АВТОР
Автор е првиот текст од серија на текстови од областа на Интелектуалната сопственост.
Интелектуалната сопственост се однесува на креациите на човечкиот ум. Вообичаено, во рамките на интелектуалната сопственост разликуваме две групи на права и тоа авторски права што ги уредуваат правата на авторите над своите авторски дела и сродни права и права од индустриска сопственост, што се права од интелектуални творби од областа на индустријата и трговијата (патент, индустриски дизајн, трговска марка, ознака на потеклото и географска ознака).
- Автор е физичко лице кое го создало авторското дело.
- На авторот му припаѓа авторското право над неговото авторско дело со самото создавање на делото.
- Како автор се смета лице чие име, псевдоним, код или друг знак, на вообичаен начин е означен на делото, односно неговите примероци или е наведен при објавувањето на делото, додека не се докаже спротивното, во согласност со закон. 1
Име
Автор на Пиета е Микеланџело Буонароти.
Пиета (Pietà; 1498–1499) е мермерна скулптура во базиликата Свети Петар во Ватикан.
Според Џорџио Васари и првото издание Ле вите (Le vite; 1550), Микеланџело ја створил Пиета со толку многу љубов што на неа издлабил натпис што не го повторил на ниту една друга негова скулптура – неговото име.
18 години подоцна, во второто издание на Ле вите (1568), Васари го променил наративот и раскажал дека Микеланџело при посета на местото каде што била изложена Пиета, слушнал група посетители од Ломбардија како коментираат „…нашиот Гобо од Милано…“2 при тоа алудирајќи дека Кристофоро Солари Да Ангера е автор на Пиета. И покрај што Микеланџело останал тивок пред посетителите, пишува Васари, една вечер се вратил кај Пиета и на појасот помеѓу градите на Богородица издлабил:
MICHAELA[N]GELUS BONAROTUS FLORENTIN[US] FACIEBA[T]
МИКЕЛАНЏЕЛО БУОНАРОТИ, ФИРЕНЦА, ГО НАПРАВИ ОВА3
Со тоа, Микеланџело оставил многу отворени прашања, почнувајќи од изборот на местото за потписот, причината за раздвојувањето на неговото име, до дали го исполнил условот од договорот со нарачателот на делото, Кардиналот Жан Де Билерес, да го направи најубавото дело од мермер, толку убаво што никој жив автор не може да го надмине, итн., но одговорил на едно: Автор на Пиета е Микеланџело Буонароти.
[Недостаток од] Име
Се претпоставува дека Џексон Полок е автор на дело пронајдено во гаража во Сан Сити, Аризона.4
Во декември 2015 година, соседот на еден постар господин, помагајќи му да се спакува и да се пресели во дом за стари лица, во гаражата на куќата пронашол постер од ЛА Лејкерс потпишан од Коби Брајант.
Двајцата соседи, веројатно возбудени од откриеното, контактирале аукциска куќа. Недостасува информација што се случило со постерот потпишан од славниот кошаркар, затоа што вработените од аукциската куќа, помеѓу другото, во гаражата нашле дело што изгледало дека е, ни помалку ни повеќе, на Џексон Полок. 5
На делото недостасувал потпис од авторот.
Развојот на истрагата покажал дека сопственикот на куќата ги наследил предметите во гаражата од својата полусестра, која била пријател на Хазел Гугенхајм, чија пак сестра е Пеги Гугенхајм.
Пеги Гугенхајм, родена во богатото семејство Гугенхајм, помеѓу другото, била колекционер, сопственик на галеријата „Guggenheim Jeune“ во Лондон, подоцна на галеријата „Art of This Century“ во Њујорк, пријателка (љубовник или сопруга) на Самуел Бекет, Марсел Дишан, Макс Ернст и жената која, според многумина, го открила Џексон Полок.
