„Мала“ – хибриден простор за големи идеи
РАЗГОВОР СО: 4 одговорни креативц[к]и на релација Љубљана – Скопје // РАЗГОВАРА: Дејан Џолев.
Доцна во денот, пред сам полноќ, се сретнав со членовите на архитектонското студио KONNTRA [Силвија Шалева, Ерик Јуришевич, Мирјана Лозановска] и моднaта дизајнерка Евгенија Зафировска, со цел да поразговараме за одговорноста на поединецот во општеството, преку парабола на нивниот заеднички проект - хибриден креативен простор „МАЛА“, лоциран на Илинденска, местото каде што и физички се собравме. Тие беа прилично еуфорични, штотуку излезени од отворањето на изложбата на словенечки дизајн „Иднината на живеењето“, взаемна организација со Aмбасадата на Словенија во Македонија, а јас неинветивен и уморен од прекумерното количество работа, но токму нивната енергија и еден словенски вранец, ме вратија во живот и успеавме да го реализираме ова парче текст и меѓу текст.
Ти се смачи од стариот шифуњер дома и плафоњерките во тоалетот? Започни ја твојата кариера од соништата и запиши се на Академијата за ентериер и продукт дизајн.
АРХИТЕКТУРА // МОДА // СВЕСНОСТ // ОДГОВОРНОСТ
ЏОЛЕВ: Како дојдовте до идејата (потребата) за „МАЛА“?
ШАЛЕВА: Во изминативе години, преку нашите работни искуства во Словенија и Хрватска, работиме на архитектонски проекти, но од друга страна, сме дел од најразлични соработки, публикации и изложби. Со тие активности, среќававме и многу лица кои се дел од нашата професија, но и од останатите дизајнерски професии. Во тој процес на осознавање на можностите во нашата струка, осознавме колку е важен тој момент на споделување на информации и знаење со останатите дизајнерски насоки. Честопати наметнато е прашањето за што навистина се залагаат нашите дизајнерски индустрии и каква одговорност имаат, е одговорено со тоа што дизајнот на еден начин е креативно решение на проблемите во современото општество, пред сѐ со создавањето на иновации и нови методи. Со цел да се создаде можност за различни соработки и креативни процеси, постојат вид на хибрид креативни простори, како што и ние ја формиравме „МАЛА“ во Скопје.
ЈУРИШЕВИЧ: „Работите“ коишто јас и ние како целина ги правиме, претставуваат реализација на нашите мисли и идеи за коишто веруваме дека се правилни. Целиот процес за проектите, без разлика дали се работи за проект на целосно училиште или само дизајн на ентериер, студентска работилница или некоја луда идеја, на крајот се разви во МАЛА. Кога создаваме заедно и гледаме како нашите идеи се развиваат и растат од мисли во скици, па потоа во вистински планови и во финалната фаза стануваат конструкции и завршни проекти/објекти. Ова е процесот како се роди KONNTRA и потоа последно, но не помалку важно, се роди и МАЛА.
Нашето задоволство е во создавање на работи во коишто веруваме. Иако ваквиот пат бара многу со оглед на тоа што во голема мера зависиш од самиот себе и притоа околината во којашто создаваш, ниту се согласува со тебе, ниту ти помага. Најверојатно сите креативци го знаат ова чувство, бидејќи понекогаш е тешко да започнеш кога немаш вистинска поддршка околу тебе. И да, ваквиот пат е стресен, полн со пречки и моменти во коишто почнуваш да се преиспитуваш за сѐ. Нормално е, никој не нѐ научил на тоа, никој не ни кажал дека ќе биде лесно.
ЏОЛЕВ: Што точно претставува „МАЛА“?
ШАЛЕВА: „МАЛА“ претставува нова иницијатива, креативна платформа, хибриден простор во центарот на градот Скопје, со поинаков концепт на функционирање зад којшто стојат нашето Архитектонско студио KONNTRA и моднaта дизајнерка Евгенија Зафировска. Две реномирани студија од различни области на дизајнот. Архитектура и моден дизајн како два правци на дизајн коишто ги сплотивме со една цел, остварување на нов простор за креативци.
