• Немате производи во кошничката.

АСКЕТСКИОТ ШАРМ НА МОНДЕСКИОТ ЖИВОТ


РАЗГОВОР СО: Дејана Попоска [Актер и Режисер] // РАЗГОВАРА: Дејан Џолев.

Отпатував во неколкудневна посета на Париз, со цел да направам интервју со филмската уметница и моја драга пријателка од студентските денови во Високата државна школа за филм и телевизија во Лоѓ, Полска - Дејана Попоска. 
 
Се сместив во срцето на Париз, покрај брегот на Сена, во близина на култниот Лувр, во аристократски архитектонски кварт или една од најпознатите улици - Rue de Rivoli. Беше невообичаено сончево за овој период од годината во Париз, седев во „Ѐchelle“, локално кафуле и ја очекував Дејана. Секогаш доаѓам еден час порано пред интервју. Важно е да му дадам простор на умот и срцето, да се смират сите впечатоци од просторот, сите импресии од светлината и воздухот, да го задоволам сетилното спознание, да вкусам мароканска рубоста и да го отворам тефтерот со предлог-теми за разговор, грубо нафрлени на нежно жолтата хартија со суво црно мастило.  
 
Дејана дојде. Свежа и спокојна. 


РЕЛАЦИЈА: ПАРИЗ – СКОПЈЕ


ЏОЛЕВ: Ајде да започнеме Вим Вендерски (Париз – Тексас – Скопје). Многу банално и воопштено, што е тоа што го има Париз, а го нема Скопје и обратно?
ПОПОСКА: Париз нема пекари што прават солени работи. Скопје нема пекари што прават така добри благи работи. А инаку, Париз и Скопје во менталитетот си личат многу повеќе отколку што мислиме. Малку граѓански, малку малограѓански. Париз е спротивно на тоа што мислев. Воопшто не е анонимен град, навистина, секој со секој се познава. 


ЏОЛЕВ: Има еден услов пред да се запознаат „луѓето”, а тоа е некој некому да пристапи. Како се запознаваат луѓето тука? Во метро, на улица, на тиндер, каде? Или пак на не толку возбудлив начин, „другар на другар“. 
ПОПОСКА: Тиндер е непријател на флертот. Нема тајни во запознавањето, најчесто пријатели на пријатели, но главната разлика е дека луѓето тука почесто организираат вечера со неколку луѓе коишто речиси едвај ги познаваат, како состојки во супа, па да видиме што ќе се случи. Можеби ќе станат соработници, најдобри другари или ќе имаат само секс истата вечер. Сакам да кажам, едниот довлечкан од некој, што не се знае со никој, друг довлечкан од друг, што не се знае со никој. Јас лично запознав многу луѓе на овој начин, секако добрата околност е таа што јас, како воркохолик, на овој начин запознав многу соработници.


ЏОЛЕВ: Сметам дека лоциравме клучна разлика. Долу, кај нас, ретко се осмелуваме да излеземе од нашиот меур, па така најчесто готвиме постојано за истите неколку луѓе, ако воопшто знаеме да готвиме и доколку воопшто имаме каде да готвиме. Таа социјална навика (социјална естетика) на спонтано дружење (на рандом луѓе) сметам дека ни недостига на Балканот. Готвење постојано за истите луѓе знае да биде многу пријатно и комотно, но е апсолутно неинспиративно. Нема нови искуства! Постојано истите зачини. Што последен пат готвеше и која беше главната тема на дискусија со гостите? Дали зборувате за вкусот на виното, за состојбите во уметностите, за новата поезија, за политичките преврирања, за страстите, за желбите, за дождот, за поп-културата, за суб-културата, за новиот албум на Лафем, за авангардата, за туристите… 
ПОПОСКА: Оговараме! Иако тоа тука така не го дефинираат. Велат дека зборуваат на некоја тема којашто вклучува некои луѓе кои ги познаваат и дека на социјално и психолошко ниво случајот е интересен за дискусија – абе ајде! Не се дискутира за толку филозофски теми, верувам дека најчесто секој зборува за себе. Пред да зборуваме за филм и театар, треба да се запознаеме добро. А за Лафем зборувам само кога сум со нив. 


