БЕЛЕШКИ ЗА ЕДНА [ФОТОГРАФСКА] АВАНТУРА [6]
„Правиме фотографии за да разбереме што ни значат нашите животи.“ Ралф Хатерсли (Ralph Hattersley)
ОВА НЕ Е ЛУЛЕ
Во 1929 година, белгискиот сликар Рене Магрит насликал едно од неговите најпознати дела, и на надреалистички начин, го довел во прашање авторитетот на вербалните и визуелните можности за претставување на реалноста, делумно насловено како „Измама на сликата“ [Сл. 1]. Ова дело е попознато според реченицата напишана на сликата која гласи „Ова не е луле“, којашто најдобро ги прикажува аспирациите на надреалистичката уметност, кога станува збор за концепцијата на реалноста во уметничко дело. Оваа реченица, како и самата слика, станаа еден од најпрепознатливите симболи на надреалистичкиот правец во сликарството и воопшто во уметноста, а францускиот философ Мишел Фуко, инспириран од оваа слика, напишал и книга со сличен наслов како и сликата од Магрит („Ова не е луле“, 1983), анализирајќи го односот меѓу предметите и зборовите коишто ги означуваат тие предмети и сите логички и семантички последици кои произлегуваат од тој однос.
ЗА ОБЈЕКТИВНОСТА
Имајќи го предвид сето ова погоре кажано, да се префрлиме на „наш терен“ – фотографијата. Ако зборуваме за фотографијата како одраз на реалноста, тогаш прашањето за објективноста е уште поспецифично. Фотографијата обично се смета за (неспорен) факт. Таа е објективна. Фотографија којашто не е обработувана дополнително по снимањето е доказ дека тоа што таа прикажува -постои (или постоело) пред објективот на фотоапаратот во време на фотографирањето. Како дополнителен аргумент, се зема дека фотографијата се прави со механички уред (фотоапарат) којшто само ја пресликува (одразува) реалноста. Но, дали е тоа така? Спротивно на популарното верување, мислам дека фотографијата е субјективен одраз на светот. За ова, можам да понудам грст докази. Ќе наведам само неколку. Светот е тридимензионален, а фотографијата е дводимензионална. Фотографијата (најчесто) е со помали (или поголеми) димензии од она што е фотографирано. Светот е во боја, а црно-белите фотографии имаат само црни, бели и сиви тонови и нијанси (а, и оние во боја имаат поинаква, „изместена“ боја). Ако десеттина фотографи фотографираат еден предмет под исти услови, сите ќе направат различни фотографии. Која од тие фотографии ќе биде „реална“? И така, би можел уште долго да набројувам. Но, ова се ноторни и повеќе технички факти. Тоа што мене ме интересира (ако веќе се сложивме дека фотографијата е субјективен одраз на реалноста), е прашањето дали и на кој начин (начини) фотографијата, сепак, ја одразува реалноста? [Сл. 2]. И какво значење има тоа за начинот на којшто ја гледаме и толкуваме фотографијата? И, ако сакате, дали фотографиите, пропуштени низ субјективниот филтер на фотографот, ја искривуваат нашата перцепција за тоа што го гледаме на фотографијата или пак само ја насочуваат во определена насока? И, ако е така, како сето тоа се рефлектира на нашиот поглед на светот? Да не заборавиме, иако живееме во време на „сликите“ помалку од двесте години, ретко кој од нас се прашува како изгледал светот без ниту една фотографија. А тоа било пред помалку од двесте години. Едноставно, ние најчесто светот го перцепираме преку фотографиите („сликите“). А таа перцепција секогаш е субјективна.
ОДРАЗ
На кои сѐ начини фотографите го одразуваат сето она што се наоѓа пред нивниот објектив? За ова може да се зборува и пишува многу, затоа што секој поинаку го гледа светот околу себе, секој фотограф има посебен начин на гледање и зборување со фотографскиот јазик, па оттаму и богатството на изрази (и одрази) во нивните фотографии. Фотографиите се прават во многу мал дел од секундата. Случувањата пред објективот се менуваат со филмска брзина. Затоа, фотографот треба да биде концентриран, тивок и брз. Анри Картје-Бресон (Henri Cartier-Bresson), еден од најдобрите документарни фотографи на сите времиња, вели: „За мене, фотографијата е истовремено препознавање во дел од секундата на значењето на еден настан, како и прецизна организација на формите коишто на тој настан му даваат правилен израз“.
ВРЕМЕНСКА КАПСУЛА
Веќе кажав дека има безброј начини на фотографски израз, има многу жанрови во фотографијата. И сите се легитимни. Секој треба да си го најде својот „модус вивенди“ во фотографијата и да прави фотографии во согласност со својот талент, светоглед и афинитет. За мене лично, врв во фотографијата е документарната фотографија. Таа е мојот начин и средство да ги забележам минливите моменти, на прв поглед можеби мали и безначајни, но големи за мене. Всушност, сметам дека нема мали и големи теми за фотографирање. Секој човек е важен, сечиј живот е посебна приказна. Фотографијата е средство со коешто го капсулираме времето и тоа не само во буквална смисла („крадеме“ делови од секундата на бескрајната лента од времето), туку имаме можност и да го збиеме времето (години и години…) во само една фотографија. Иако мајка ми Вера беше тешко болна, таа наоѓаше сила да ги задоволи моите фотографски апетити. Еве ја како во својата рака држи своја фотографија од млади години, на само неколку центиметри (и преку 60 години разлика!) од нејзиното веќе намачено и остарено лице. Една фотографија, без зборови. Одраз на моментот. Временска капсула.
КРИСТИНА
Кристина Нуњез (Cristina Nuñez), започнала да прави автопортрети во 1988 година, како форма на самотерапија, за да ја надмине ниската самодоверба и да го стимулира нејзиниот креативен процес. Сè до раните 2000-ти, таа правела книги за фотографија во коишто се осврнувала на социјалните прашања преку портретот. Покрај ова, таа продолжила да фотографира автопортрети. Од 2005 година, таа одржува работилници за правење автопортрети во терапевтски цели за лица од маргините на општеството, така што таа им дава кратки упатства како да се фотографираат, ги остава сами со своите емоции додека се фотографираат, а потоа заедно разговараат за тоа како е сè поинаку кога се гледаат „од страна“, на фотографиите. Гледајќи го својот одраз и своите емоции, многумина од нив успешно се справуваат со своите проблеми. Нуњез се смета себеси за социјален активист, користејќи го сопствениот живот за да ги поттикне луѓето да го пронајдат нивниот одраз во нејзината работа. Еве еден нејзин автопортрет од нејзината работилница „Искуство со автопортрети“.
РАЗГОВОР
Фотоапаратот е секогаш до мене. Тој е мојата „продолжена рака на свеста“, што би рекла Сузан Зонтаг. Дома, најчесто останувам буден до раните утрински часови. Пред легнување, секогаш имам мал разговор со себе. Фотографијата е начин да се видам, гледајќи го мојот одраз од другата страна и да се запрашам: „Кој си Ти?“. Со оваа мала, интимна фотографија, за кратко ќе се исклучам и ќе ја привршам оваа колумна.
Се читаме (и гледаме) наскоро!
______
Претходен напис: БЕЛЕШКИ ЗА ЕДНА [ФОТОГРАФСКА] АВАНТУРА [4] – Драги Неделчевски