ЏОЛЕВ: Колку ваков тип на концепт простори се застапени во Љубљана?
ШАЛЕВА: Концепт простори или мали независни креативни простори, во Љубљана се доста застапени, Јавноста таму а и генерално во Европа е доста заинтересирана за новите трендови на одржлив дизајн, рециклирање и ре употреба на материјали и ресурси. Тие теми многу често се презентирани и во овие креативни простори, каде што се пренесува преку дизајн од локални дизајнери, презентации и слично. Секако секој архитект/дизајнер преку тоа што изложува практично ги претставува своите замисли и повисока кауза во општеството. Не само дизајн како предмет или новопроектираната зграда, туку и приказната, кој е процесот, одговорностите и придобивките кон општеството. Секако ние како млади архитекти/дизајнери имаме свои методи на работа, и треба да имаме каде физички да го прикажеме и дискутираме со општата јавност. Во различни ситуации подложни сме на критики но секако и на пофалби. Но тоа е процесот каде го споделуваме нашиот труд, и воедно осознаеме други начини и пристапи базирани на туѓите искуства. Таа современа цивилизација кон која се стремиме, посебно во креативните индустрии е зависна од повеќе влијанија но и иницијативи на архитект – дизајнер – корисник. Постоењето на вакви креативни простори е еден начин за создавање можност на континуирана дискусија и поттик за напредок, кои делуваат локално но за глобално влијание.
ЈУРИШЕВИЧ: Би рекол дека секогаш има простор за повеќе, бидејќи секоја од нив е своја уникатна приказна и одговор на градските потреби и нивното минато и нивните позадини, што всушност МАЛА и дефинитивно е. И само мала забелешка, можеби повеќе би размислувала за именување на овој процес како процес на создавање на заедници, отколку само едноставно креирање на простор.
ЏОЛЕВ: Во контекст на модата…
ЗАФИРОВСКА: Во Словенија, свеста на луѓето кон екологијата е на многу високо ниво, па така и односот кон еко-модата. Воспоставена е здрава еко-освестена и одговорна модна сцена. Можеме да сумираме дека производството на еко-модата наоѓа свое место во здравата животна средина, здравјето на потрошувачите и поволните работни услови за вработените во модната индустрија.
Би сакала преку различни работилници и проекти да пренесам голем дел од искуствата и во Скопје. Социјалната реформа секогаш започнува индивидуално и верувам дека сите ја имаме оваа одговорност. Идејата е да се интегрираат традиционалниот и модерниот стил затоа што светот е фасциниран од боите и рачната изработка на деталите од нашите македонски традиционални мотиви и нашата богата традиција.
Преку соработка, размена на искуства и вмрежување на различни професии, сметам дека се постигнуваат големи резултати. Со овие концепти на работа ќе се фокусираме на дизајнот и производството со што ќе понудиме можност на луѓето да живеат во хармонија со нашата планета.
ЏОЛЕВ: За да се развие свеста за еко-модата, најпрвин треба да се развие свеста за екологијата. Сметам дека ние како поединци, но и генерално системски водиме многу малку грижа за овој сегмент на цивилизациските вредности. На пример, ние „вчера“ донесовме Закон за употреба на ќеси, којшто функционира сепаративно, јас штотуку пазарував и добив пластични ќеси еден тон. Нели сметаш дека хронологијата на едукацијата треба да се повлече неколку чекори назад, т.е. да зборуваме најпрво за екологија, па подоцна за еко-мода?
ЗАФИРОВСКА: Секако, уште од мали нозе учиме да ја сакаме и почитуваме природата. Одржливото живеење се постигнува со нашите секојдневни избори врз животната средина. Одржливоста значи да се направат избори денес коишто позитивно ќе влијаат на планетата утре. Тоа значи размислување за потребите на идните генерации, осигурувајќи дека тие ќе наследат безбедна и здрава планета за да живеат и напредуваат.
