Пишувачите на Скала, ослободувачи во креативниот простор
Младоста ги краси, пишувањето им отвора видици, ги води од едно на друго место, на настани, изложби, концерти, филмски фестивали, други градови и држави… Со нив Скала Магазин има постојана свежина, динамика и е во чекор со сите настани поврзани со уметноста, дизајнот, музиката, филмот.
Мислам дека е редно време да ги претставам сите луѓе кои неуморно следат и пишуваат рубрики, го полнат секое скалило и ќоше од нашата платформа и создаваат текстуални сеќавања : )
На сите четворица им поставив исто прашање, клучно за да дознаам што всушност им значи ангажманот на Скала, но и да ја опишам нивната улога-секој поединечно цели кон целисходни, конкретни текстови кои ќе ја пренесат главната идеја на Скала, а тоа е писмена, медиумски покриена порака и свежа енергија во етер.
Ќе почнам од Андреј [Медиќ Лазаревски], единственoто момче во групата пишувачи, ревносен следач на културните настани, забавните агли на градот, филмски проекции и човек кого освен поезијата и философијата, мислам дека е совршен менаџер на текстови. Импресиите ги доловува со искреност, проникливост и хумор. Другар ипол и буден патувач со автобуси низ локалната галаксија. Без него, текстуалната симфонија би ни чкрипела. Кога го прашав, што е „Скала за тебе?“ еве што ми одговори:
Скала е можност за искачување кон повисоките врвови на инспирацијата, можност за уметникување и бивање слободен, Скала е прилика за искажување на она што младите има да го кажат, за суштествување како креативно суштество, за себе-пронаоѓање. Скала Магазин е отворен простор.
☆
Следна е Ева [Николоска] – директна во односот, директна во преносот на текстови. Секогаш со „фул“ ангажман за „На скалички со“…. раскажувајќи ни ги младите таленти, тековни студенти од Академијата, уметнички агли и луѓе за кои вреди да се седне на скалички и да се зборува за делата, нивната инспирација, процесите и иднината што ја носат. Без Ева, ниедни скалички нема да бидат така полни како што таа ги прави. Фала Ева. И таа ни сподели што значи за неа вклученоста во Скала:
За мене, да се биде дел од Скала значи разменување различни искуства, запознавање со различни луѓе, каде што секој од нив ме запознава со својот свет, или ме инспирира повеќе да се задлабочам во својот. Би рекла повеќе чувства дека ги поврзувам со Скала. Благородни чувства, пријатност, радост, одговорност, еуфорија. Нема едно, но има множина.
☆
Ја знаете Елена [Божиновска] ? Куп енергија во мало пакување. Вечна балерина, засекогаш вљубена во светските координати и патувања. Кога ја запознав, ми раскажа сѐ од А до Ш како работи и на што да посветам најмногу внимание. Благодарам драга. Ги знае сите шеми за проекти и активности, ги следи сите дијаспорци кои низ глобусот шират уметност, знаење, искуство. И самата таа ни е дијаспорец од неодамна. Без неа, сандачето би ни било без разгледници.
Позната како „таа што не се прибира дома“ и „стално шеташ негде“, особено ми е драго што мене ми припадна рубриката „Писмо од дијаспората“, бидејќи така заедно со нашите гости шетам малку и во нивниот универзум. Пишувачката улога во Скала ми е една од најдрагите работи, која ми дозволува да растам и да го негувам своето пишување.
☆
Најмалата ни е Ангела [Бошкоска], Тетовчанката во тимот, многу сака да пишува и да следи настани, а со нас е од поодамна, но во оваа сезона на Скалаџиите пишувачи, ќе ја активираме уште повеќе : ) Сонувачка што сака да создава пишувани светови и најмладата во тимот. Без неа, ќе бидеме непотполни.
За Ангела, Скала е простор каде ја остава својата креативна воздишка. Вели:
Нефер би било ако го наречам „ослободување“ од новинарските стеги, а сепак искрено ако откријам дека моите вистински импресии лежат токму таму. Местото каде творам со чувствто, ако само едно такво може да се преточи во збор. Кога ќе слушнеме нешто што навистина ни се допаѓа го впишуваме во глава или во ноутпад или на некое истуткано парченце хартија случајно залетано во џебот. Скала за мене е токму тоа парче хартија каде мислите се вистински и оригинални, бидејќи вредат и се пишуваат со љубов.
☆
И сама си го поставувам ова прашање. Што е „ Скала“ за мене?
Пишувачки предизвик. Многу букви, текстови, многу контексти, менаџмент на умот и релациите, приказните. Нешто што сакам да го гледам и читам, од кое сакам да сум дел. Често го поврзувам со возбудата на секојдневниот раст. Како кога гледам дека детето научило нешто ново? Така некако. Скаличка на која се „пентарам“ и јас како дете. Учам секој ден. И ви благодарам за шансата.
Што рекоа Пишувачите за Ана?
АНДРЕЈ: Ана е инспирација, поттик, најубава прегратка.
АНГЕЛА: Aна – прецизен израз на замисла од конфузни креативи.
ЕЛЕНА: Ана – пишувачка главна, а еден ден и многу славна! : ) Ана, среќна сум и благодарна што го водиш пишувачкиот тим. Секогаш достапна и отворена за комуникација и насоки.
ЕВА: Ана – Мојот главен уредник. За Ана може да се зборува везден, Ана е човек за кој што приказните немаат крај. Не би можела да ја опишувам со милион зборови затоа што премногу ќе должам, по моја струка би ја опишала со бои, оние топлите бои ( портокалова, жолта, зелена…) да ти е мерак да бидеш во нејзино присуство, каде што насмевките немаат крај, а забавата вечно трае. ПС: Тоа ја прави и главна Скалаџика.
—
Фотографија / Концепт и обработка [насловна]: Дејан Џолев
Сет асистент: Андријана Антова + Давид Пројковски + Стефани Караџоска + Ана В’чкова
Пост-продукциски асистент: Антионио Станков
Техничка логистика: Ангела Николовкска + Бојана Стоилковска + Крсто Златков