоци.





Глас на мирот

Да не заборавиме како изгледа сликата на Пабло Пикасо, „Герника“. Една од најпознатите уметнички дела е жив отпор против нацистичкото бомбардирање на шпанскиот град Герника. Вистината зад ова дело е чистиот пацифизам и вперување на прстот кон виновникот кој ја одзема радоста на човештвото, а тоа е војната и човекот заблуден од неа. Сликата е направена со масло на платно, во висина од 3 ипол метри, а ширина од 7, 8 метри. На почетокот на создавањето на сликата, Пикасо сакал да внесе бои во композицијата, но се предомислил. Монохроматичноста донела нов манифест, алармирајќи на мртвиот и разрушен град во којшто сите објекти, луѓе, живот се пепелаво сиви, стемнети. Критиката вели дека оваа слика во тоа време била рамна на пропагандно оружје. Таквата претстава за едно уметничко дело е невидена моќ, гласило, немир преточен во порака којашто трае и ден-денес.


Фрида или за болката

Сведок на уште еден внатрешен немир којшто речиси излегува од сликата е фантастичниот автопортрет на Фрида Кало, во којшто се споени неколку различни аспекти. Кало се себенасликала како маченица, речиси на ниво на киборг- светица. Првпат ја видов во живо на поставка во Помпиду, 2012. Можеш само да гледаш и понизно да молчиш пред нејзиниот израз.

 Познатата слика во којашто нејзиниот мирен, речиси скаменет поглед е пресечен од илјадници трње на вратот, ја претставува целосната борба на телесно и умствено ниво.  Сликата се вика „Автопортрет со ѓердан од трње и колибри“ , а историчарите  на уметност велат дека симболизмот низ оваа слика е едноставно претставување на пропаднатиот брак со нејзиниот љубен-Диего Ривера. Во книгата на Славенка Дракулиќ  „За Фрида или за болката“, вниманието е свртено кон сликарката од аспект на телесност којашто вечно се мачи за да остане во вечноста како дух. Прикованоста за креветот, за страдалничките „трња“ коишто се вечна траума за Фрида, во своите силни автопортрети никогаш не се смее. Колибрито во сликата е малечок, немирен симбол на животот, којшто на оваа слика е темен и речиси мртов. Нема некој кој не ја видел Фрида како ѕирка на налепници, шолји за кафе или табакери за цигари. Поп – арт контекстот доживува речиси митска димензија кога е во прашање реконструкцијата на нејзините споени веѓи, подраснати мустаќи или раскошни фолклорни  фустани и цветен обрач како ореол над главата.






Зошто баш овие слики?

Три кадри-немир. Во сите нив ја пронаоѓам вечната борба на колективот, но и индивидуалецот самиот со себе. Со Другиот. Со немирот којшто произлегува од загубите, од војната, од темната страна на Месечината во самите нас. Овие три слики се само капка во големото сликарско море коешто со секој бран носи нови значења, а стари пораки. Дека уметноста е гласило и сведок на личните и општествените призми на времето. Малечки истории коишто преку вресокот и болката, оставаат белег на надежта. Оти само таа последна умира… или е бесмртна!?


Фотографија: Ана В’чкова, Стефани Караџовска

Пишувам и пеам. А помеѓу, живеам.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