• Немате производи во кошничката.
Skala-Feljton-Slavco-Temelkovski

ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [11] // Славчо Темелковски

Овој месец, секој работен ден, во 16 продолженија го претставуваме нашиот прв фељтон на тема „Нова публика и нови медиуми“. 

На 15ти декември 2022, Скала магазин ја прошири својата цел на делување, преку отворена јавна расправа. Фокусот беше кон медиумите, новите форми на информирање, трансформативноста на медиумите, генерациските пресеци и промени...

Вкупно 15 новинари, културни работници и универзитетски професори ги споделија своите ставови и размислувања. Настанот беше исполнет со разговори, дилеми, потпрашања, кафе, чоколадни колачиња, хумор и квалитетна дискусија која ја модерираше Ана Голејшка Џикова.


Ана Голејшка Џикова: Можеш да ни кажеш  каква е  моменталната потреба на студентите да имаат свој медиум, да имаат свој канал? Имаш ли претстава во својата работа на УКИМ дека постојат обиди за такво нешто?


Славчо Темелковски [УСС УКИМ]: Ќе се обидам да доловам цела поента, иако го имам и одговорот на прашањето којшто е доста краток. За да знаат медиумите што бараат младите, прво треба самите млади да знаат што бараат. За да знаат што бараат, им треба некоја општа култура којашто почнува од домашните вредности и воспитување. Ова и не е нешто што јас го кажувам, ова е една општа теза којашто е факт. Мислам дека тоа е коренот на проблемите, бидејќи на крајот, покрај сите различни медиуми и канали на дистрибуција коишто имаат некаква моќ, сепак Тик Токот е најсилен. Зошто се користи Тик Ток, а претходно Инстаграм да речеме, а прво Фејсбук, си има некаква логика. За да користиш Фејсбук, треба да пишуваш, а за да пишуваш и твориш, треба да размислуваш. Е сега, за да ставиш фотографија од плажа, не треба да пишуваш, треба само да се сликаш како креваш тегови (присутните се смеат). На крајот, Тик Ток е без пишување, туку сѐ е видео каде што нема никаква друга акција и корисниците се водат од адреналин и алгоритам. Тука е и одговорот на прашањето. Сѐ започнува и од домашната култура и вредности, а доколку родителите се корисници на овие медиуми, ќе го пренесат истото и на своите деца, т.е нема да им пренесат знаење и интерес за читање, пишување и слично. Ние со студентската организација направивме заложби за приближување на младите кон културата, воведовме бесплатни билети во неколку домашни театри и попусти за кино-проекции.

Притоа морам да кажам дека оваа пракса била нормална порано, а сега се дочекува со лајкови, аплаузи, пофалби. Понатаму, сакаме да иницираме конкурс за студентите и да назначиме дека и покрај тоа што нашиот Универзитет е доста слаб (излезе баш пред два дена и ранг-листата), пак е најдобриот универзитет во нашата држава. Важно е да им се каже на студентите што значат за УКИМ и што значи тој за нив. Планирано е да се отвори и Културниот студентски центар и да се креира поткаст, за кој сè уште немаме одлучено дали ќе биде само поткаст или цел медиум. На крајот на годината, ќе има и промоција на краткометражни филмови. Правиме програми и за опција за пријавување на студенти за млади музичари и автори на поезија и проза. Сите овие се дел од УКИМ и ќе имаат можност за менторство од надворешни членови.

Се обидуваме овие културни вредности да ги наметнеме, иако е штета да се користи овој збор, затоа што тие вредности треба да потекнуваат од дома. Доаѓаме до моментот во којшто реално, ако некој сака да поттикне култура, тоа може лесно да го направи, затоа што се работи за интерес и приоритет. Во овој момент, медиумите имаат други приоритети, поретко со дневни настани со убави поводи и интерес од културата. Сите следиме што е во мигот актуелно – а вас би ве охрабрил да ја продолжите вашата работа, затоа што тоа е патот.



СКАЛА МАГАЗИН бр.2
КУПИ ПО ПРОМОТИВНА ЦЕНА

КОН ПРОДАВНИЦА

Учествуваа: Сребра Ѓорѓијевска [Умно.мк]; Тони Димков [Слободен печат]; Бојан Шашевски [Радио МОФ]; Русе Арсов [МКЦ]; Бранка Костиќ Марковиќ [Астрорум]; Сунчица Уневска [Филм+]; Небојша Вилиќ [УКИМ]; Крсто Златков [ИДТ - Скопје]; Славчо Темелковски [УСС УКИМ]; Петрула Вељановска [Македокс]; Слаѓана Вујошевиќ [ФДУ]; Александар Маџаровски [јутјуб: Читачот]; Сара + Мартин Анастасовски [подкаст: Културен подкаст]; Дејан Џолев [Скала.мк].


СЛЕДНО: ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [12] // Мартин Анастасовски

ПРЕТХОДНО: ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [10] // Сара Анастасовска


Концепт на фотографија: Rêve à Deux [Дејан Џолев + Антонио Станков]
Фотографија: Дејан Џолев, Антонио Станков, Стефани Караџовска

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