Се надевам дека во блиска иднина, многу повеќе дизајнери ќе бидат фокусирани на глобалните и одржливи трендови. Во наредните години, потрошувачите најверојатно ќе бараат и поголема транспарентност на синџирите на снабдување. Глобален проблем е модната индустрија којашто треба да забави, да се оддалечи од масовното производство и да се промени правецот, пред да дојдеме до уште поголем проблем.
Како што веќе кажавме, дизајнот на еден начин е решавање на проблемите во општеството и поради тоа континуирано работам за подобрување на сите фази од животниот циклус на производот. Се стремам кон тоа да изработувам парчиња со 0% отпад на различни начини. Квалитетот на дизајнот не секогаш зависи од неговата изработка, има многу повеќе фактори коишто ја зголемуваат вредноста на дизајнираниот производ, како што се функционалната и употреблива вредност, одржливоста, емоцијата и комуникацијата. Добриот дизајн треба да биде разумен.
ЈУРИШЕВИЧ: Секогаш треба да имаме на ум, дека сите живееме заедно, и дека со сите наши одлуки коишто ги носиме и постапки коишто ги преземаме, меѓусебно си влијаеме.
ЏОЛЕВ: Додека сме утопистички расположени, во какво Скопје би сакале да живеете?
ЛОЗАНОВСКА: Слободен град, отворени јавни простори, зеленило, град на велосипеди. Утопија којашто некогаш била реалност.
Ти се смачи од стариот шифуњер дома и плафоњерките во тоалетот? Започни ја твојата кариера од соништата и запиши се на Академијата за ентериер и продукт дизајн.
ВИНТИЈАГА
Сакаш да ја дизајнираш новата винтијага на Кање Бест и да работиш за брендови како Валенсијага, Чанел, Америго Веспучи? – Започни ја твојата кариера од соништата и запиши се на Академијата за моден дизајн.
Импресиониран од розевата светлина, за време на дружбата, направив селфи со цела банда, го фрлив на инстастори, а дел од моите пријатели [архитекти] веднаш реагираа: Пријател архитект: Едно од поинтересните студија на балканот. Пријателка архитект: Браво што го правите ова [мисли на нив]. Секако имаше и реакции: 100% / огинчиња Толку реакции по објавување на инста-стори, вообичаено се случува кога ќе го објавам мојот мачор Бумбар како прави некоја глупост по дома, навистина немав претстава за нивната популарност помеѓу колегите, и со право, Архитектонското студио KONNTRA беше дел од унгарскиот павилјон на Венециското биенале за архитектура - една од најпрестижните организации на глобално ниво, па неизбежно беше прашањето на што се резултира тоа, т.е. колку нивното образование е клучно за филозофијата и естетиката којашто ја негуваат.
ЏОЛЕВ: Вашето образование е микс од тука и таму [Љубљана]. Кои се клучните разлики? Всушност… Дали тие разлики [доколку постојат] се клучни за вашиот развој или пак, се работи за индивидуална потреба, самосвесно истражување, неформална едукација, од љубов, од ќеиф, од интерес кон архитектурата?
ЛОЗАНОВСКА: Разлики во концептот на образование постојат секаде, дури во Скопје, има многу разлики зависно од тоа каде се образуваш. Всушност, она што јас го гледам како многу позитивна страна кај нас како KONNTRA, е тоа што сите ние кои создаваме архитектура, заедно имаме стекнато образование на различни места. Под образование подразбирам пракса, архи- работилници, споделување на знаење од еден на друг. Тоа е супер, бидејќи ние во континуитет учиме еден од друг, постојано се надополнуваме. Секако, најважен момент е самосвесното истражување, неформалната едукација, од љубов кон архитектурата. Нели, најважно е да го сакаш она што го работиш.