ЏОЛЕВ: Ајде да си играме… Би сакал да ја дополниш реченицата „го мразам Париз затоа што…“, на пр. доколку играта би била „носам црвени чорапи затоа што…“, можам да дополнам: – носам црвени чорапи затоа што сакам да ме гледаат во кондури, носам црвени чорапи, затоа што сакам да мислат дека сум во истите од вчера“… Го мразам Париз затоа што ?
ПОПОСКА: Го сакам Париз! …но го мразам Париз во 2021, затоа што од ноември се затворени сите барови, го мразам Париз, затоа што не е кола френдли, а не возам точак, градоначалничката го направи Амстердам – 50 евра чини паркинг во центар. Го мразам Париз кога ме прашуваат „А колку заработи со тој проект ако не е тајна?“ – Тајна е пизда ти материна, упс. Го мразев Париз кога штрајкуваа метроата и кога одев три саати напред-назад пешки до кафиќот каде што работев во декември за да заработам 30 евра. Сум работела најкул џобс, во некои такви Рациновски мигови „за туѓи бели дворови“, ма било за мојот: наставничка по англиски, бејбиситерка, келнерка на шанк и во ресторан, red bull wings, судоперка, хостеса на врата во диско, хостеса на други места. The dark side of my CV. 

Знаеш да искомбинираш црно и тегет? Спортско со свечено? Веднаш запиши се и продлабочи ја својата жед за креација на Академијата за моден дизајн.

ФИЛМСКА SВЕЗДА


Сакаш да победиш на филмскиот фестивал во Бургас и да ја освоиш големата награда „Златен бор“? – Запиши се веднаш на Академијата за визуелни уметности.



Сакаш да победиш на филмскиот фестивал во Бургас и да ја освоиш големата награда „Златен бор“? – Запиши се веднаш на Академијата за визуелни уметности.


Дејана Попоска, aктер и режисер. 
 
ОБРАЗОВАНИЕ:
 
Université de Paris, Sorbonne // Театарски студии и драматургија;
Конзерваториум за актерска игра „Georges Bizet“;
Конзерваториум за актерска игра „Maurice Ravel“;
Université de Paris, Sorbonne // постдипломски студии;
Université Paris 8 // филмски студии.
 
АВТОР:
 
Сценарио и режија // Омега // краток игран филм;
Сценарио и режија // VOLOSUMARTE // музички видео спот;
Главна улога // Ефектот на среќата, реж. Борјан Зафировски // игран филм;
[итн.]
 


„Која е твојата најголема амбиција?
– Да станам бесмртна, а потоа да умрам“.

[Годар]

Го завршивме првиот дел од разговорот. Ми прати фотографија како излегува од метро и дека не може повеќе да зборува, а јас и возвратив со селфи од кревет. Беше скоро пладне, време беше да се истегнам и да се фрлам под ладен туш. 
 
Во Скопје беше прилично студено за овој период од годината, но мене тоа ми прија, затоа што многу си ја сакам новата тексас-јакна. Ех, колку би било добро да сум во Париз, таму тексасот подобро ќе ми стои и овој разговор да го правиме во некое кафуле, да пијам мароканска рубоста, додека ја чекам Дејана. 
 
Париз - Тексас - Скопје. 
Хеј Дејана - здраво! 
Социјалниве мрежи создаваат илузија во којашто понекогаш тешко се разликува виртуелниот и „вистинитиот“ свет. Искрено, пред да ти се обратам, не бев сигурен дали се познаваме :) од причина што имам толку многу слушано за тебе, а искрено со задоволство ја следам и твојата работа. Но, ајде да речеме дека се познаваме индиректно! - се надевам дека ова нема да го демантираш…
 
Така започна моето воведно обраќање кон Дејана Попоска, со цел покана за разговор - интервју. Писмото беше прилично долго. Ги наведов сите причини зошто е важно да направиме интервју, а меѓу другото искрено и споделив неколку симпатии и комплименти за нејзината работа. 
 
