ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [8] // Бојан Шашевски
Овој месец, секој работен ден, во 16 продолженија го претставуваме нашиот прв фељтон на тема „Нова публика и нови медиуми“.
На 15ти декември 2022, Скала магазин ја прошири својата цел на делување, преку отворена јавна расправа. Фокусот беше кон медиумите, новите форми на информирање, трансформативноста на медиумите, генерациските пресеци и промени... Вкупно 15 новинари, културни работници и универзитетски професори ги споделија своите ставови и размислувања. Настанот беше исполнет со разговори, дилеми, потпрашања, кафе, чоколадни колачиња, хумор и квалитетна дискусија која ја модерираше Ана Голејшка Џикова.
Ана Голејшка Џикова: Веќе шест години си во МОФ. Како платформа којашто доживува различни текови на генерации, можеш ли да ни кажеш каква е проактивноста на младите во случајов?
Затоа што тие се нова публика, луѓе кои утре треба да создаваат нова содржина. Можеш ли да ни кажеш од гледна точка на новинар кој е во тој постојан хаос и темпо?
Бојан Шашевски [Радио МОФ]: Ќе се навратам на тој креативeн хаос, веројатно тоа ме држи таму веќе 6 години. Претходно работев во класичен медиум, но почнав да станувам „циник“ и заглавен во некои работи, буквално идеја не излегуваше од мене (се смее). Во Радио МОФ, тоа генерациско тркало се менува, мора да постои, во смисла дека медиумот функционира во склоп на Младински Образовен Форум (МОФ) и таму има постојана смена на генерации. Медиумски ако гледаме, за презентација пред новата публика, некогаш сме самите заглавени – што да правиме, како да го направиме (да не биде ригидно)? Ги прашуваме младите колеги да нѐ извадат од тој меур, ехо-комора во којашто се заглавуваме, да ни дадат нова смисла и свеж поглед на работите.
Во однос пак, на содржините, е малку поразлично. Ако конкретно целиме само кон тоа „што бараат младите“, на ниво на Македонија, доколку се истражи мислење на репрезентативен примерок, ќе треба цело време да објавуваме „15 начини како да ги зголемите веѓите“ или ќе бараат работи коишто се кич или турбофолк. Тоа е мнозинството, за жал. Се бориме и со тоа, па мораме да внесеме и морален компас, од една страна да нудиме професионалност преку Етичкиот кодекс на новинари, од друга страна и искуства што сме ги поминале, вредност во којашто веруваме и се вложуваме, па треба да ја привлечеме и младата публика со тие вредности. Секојдневните текстови коишто ги објавуваме, гледаме да кореспондираат со нашите принципи, но и да ги трансформираме и да ги продолжиме во дигиталниот живот.
Има и еден друг аспект којшто е поврзан со социјално-емотивните вештини кај младите. Образовните системи биле градени околу идејата за она коешто некои го нарекуваат когнитивна интелигенција или „знаење работи“. Односно, младите биле учени и образувани за општи работи, математика, географија, податоци и поими коишто се можеби потребни, но сега се достапни со неколку кликови преку телефон. Пред триесет години, студентите по математика би поминале неколку недели во обид да сфатат равенка, што сега може да се реши во 30 секунди на интернет. Сега, одговорноста на медиумот и воопшто образованието е да се пренесе и социјално-емотивна вештина: истрајност, љубопитност, интегритет, критичко размислување, па младите (како публика) да ја искористат таа вештина – во контекст на решавање на секојдневни проблеми. Затоа и објавуваме конкурси и работилници, да се пронајдат, да бидат ангажирани и оформат свој став и вештини. Како медиум, се обидуваме да дадеме социјално, културно ниво, за да публиката добие нешто од нас и потоа да го продолжи „факелот“ да свети понатаму.
СКАЛА МАГАЗИН бр.2
КУПИ ★ ПО ПРОМОТИВНА ЦЕНА
Учествуваа: Сребра Ѓорѓијевска [Умно.мк]; Тони Димков [Слободен печат]; Бојан Шашевски [Радио МОФ]; Русе Арсов [МКЦ]; Бранка Костиќ Марковиќ [Астрорум]; Сунчица Уневска [Филм+]; Небојша Вилиќ [УКИМ]; Крсто Златков [ИДТ - Скопје]; Славчо Темелковски [УСС УКИМ]; Петрула Вељановска [Македокс]; Слаѓана Вујошевиќ [ФДУ]; Александар Маџаровски [јутјуб: Читачот]; Сара + Мартин Анастасовски [подкаст: Културен подкаст]; Дејан Џолев [Скала.мк].
СЛЕДНО: ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [9] // Небојша Вилиќ
ПРЕТХОДНО: ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [7] // Крсто Златков
Концепт на фотографија: Rêve à Deux [Дејан Џолев + Антонио Станков]
Фотографија: Дејан Џолев, Антонио Станков, Стефани Караџовска