• Немате производи во кошничката.
илустрација на Андреј Павлов - Импреии од Бич филм фестивал за Скала магазин

ИМПРЕСИИ // Отплови по Охридско и петтото издание на Beach Film Festival 

Да бевме clickbait-ери овој текст ќе го носеше насловот „Иако акредитиран, пишувач на Скала не беше примен на една од фестивалските локации“. Но, бидејќи пишувам за културен медиум кои покрива културни настани, за годинешното издание на Beach Film Festival би претпочитал да говорам културно.

Првпат ми е на BFF. Филмови под ѕвезди, покрај езеро, летен филмски фестивал - одлично звучи. Петто издание, четири локации низ Охрид, од 20 до 24 јули, со скромна програма составена од три селекции (на долгометражни, краткометражни и на студентски краткометражни) и објективно гледано - убава атмосфера. Планот ми беше отсабајле на плажа (првпат влегувам во Охридско езеро во досега дваесет и една година живот во земјава), потоа ручек, малку дремка и вечерта на филм! 
Отворањето се случи на 20-ти јули во 20:30, во амфитеатарот во предворјето на црквата Св. Софија. На програмата филмот „A Simple man” на режисерот Тасос Геракинис. Фин грчки филм за винар кој станува заложник на човекот на кого му должи и кој пробува да ја заштити својата ќерка од бегство со него. На крајот се поставуваат прашањата дали заштитата може да се претвори во посесивност, дали грижата може да се претвори во арогантна одмазда. Пред проекцијата, фестивалот го отворија Директорот на агенцијата за филм, Бојан Лазаревски, заедно со селекторката на програмата која на фестивалот за неколку години му посака Охридската ревиера да ја направи налик на Канската. Вечерта заврши со убав  интимен диџеј-сет на Дамјана.


Планот за овие фестивалски денови беше да се покријат со Импресии сите филмски локации. Па така, вториот ден беше резервиран за посета на Лапидариумот и проекциите од краткометражната селекција. Петнаесет краткометражни филмови, мало и преинтимно место скриено во раздвижената улица на стариот град. Со исклучок на рефлекторите од Лапидариумот кои постојано светеа околу и кон филмското платно, краткометражната програма беше солидна, а би ги издвоил филмовите „Cadillac & Blасkberries” и „It's Cold“ како најдобри таа вечер.
Вечерта ја завршивме на Плажата Славија со свирката на „Хајка“!


Третиот ден од фестивалот сакавме да ја проследиме проекцијата на филмот „Inventura“ која беше закажана во 21 часот на Бродот Армада, но за импресии од таму ве посочувам да ги ѕирнете фотографиите на социјалните мрежи на BFF бидејќи... [прочитај прв пасус] <3 


Наместо планираното отидовме на Плажата Славија, локација која објективно е предалеку за да може да се стигне веднаш од една на друга локација (а и цените на таксито во Охрид ги надминуваат дури и оние на "скопјанишчана"), па успеав да го фатам францускиот филм „Anaïs in love”, филм кој може да се карактеризира и како љубовен и како квир и како драма, а ја раскажува приказната за опсесивната љубов на Анаис кон познатата писателка Емили. Главната актерка од овој филм ја зема наградата „Стефан Сидовски-Сидо“ за најдобро актерско остварување. Вечерта заврши со уште еден диџеј-сет.
Претпоследниот фестивалски ден го поминав на плажата Славија. На репертоарот беше филмот „А Pure Place” на Никиас Крисос. Ова беше можеби и најдобриот филм кој го погледнав на фестивалов. Приказна за култ кој верува во совршена чистотија. Како од производство за сапун, една фабрика на напуштен остров станува место за злоупотреба на деца и создавање на апсурдно верување. Иако на моменти наликуваше на филм од Б-категорија, сепак можеби најинспиративен од целата програма.
Последниот ден од фестивалот - доделување награди и проекција на два македонски филма. Ми се допаѓа оваа пракса кој би била совршена традиција за сите македонски фестивали, затворањата да бидат со македонски остварувања. Проекција на филмот „Перики“ на Ангела Димеска, филм кој го препорачувам уште кога првпат го погледнав на Cinedays [повеќе за овој филм во Импресиите за тој фестивал]. По проекцијата следеше кусо обраќање на дел од екипата од филмот, а потоа се продолжи со проекција на „Сестри“ на Дина Дума. Веројатно многу е пишувано за „Сестри“ и се направени куп анализи, критики, дадени се мноштво коментари, па не би повеќе за ова. Фестивалот заврши со диџеј-сет на Милан Серафимов.





Неколку зборои за организациските работи…

Филмови под ѕвезди, покрај езеро, летен филмски фестивал - одлично звучи. Петто издание, четири локации низ Охрид, од 20 до 24 јули, со скромна програма составена од три селекции и објективно гледано - убава атмосфера. 

Но, сѐ уште се мислам околу некои клучни работи кои еден филмски фестивал го прават вистински фестивал. Најпрво, доколку сакаш да најдеш повеќе информации за филмовите на извори понудени од фестивалот речиси е невозможно - каталог не можеше да се најде (што е пракса за филмски фестивали), а официјалниот сајт речиси празен. Па IMDb не ми бега! Условите во Лапидариумот, иако слатко место, сепак не беа задоволувачки поради константната светлина околу, но и кон филмското платно. Во дневната програма - недообјавени настани кои се случија. Q&A - сведени на изјави. Награди - доделени без пошироки образложенија. Прес акредитирани - непримени <3

Филмови под ѕвезди, покрај езеро, летен филмски фестивал – одлично звучи. Потенцијал во Охрид, средства од АФ, човечки и технички ресурси – има, искористете ги на најдобар можен начин, барем кога му се посакува на фестивалот Охридската ривиера да ја направи налик на Канската!




Пишува: Андреј Медиќ Лазаревски
Илустрации: Андреј Павлов – бр.02,03 // Дејан Ичев – бр.1 // Сара Секулоска – бр.4

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