ЏОЛЕВ: Во разговор со млади свежи умови [архитекти], најчесто студенти, имам доста непријатно искуство во однос на нивниот став за тоа како гледаат на нивната професија, т.е. на нивните можности по завршување на факултетот. Разочарани се од можноста да работат на креативни архитектонски проекти, многу од нив сметаат дека ќе „заглават“ со неатрактивни комерцијални проекти, коишто сами по себе се против нивната култура. Патем, гледаме што ни се случува во градот, доволно е да свртиме еден круг низ Дебар Маало. Што би ги советувала тековните студенти? Што сѐ можат да работат по завршување на факултетот, а притоа да се чувствуваат одговорни, креативни, исполнети…
ЛОЗАНОВСКА: Не би сакала ова интервју да биде реплика на тоа колку во Скопје нешто фали или нешто не штима. Добро е да се зборуваат позитивни работи!
ЏОЛЕВ: Секако тоа не е целта, но секако мораме да бидеме критични кон себе [општествено, културолошки] …и без разлика на тоа дали моите прашања претендираат кон одреден контекст, вие секако ја имате можноста да ме коригирате, спротиставите… Да се навратиме, дали има разлики во концептот на образование, кои се тие разлики и колку индивидуалниот влог е важен за понатамошниот развој во професијата?
ЛОЗАНОВСКА: Кој е виновен? Факт е дека сите поминуваме низ таа фаза. Прашањето е што понатаму? Постојат многу можности. Од мое лично искуство, сметам дека „заглавувањето“ е понекогаш собирање на знаење и искуство од „реалниот“ свет.
Сите имаме периоди на разочарување, но особено е важно да си поставиме свои цели и да знаеме на што сакаме да се фокусираме.
Ние како архитекти можеме сѐ, бидејќи таква ни е професијата „сестрана“ …на факултет учиме многу! Архитектурата ни го формира начинот на облекување, движење, зборување… Најфраери сме зошто учиме сѐ: уметност, историја, математика, графика, статика, дизајн… Сите мораме да бидеме одговорни, креативни и исполнети, тоа се постигнува со многу труд и работа.
Многу е важно да напоменам дека Дебар Маало и развојот на нашиот град не би го поврзувала со развојот на нашите млади архитекти… Каде е гласот на архитектите? Да кажеш што мислиш, и да е грешка, подобро да се згреши отколку да остане некажано. Гоце го разбира светот како поле за културен натпревар меѓу народите, натпреварот мора да го има, секогаш! Здраво е да знаеш да изгубиш и здраво е да знаеш да победиш. Сѐ се учи со време, но мора да сме упорни. Разочарување никако!
ЏОЛЕВ: Во ред. Што е тоа со што би го пофалиле Скопје во Љубљана?
ШАЛЕВА: Скопје има своја единственост; спој на повеќе култури, спој на крајно складна и нескладна архитектура, спој на различности коишто колку и да делуваат нелогични, на Скопје му даваат посебен вајб и шарм.
ЛОЗАНОВСКА: Скопје е среден хаос, нешто како мене.
ЗАФИРОВСКА: Скопје е спротивност од Љубљана, сѐ што имам тука, го немам таму. Кругот на културните места, на пријатните сеќавања и спомените со најблиските.
ШАЛЕВА: Понудата и активностите од културната сфера на настани секако зависат и од тоа што се бара и посетува. Реално, и во Скопје имаме доста добра понуда на настани и случувања во последниве години, но за жал најчесто посетеноста е релативно слаба или пак и да нема посетеност од поширока јавност. На прв поглед, можеби се должи на некакви моментални актуелни случувања или дефокус со други теми коишто можеби моментално се поприоритетни за поединци, тоа не би знаеле точно.
Друг аспект можеби е и финансиска пречка за посетителите, каде што институциите би требало да се поотворени и поангажирани за организирање на отворени денови на посета и тоа не само еднократно, годишни влезници за студенти, задолжителни чести посети организирани од училиштата, бидејќи таа култура се гради од рана возраст.