[2 минути подоцна]
 
Sвони телефонот, повик од Дејана. 
 
[180 минути подоцна]

Разговорот ме остави цела ноќ буден. Всушност, тоа беше тричасовен разговор со цел промена на фактичката состојба од индиректни познаници во директни, но меѓу другото го договоривме и начинот на комуникација. Добрата вест беше што имаме околу 20 дена простор за комуникација, разговорот започна следното утро, јас од кревет, а таа во метро.


ОБРАЗОВАНИЕ: ТЕАТАР – ФИЛМ



ПОПОСКА: Има некои луѓе кои, кога ќе завршат некој проект, одат на одмор во Тајланд, додека јас, кога ќе завршам со некој проект си велам, сега треба да завршам некој факултет или нешто слично на тоа. Кога се преселив во Париз, веројатно на несвесно ниво ми влезе цена по минута. Сфатив дека секоја минута чини пари и нема многу време за губење. Почнав да работам многу млада и наместо карта за Тајланд, секогаш реинвестирам во некој нов проект. 


ЏОЛЕВ: Од самиот почеток на твојот престој во Париз, всушност глупаво е да го дефинирам како „престој“, подобро е „твојот живот“ во Париз, си постојан студент -театарски студии, актерска игра, филмски студии, дипломски, постдипломски… 
ПОПОСКА: На некој тоа му доаѓа природно, на некој случајно. Студиите се административна пракса и потреба да се стави „име“ на нештата. Да бев Французинка, никогаш немаше толку да студирам, но дел од вистината е потребата за нешто административно да ме задржи во државата.

Сорбона. Тоа го завршив со големо задоволство. Во Франција, прва година од студиите се генерално слични. Предмети за описменување на еден писмен 18-годишен човек. Фокусот беше на тоа како вистински да читам и пишувам, како да истражувам, како да не копирам, како да размислувам. Пишување, пишување… и гледање по 40 претстави во семестар, едноставно пренатрупување со култура. Сите тие „досадни“ предмети ме научија дека не треба да учам како што бев научена во Македонија, а тоа е учење на памет. На првиот мој испит бев подготвена да одговорам на 100 прашања, но на испитот имаше само едно. Тогаш сфатив дека не знам да зборувам француски, уште помалку да пишувам аналитичка и критичка мисла.

Веднаш потоа се ослободив од синдромот на добар ученик, воопшто не ми беше битно да сум „со сите петки“ – и тоа беше супер! Решив да растам, да научам вистински француски, да го научам системот на театарот и да запознам многу луѓе. Ослободувањето од тој товар ми помогна вистински да учам. Си реков, секако нема да бидам најдобриот ученик, е сега ајде да видам што ќе научам.


ЏОЛЕВ: Година потоа?
ПОПОСКА: Во втора година, дел од студентите кои се на Сорбона, паралелно студираат и во Конзерваториум. Тоа е нешто коешто студентите го прават, додека професорите не го одобруваат. Тоа се два различни аспекти на истата материја „театар“. Сорбона те подготвува да работиш како критичар, теоретичар, драматург, менаџер на театар…, додека Конзерваториумот те подготвува да работиш како актер – одлучи се што сакаш- ти велат професорите, но сепак студентите тоа го прават. Конзерваториумите воопшто не се признаени од дома, родителите, но пак Сорбона воопшто не е признаена во светот на актерите – го „заболе“ режисерот што ти имаш завршено на Сорбона. 


ЏОЛЕВ: Неколку години подоцна и филмски студии…
ПОПОСКА: Пресвртот се случи во Кан, за време на филмскиот маркет со „Ефектот на среќата“. Бев присутна на неколку забави каде што немаше ниту еден актер. Тоа што го осознав од неколку дијалози помеѓу продуценти и режисери и тоа што мене лично како актер не ми се допадна, е тоа дека актерот пристигнува во една приказна многу подоцна од нејзиното креирање, си велам „која ароганција!“, па јас не сакам да се вклучувам толку доцна во срцето на проблемот. 

