АРХЕОЛОШКИ ЛОКАЛИТЕТ: КУПРУМ
>> РУБРИКА ВО КОЈА ГИ АРХИВИРАМЕ И РЕСТАВРИРАМЕ НАЈЗНАЧАЈНИТЕ ГРАФИТИ И АРТИСТИ ОД „КУПРУМ“. [текстот содржи метафори]
ПРОЛОГ #1
Археолошкото истражување или уште подобро археолошкото документирање и реставрирање на графити-културата е неопходен, важен потфат. Артефактите по скопските фасади исчезнуваат преку ноќ, но таа вистина графити-артистите ја прифаќаат уште пред да ја повлечат првата линија.
На оваа ликовна авангарда не им е потребна галерија, врамени дела, рефлектори, брошура и досаден неразбирлив напис во весник, но нам тие ни се потребни – да сведочат за постоење на поинаква мисла, да инспирираат нова сцена…
Руината „Купрум“, во скопската населба Хром е пред минирање од страна на капиталистичките идеи. Таа руина е Музеј на современа уметност!
Во оваа месечна рубрика ќе ги архивираме и реставрираме најзначајните дела и автори од „Купрум“.
ПРОЛОГ #2
Постојат многу различни начини на визуелно изразување, произлезени од потрага на вентил за изразување низ којшто протекува креативност.
Графити-културата е еден од тие вентили коишто моментално спаѓаат во „сивата“ зона на дозволеност, односно „криминал е само ако те фатат додека црташ“ зоната.
Штом читате во моментов, претпоставувам дека знаете што се графити и сте виделе барем еден „графит“ низ град, но дали сте се запрашале кој го нацртал? Колку време било поминато и каква организација била направена за да настане тоа дело? Колку време е вложено во тренинг и изучување на урбаната типографија за да еден визуелен уметник се оформи како успешен графити-артист?
Во оваа рубрика ќе се потрудиме заедно да го пронајдеме одговорот на тие прашања, а и уште многу поврзани со таа графити-култура, а воедно ќе посветиме внимание на едно интересно место покрај кое има голема шанса да сте поминале, а исто толку голема е шансата да не знаете колкаво богатство на улична уметност се крие во него.
Тоа место е фабриката „Купрум“, во населбата Хром.
Некогаш, место чиешто постоење и работа хранело многу семејства, а денес е постела од срчи, шприцеви и остатоци од едно поинакво време, но покрај нив, исто така и ризница на многу колоритни дела.
СОДРЖИНА АРТИСТ бр. I // ХРОМ
ХРОМ: Моите први графити во „Купрум“ се некаде од 2015. Искрено, не се сеќавам кое беше првото парче, но ги има многу. Многу графити веќе и ги нема, затоа што сè што беше метал, одамна исчезна од таму : )
ХРОМ: Секое цртање си има своја убавина. Одамна не бирам што и како ќе цртам, едноставно се прилагодувам на околностите.
ХРОМ: Не се сметам за некој креатор, јас сум цртач на графити. Можеби како дете ми изгледало бунтовно кон општеството, но одамна за мене графитите се нешто друго. Додека цртам и пишувам, јас постојам.
ХРОМ: На графитите гледам како на маратон, а не на трка на 100 метри. Кај нас секоја година се појавуваат нови таленти, но исчезнуваат по неколку месеци. Мора да се биде упорен, постојан и поразличен!
ХРОМ: На напуштените места се црта опуштено, без временски притисок. Може да се пробаат некои нови идеи на ѕидовите. Дружбата со пријателите -„Купрум“ ни го даде тоа. Убави моменти на урбано истражување.
ЕПИЛОГ
Продолжуваме со „копање“…
ПРОЛОГ #1: Дејан Џолев [главен и одговорен уредник на Скала магазин];
ПРОЛОГ #2 / СОДРЖИНА: Марио Манески [уредник на рубриката];
ФОТОГРАФИЈА: Антонио Станков [уредник на фотографија] // Долорес Соколова [асс. на фотографија и постпродукција на фотографија];
УРЕДНИК НА ПИШУВАЧКИ ОДДЕЛ: Бинаса Дрндар.
__________________