ЏОЛЕВ: Да пробаме обратно. Љубљана на скопјани…
ШАЛЕВА: Од нашето искуство во Љубљана, со сигурност можеме да кажеме дека константно се организирани случувања и културни промоции каде што се дава можност, исто така и на алтернативна сцена за перформанс и изложување на уметници, музичари, архитекти и слично. Најчесто тие случувања се поддржани како од независни организации, така и од официјални институции. Финансиска, но и уште поважно маркетинг-поддршка со цела организација за конкретниот настан, е од огромна помош и поттик за тој кој е нов и млад креативец. Но и за посетителите, кои имаат можност да проследуваат најразлични настани и кои културно се издигнуваат и стекнуваат нови перспективи.
Овој разговор со креативната дружина од „МАЛА“ за мене е повеќе од важна. Овие луѓе се одраз на нивната ментална хигиена, одраз на нивните естетски и интелектуални навики. Овој разговор се чита во редови и меѓуредови. Раната едукација и педагогија на децата не се темели на зборови, критики и казни. Овие креативци можат токму тоа да го направат од некоја далечна земја за состојбата во нашиот град. Децата учат од постапки и околности, тие се рефлексија на примерот којшто го следат. Па, така и оваа дружина ни сподели пример, да го следиме и да се надоврземе. Ние сме рефлексија на нашите родители, наставници, професори, институции. Зошто ли нѐ чуди сообраќајната (не)култура? Па тоа сме ние! Ние сме сообраќајот, ние сме загадениот воздух и парк. Ние сме архитектурата во нашиот град. Јас, ти, ние сме одговорни за околностите коишто ги преживуваме. Јас, ти, ние сме одраз на стварноста, доколку не ти се допаѓа - промени ја! Затоа лично јас и цела „Скала банда“ ви се благодарни за оваа розева точка во нашиот град.
ЏОЛЕВ: Што да очекуваме во блиска и подалечна иднина во „МАЛА“?
ШАЛЕВА: Во „МАЛА“ ќе развиваме нови соработки, настани коишто спојуваат различни области во дизајнот, еден вид на локален „активатор“. За Скопје, ова е чекор напред, се надеваме дека несебично ќе придонесуваме на ова поле. Просторот е дизајниран со минималистички аспекти и акценти на магента нијанса на боја, мал простор, но со голема замисла и идеја. Во текот на втората недела од декември, веќе имаме изложба „The Future of living”, во соработка со Центарот за креативност на Словенија и словенечката амбасада во Скопје, каде што се промовираат млади дизајнери со иновативни дизајнерски парчиња од Словенија, со цел да прикажеме и што креираат дизајнерите од нашиот регион. На долгорочен план и за следната година, предвидени се отворени повици на коишто ќе можат да се пријават креативци и дизајнери како од Македонија, така и од други земји, за најразлични активности, перформанси, инсталации, уметности или пак други активности коишто предизвикуваат поголема заинтересираност и поттикнуваат креативност кај посетителите. Со тоа, се надеваме дека ќе успееме да го раздвижиме или „разбудиме” дизајнот и креативноста во Скопје и Македонија.
ЗАФИРОВСКА: „МАЛА“ ќе понуди колекции од различни дизајнери, млади таленти и веќе реномирани дизајнери кои акцентот го ставаат на одржливата мода и вклопување на етички принципи на дизајнирање. Креативни работилници со коишто ќе ги поддржиме локалните занаетчии, нивните оригинални дизајни и традиционални занаети. Свесни сме за поврзаноста со другите и со околината и имаме за цел да постигнеме промени во светот на креативен и иновативен начин.
На првиот час [за време на моите студии по дизајн] една професорка спомна: „Одговорност на дизајнерите е да го направат овој свет подобро место за живеење“. Сѐ додека не се сретнав со оваа банда креативци, се немав сетено на оваа максима. А оттогаш поминаа скоро 20 години.
_______
Фото-концепт: Дејан Џолев
Фотографија: Антонио Станков + Mартина Пенева
Обработка: Антонио Станков