Актер е прекрасна професија, но актерот е несреќен. Бирањето на професија е бирање на несреќата со којашто можеш да живееш. Сфатив дека најлошиот ден на професијата актер за мене како карактер, е многу полош како најлошиот ден на професијата режисер.

Театарот и филмот се како скарани сестри. Има една кавга помеѓу нив, многу голема. Во Франција мултидисциплинарниот уметник не е некое чудо. Тука, многу често актерите се режисери и режисерите се актери, но во филм или во театар. 


ЏОЛЕВ: И така шест години, театар, филм, актер, режисер…
ПОПОСКА: Јас сум себична и безобразна во професијата. Кога нешто сакам да научам,  се опкружувам единствено со луѓе кои можат нешто да ме научат. Но, за возврат давам и јас, давам енергија, давам екстра гратис часови работа, сè со цел да научам повеќе. 

Тоа што посебно ми остави впечаток во неколкучасовната дискусија на тема образование е системот на можности. Дејана посебно ја потенцираше убавината на изборните модули во вистинска смисла на концептот, каде што студентот не го одбира само модулот и предметот, туку и темата на изучување и професорот. Таа слобода на избор е голема одговорност, школото ти нуди можност, затоа што смета дека си доволно зрел и способен да направиш избор во оваа фаза на образованието. 




ОБРАЗОВАНИЕ: ТЕАТАР – ФИЛМ



ПОПОСКА: Кога имав 13 години, во училиште имаше иницијатива за хуманитарна акција. Требаше да спроведеме некое добро дело. Во разговор со мајка ми, што тоа можам да направам, ми спомена дека можеби можам да подарам книги. Се отвори ново прашање, но задачата беше моја. Какви книги? Од каде книги? За кого книги? Добиваш идеја, излегуваш од дома и си викаш ајде да завршам некоја работа. 

Се сеќавам еден врнежлив ден, сама, 13 години, директно на каса во „Просветно дело“. – Здраво, сакам да подарам книги во Клиника за педијатрија, дали може да прашате вие во централа кај вас колку книги сакате да донирате? И така во еден ден, сите книжари во центар и на крај резултатот беше комбиња книги – илјадници. 

Го издвоив овој убав пример на Дејана, во обид да го претставам нејзиниот немирен дух и желбата за создавање. Со ист ентузијазам работи и денес, само малку поинаков тип на проекти. Отсекогаш сум велел, има луѓе кои сакаат да работат и луѓе кои не сакаат и тука е елементарната поделба на успешни и неуспешни индивидуалци. 

Морам да парафразирам дел од нејзините предпродукциски активности, поврзани со нејзиниот прв краткометражен игран филм „Омега“. 

Дејана во неполни три недели успеала да реализира краток игран филм од идеја, до снимање. Толку била жедна за снимање, што била решена да го снима филмот и со мобилен телефон. Но, нејзиниот пријател Лео, директор на фотографија од Неапол, ѝ ветил филмска екипа. Таа тргнала од Париз со комбе и сите актери на куп. Комбе коешто таа лично го возела од Париз до Кан, а од другата страна (од Неапол), допатувала филмската екипа. Таа лично ги финансирала сите процеси, била приморана да го издава својот стан неколку месеци и да живее кај пријатели со цел да финансирање на својот филм. Неколку дена пред снимање на филмот во Кан, ѝ јавиле дека одбраната куќа каде што требало да се снима филмот не може да се издаде. Во последен момент, користејќи ги своите лични контакти успеава да најде простор за снимање, брод којшто едновремено лично му припаѓал на Федерико Фелини. Искрено, гледајќи го филмот, сметам дека промената на локацијата била среќа во несреќа, иако тоа од продукциски аспект, значело комплетна промена на сценарио, пред сѐ, на книга на снимање.  


