• Немате производи во кошничката.
писмо-дијаспората-pismo-dijasporata

ПИСМО ОД ДИЈАСПОРАТА: АНГЕЛА ПЕТРОВСКА // МИЛАНО


ЕДНАШ МЕСЕЧНО ВО САНДАЧЕ НИ ПРИСТИГA „ПИСМО ОД ДИЈАСПОРАТА“. ЦЕЛТА НА ОВАА РУБРИКА Е ДА СЕ ЗАПОЗНАЕМЕ СО МЛАДИТЕ АВТОРИ И СТУДЕНТИ ПО ДИЗАЈН И УМЕТНОСТ КОИ РАБОТАТ ОДНОСНО СТУДИРААТ НАДВОР ОД ДОМАШНAТА АДРЕСА.

АНГЕЛА ПЕТРОВСКА [ИНСТА] // ФОТОГРАФКА, СТУДЕНТКА НА АРХИТЕКТУРА И УРБАН ДИЗАЈН // МИЛАНО, ИТАЛИЈА

Драга Скала, 

Ви пишувам од Италија, меѓу 2 топлотни брана од нашето мало климатизирано AirBnB станче. Ова писмо ќе е распространето меѓу 2 града (Милано и Рим) и 2 чувства – тоа да до некој степен одомаќинет странец кој го познава добро својот град и тоа да си турист кој талка користејќи Google Maps. 




Изминатава година и пол сум напред-назад на релацијата Скопје-Милано, како студент по Архитектура и Урбан дизајн на Politecnico di Milano, така што пред сѐ ќе ве воведам во еден типичен ден/недела во Милано и што тоа вклучува. Класичниот италијански благ појадок со кафе (капучино, но летово за мене тоа е ладно кафе лате) и кроасан полнет со крем од ф’стак е неодминлив, а потоа заглавување во некоја од библиотеките за работа на проекти. Од мај натаму, сите бркаат да најдат климатизирано место, така што Fondazione Feltrinelli за мене е спас од целото брзање да фатиш место на факултет во 8 наутро, само затоа што има лимитирани места на принцип на резервација. Но, не се само библиотеките полни овој период, туку и јавните места, каде што по две години се враќаат настаните и концертите. Ја имав среќата што ден по моето слетување е главната парада и манифестација за Milano Pride, па може да се каже дека денот заврши со следење на финалниот дел од парадата исполнет со настапи на LGBTQ+ јавни фигури, организации, drag queens и италијански музичари. (Игнорирајте го квалитетот на сликите, сепак не се шетам секаде со апарат.) 
  





Како што реков сепак, ова писмо зазема едно поинакво раскажување, со музика во живо како главна причина за промена на локација. Одморот и патувањето кон Рим ни беше склопено околу 2 карти за концертот на Maneskin во Circo Massimo. Preface: бендот ми се допадна по нивниот настап на San Remo-фестивалот, а откако повеќе ги заслушав, веќе беше доцна да купам билет за миланските датуми (цела турнеја низ Италија им беше sold out). Така што, купи си Ангела билети за нивниот домашен терен, Рим, летен концерт на отворено е, не е толку страшно!… Сѐ додека не се просветлиш што значи 70 000 луѓе, во антички локалитет, со терен како долина, на претопол летен ден. Иако немавме посветеност да чекаме цел ден на сонцето за подобри места во партерот, сепак среќата доволно ни се насмевна за да го проследиме концертот гледајќи кон бината наместо само кон големите екрани долж локацијата. Два и пол саати настап без престан навистина ги стави Maneskin погоре на мојата листа на концерти за коишто вреди пари да дадеш, а изборот да се проследи концертот во нивниот роден град -уникатно искуство.  







Туристичкиот аспект на ова писмо е сепак неизбежен, а со тоа и прошетките на коишто со задоволство би да ве понесам. Од Колосеумот до Форумот и сите цркви, фонтани и музеи измеѓу, Рим едвај ни даде момент за одмор, иако така го нарековме нашиот престој. Има нешто магично во тоа на секој втор агол да наоѓаш рушевини и локалитети, иако истото по вториот ден те нервира од чиста причина дека ги комплицира прошетките и ги претвора во долги обиколувања. Секако, сите познати локации се полни со туристи, така да перфектните слики се недостижни. Постојат и оние помирни места дури и во една метропола како Рим, па за нас на пример MAXXI-музејот претставуваше одлично прибежиште од жештините и гужвите. Голем личен плус – изложбата за жените-архитекти низ историјата, посебно знаејќи дека музејот е дизајн на познатата Zaha Hadid.  







Сепак, она во што најмногу уживам во Италија се малите мирни улици и лежерниот живот, посебно по 18 часот. Има нешто во тоа веднаш по работа да тркнеш до некој бар на аперитиво (мезе и пијачка, најчесто Aperol/Campari Spritz). Како да во тој период од денот и сите улици да добиваат поопуштен амбиент. Маалото Трастевере одлично го пресликуваше овој дел од денот кога сите паузираат од вечното брзање и уживаат во т.н. vita lenta (спор живот).   










До наскоро, 

Ангела Петровска. 

___
Уредник на рубриката: Елена Божиновска


Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