ЏОЛЕВ: Какви филмови сакаш да снимаш?
ПОПОСКА: Сакам да снимам филмови каде што многу се збори, а не се кажува ништо битно. Моите дијалози не даваат никаква информација за дејствието, но даваат информации за ликовите, за нивниот социјален статус, за нивната психолошка состојба… Веројатно во моите идеи сѐ уште фигурира друштво, група на луѓе. Многу често е индивидуата против групата или индивидуата во групата. 


ЏОЛЕВ: Токму како во твојот филм „Омега“. 
ПОПОСКА: Кога го снимав „Омега“, бев филмски проста, неписмена. Позитивната околност кога си прост, е тоа што си храбар. Работиш интуитивно, со основна идеја и контролирана импровизација. Се создадоа природно совршени услови за соработка помеѓу мене и директорот на фотографија. Мене, единствено ме интересираше актерската игра и воопшто не се интересирав со каков објектив се снима. Лео (директорот на фотографија) беше пресреќен. 

Толку бев неискусна и слободна што за монтажа го контактирав Андрија Зафрановиќ, не затоа што ми требаше еден од најдобрите монтажери во светот, туку затоа што тоа беше единствениот монтажер што го познавав. Јас и он многу се почитувавме, уживав да го гледам како работи на „The Happiness effect“: – Доѓи у Београду и ми ќемо то монтирати!

Бидејќи тоа беше филм за учење, сакав сѐ да биде брзо, ама не е и толку страшно што не се заврши брзо, си реков, колку е убаво и да си шеф на свој проект, можеш колку сакаш да ја влечеш работата и никој нема право ништо да ти каже.


ЏОЛЕВ: Премиера?
ПОПОСКА: Ми се згади! „Омега“ влезе во потесен круг на селекција за Санденс, во тој процес на последни прашања само што не ми земаа уште мокраќа. Се изненадив зошто им е важно од која националност е режисерот, дали се препознава како маж или како жена или која сексуалност ја преферирам – тоа не е   ваша„ебана“ работа?! Ним им беше побитно дали сум геј?! Зошто воопшто ги интересира мојот сексуален живот, зошто се интересираш со кој спијам? И на моите прашања зошто зборуваме за мојата приватност, они ми одговорија дека прашањата се од политички карактер. 
ЏОЛЕВ: За жал, кога сме ја бирале оваа професија, не сме го имале ова предвид во контекст на твојот заклучок „несреќата со којашто можеш да живееш“. Ужасно ме боли политиката на големите фестивали и „папагал“-принципите на малите. 

Во филмскиот „нов бран“ изминатите години тенденциозно се форсира присуството на жени-режисери и филмски работнички. Оваа налудничава идеологија диктирана од големите центри е пракса и во домашната киноматографија. На пример, Агенцијата за филм на Македонија како приоритетни автори за доделување на финансии се: докажани автори, автори-жени и автори од малцинските групи. Исто така, пред некој ден објавија постер со мускули каде што беше истакнато дека од 30 дипломирани филмски работници во 2019 година, 14 биле жени и тоа е сега пример за некаков општествен успех. 

Ми се гади од потребата за групирања! Уставот на СФРЈ, т.е. НРМ уште 1946 во член 20, од Глава V, во првиот дел од основни начела вели: „Сите граѓани на Народна Република Македонија се еднакви пред законот и се рамноправни без оглед на народност, раса и вероисповед“. 


ПОПОСКА: Баба ми кога беше пратеник во Народно собрание во 50-тите, во САД жените немаа право на глас. А дали некој ги прашал жените зошто се помалку застапени во филмската индустрија? Па одговорот може да биде многу едноставен, можеби затоа што имаат помал интерес од мажите. 


ЏОЛЕВ: Во градов (Скопје) изминатиот период беше актуелна по главната улога во филмот на Борјан Зафировски „Ефектот на среќата“. Но, тоа што мене посебно ме импресионираше изминатиот период,  беше твојата режија на музичкото видео на италијанското дуо VOLOSUMARTE. Три сцени. Бордел, галерија со дела на Модиглиани и празен булевар во Рим. Зошто Рим, зошто Модиглиани, зошто токму ова видео и ова метафора?
ПОПОСКА: Проектот ми го понуди Лео, директорот на фотографија од „Омега“, во тоа време искрено и размислував на тоа, колку би било убаво да снимам музички спот. На песната ѝ дадов шанса првата ноќ, важно беше да ми се допадне, оти во спротивно процесот би бил страдање. Всушност, целта беше да најдам нешто убаво во песната, тоа е како актерот кога треба да се заљуби во партнерот од сцената. пробуваш да најдеш нешто што ти се доапаѓа. Доволно е да пронајдеш еден елемент и ќе се задржиш само на тој елемент. Песната за мене претставуваше „крик“, како во грчка трагедија и се фатив за тоа иако во самата песна, во текстот, се вели: „Играм сама во диско помеѓу робовите на сексот, кога играм играм за себе, а не за тебе“. Е сега сакав да избегам од оваа банална сицилијанска тема, не сакав да се задржам на текстот, туку на мојот впечаток и релацијата „крик од боговите“. Почнав да размислувам дека потребно е некакво божество кое ќе биде понижено, размислував интуитивно дали може тоа да биде скултура или слика којашто ќе биде „каменувана“, како метафора да се навреди божеството. Иако, во процесот имав предлози од бендот за некои феминистички идеи, сакав да си заминам од проектот, но истовремено си реков да почекам и да не избрзувам со одлуките. 


ЏОЛЕВ: Моделијани…
ПОПОСКА: За Моделијани не знаев ништо повеќе од тоа дека сликал жени и дека е Италијанец кој живеел во Париз. Тоа беше одлична коинциденција, а дополнително беше супер кога при истражувањето, забележав дека сме точно 100 години од неговата смрт. Тука донесов индуитивна брза одлука, а подоцна преостануваше поопширното истражување. 


ЏОЛЕВ: Одличен кастинг!
ПОПОСКА: Му реков на продуцентот: – Океј, дај ми глумици со профили на девојки што би можеле да личат дека се од слика на Моделијани, што имаат аристократска лепота! Имаше актерки со кои сакав да соработувам, па ги вклучив во проектот и се бараа дела од Моделијани на кои би можеле да наликуваат, но и обратно, имавме дела за кои баравме девојки кои наликуваат на жените во делата на Моделијани. Најдовме актерки кои без интервенција на фризура и шминка личеа на некои од делата на Моделијани. 

За време на нашиот разговор, неколкупати истакнав симпатии кон спотот. Лично сметам дека е големо режисерско остварување! А сето тоа е снимано маалски кажано „индијански“, без дозволи за снимање, без буџети, со потреба од манипулативни вештини на комуникација,  со цел да се изнајми простор за снимање и со куп технички продукциски проблеми. Но, токму тука е големината на режисерот, да ги покори сите можни ситуации за пропаст на проектот, да ја скроти екипата и да го извади максимумот од секого, да успее да го снима замисленото и конечно да спакува проект во којшто воопшто не само што не може да се забележат продукциските пропусти, напротив, сметам дека е прекрасно режисерско остварување. 

Дејана ми зборуваше како тоа снимале во недела наутро на булевар во Рим, простор и време во којшто нема многу сообраќај, а притоа во сцената шета гола девојка. Во најмала рака можеле да бидат уапсени поради нарушување на јавен ред и мир поради шетањето на гола девојка без дозвола. Или авантурите во снимањето во галерија, каде што биле избркани за време на самото снимање... Честитки! Прекрасно остварување. 





РЕЛАЦИЈА: СКОПЈЕ – МИЛАНО – ПАРИЗ – КАН



ЏОЛЕВ: Марлон [La Femme] е единствениот маж со кој би водел љубов. Каде и како се запознавте? Раскажи нешто надвор од очекуваните рамки, раскажи за аскетизмот и монденскиот живот заедно. 
ПОПОСКА: Се запознавме на една журка, како последица на еден домино-ефект. По завршувањето на снимањето на „Ефектот на среќата“, заминав за Милано. Седам на кауч кај другарка и добивам меил дека сум одбрана за воркшоп каде што ќе работиме со кастинг-директор на Џејмс Бонд. Сега ми е малку смешно, но ми фали таа Дејана, која се превозбудува на такви моменти. Го добивам јас тој меил, одговорам на десетици прашања и пробувам да разберам како сум одбрана и полека сфаќам дека они ме нашле преку кастинг- архивски документи и дека тоа е некој курс за кој треба да платам 700 евра – обичен њуслетер работава. Но добро, сепак оваа кастинг-агенткава ќе биде таму, но толку пари не ми се даваат. Ни два ни три, му пишав на Милчо Манчески дали вреди овој воркшоп? Милчо вели дека е во ред, но дека не е нешто „вау“. Но, јас чувстував дека треба да бидам таму поради можноста да запознаам нови луѓе. 

Едвај ги најдов, се именувале како Академија, а тоа само една збуткана канцеларија, влегувам и се запознавам со директорката, а таа-Бугарка. Ми понуди да присуствувам гратис на работилницата, под услов да ѝ бидам асистентка за време на настанот. Јас ѝ велам – сакам! Тоа не беше работилница, тоа беше монолог на заборавен амерички глумец. Тоа требаше да биде работилница за 6 актери, но сепак беа излажани 30 успешни и полууспешни актери во Франција. Јас бев многу понизна не се праев мудрец, ги криев картите и слушав, сѐ до последниот ден кога поставив едно прашање на онаа Бонд гирл. 

Токму поради тоа на крајот ми пријде Американецот и ме поканија на журка. На таа журка, имаше една женска, ниска, со тетоважи, стегната у црно, пуши многу цигари, истура вино, осеќаш некоја прошла лепота од минатото… Ја гледам, а овој професорот ми дофрла: – Смеј се, но таа е влијателна критичарка во Кан! Веднаш ѝ  пријдов, божем барам цигара, дај шта даш… Една година подоцна, ми пишува порака за учество на проект, којшто ме одвлечка на еден долгогодишен експериментален процес со руски режисер. На тој проект, запознав еден човек кој е трендсетер на ноќниот живот во Париз. Тој човек често организира забави. Неговите приватни забави се кастинг во луксузен стан, со луксузни луѓе. Тој не е уметник, но се дружи со ументици, тој е правач на забави со богати луѓе и уметници. Тоа е огромен „кастинг“ во којшто тешко се влегува. Тука ќе сретнеш многу познати, успешни, полууспешни и ѕвезди во подем.

Тој човек, веќе мој пријател, почна да ми нуди работа, вели:  -Дојди во Кан летово ќе бидеш на врата на мојата журка, како хостеса! Му враќам: -Нема да дојдам не ми требаат пари, лани бев глумица во Кан, нема да се вратам како хостеса! А тој: -Абе Дејана, ќе ти биде платен смештај, превоз, ќе работиш само два часа, ќе заработуваш огромна плата и ќе бидеш на сите најјаки журки. Ако си на журката ќе збориш само со еден човек, ако си на врата сите ќе пројдат преку тебе. Тоа те става во позиција да зборуваш со кој сакаш после журката. Добро знаеш кој сѐ е тука, а на 20 години да работиш на врата не е срамота, а особено не во Кан!

На една таква забава се запознав со Марлон. Ми кажа дека имаат некој бенд, на што одговорив дека првпат слушам. Кога се сретнавме вторпат, веќе добро знаев за кого се работи. Кога ќе дојдат во Скопје, ќе готвиш за сите.


ЏОЛЕВ: Кога ќе дојдат во Скопје, готвам зачинето. 




_______
Фотографија: Архива / Дејана Попоска
Концепт и обработка: Дејан Џолев

Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