Дополнително на ваквите поврзувања, аукциската куќа изработила истражувања на староста на материјалот, докажала дека истиот е од времето на активните години на Полок и го ставила делото за продажба. Аукцијата била одложена на неодреден период, a делото сè уште не е продадено.6
Се претпоставува дека Џексон Полок е автор на дело пронајдено во гаража во Сан Сити, Аризона.
Псевдоним
Фонтана (1917) е т.н. готова (анг. readymade) скулптура од авторот Марсел Дишан потпишана под псевдонимот R.Mutt.
Во 1917 година, Друштвото на независни уметници донело правила дека сите автори кои ќе ја платат таксата за учество, ќе имаат право да изложуваат на изложбата организирана од Друштвото во Њујорк, САД.7
Дишан, според едно објаснување за потеклото на делото, купил писоар од продавницата за санитарија J. L. Mott Iron Works, по што во неговото студио го завртел за 90 степени и го потпишал R.Mutt.8 Потоа, ја платил таксата за учество на изложбата и ја поднел скулптурата Фонтана. Фонтана не можела да биде одбиена од Комитетот на Друштвото, земајќи предвид дека за неа биле следени правилата за учество, меѓутоа никогаш не била изложена. Оригиналот од делото е изгубен, а во јавноста е објавена преку фотографија направена по изложбата.
Фонтана послужила како повод за многу дискусии, од тоа дали таков готов објект може да биде прифатен како дело од ликовната уметност (а со тоа и заштитен со авторско право), до целосна промена на размислувањето на улогата на авторот во создавањето на авторското дело, до прашањето дали тој е вистинскиот автор на делото?
По повеќе од 100 години по објавувањето на делото (за кое голем број на историчари на уметност се согласуваат дека е едно од најважните на 20-тиот век), таквото прашање е сè уште актуелно, со низа на текстови кои предлагаат дека вистинскиот автор на делото е Елза вон Фрејтаг Лорингховен.9
Меѓутоа, сè додека не се докаже спротивното, Фонтана (1917) е т.н. готова (анг. readymade) скулптура од авторот Марсел Дишан потпишана под псевдонимот R.Mutt.
Правни квалификации
Поим за автор
Како автор се смета физичкото лице кое го создало авторското дело. Авторот е духовен творец кој при создавањето на авторското дело внесува индивидуалност и оригиналност.10 И самото потекло на зборот од класичниот латински јазик auctor, подразбира создавач, творец, основач, втемелувач, зачетник.11
За едно лице да оствари права како автор, тоа мора да создаде авторско дело. Идеја за Пиета, без разлика колку е истата добра, не може да биде предмет на заштита.12
Токму во моментот на материјализација на идејата за авторското дело (во неговата внатрешна или надворешна форма), авторот стекнува право на заштита над неговото авторско дело или авторско право.13 Ова е особено важно, затоа што истото значи дека правото се доделува без при тоа да е потребно било кој државен или друг орган да го признае авторското право.
За споредба, тоа не е така кај правата од индустриска сопственост, каде што за признавање на правото е потребно соодветна институција (кај нас, Државниот завод за индустриска сопственост) да донесе Решение за признавање на, на пример, право на патент.
(Презумција на) авторство
Како автор се смета лице чие име, псевдоним, код или друг знак, на вообичаен начин е означен на делото.
Со тоа, означувањето на делото е од исклучителна важност за одредувањето на лицето кое ќе го нарекуваме автор, а со тоа и ќе му доделиме авторското право. Оттаму, недостатокот на потпис или било какво означување според кое може да се одреди кој е автор на делото, носи низа последици поврзани со одредувањето на автентичноста на делото, (секако) вредноста на делото и за нас важно, одредувањето кој ќе биде носител на материјалните и моралните права од авторското право.
Важно е да се напомне, дека кога авторот не е познат и не може да се определи, авторското право го остварува лицето кое законски го објавило авторското дело. Меѓутоа, доколку идентитетот на авторот биде утврден, лицето коешто го објавило делото мора да му ја врати на авторот целата имотна корист стекната од остварувањето на авторското право.
Морални и материјални права
Авторското право содржи исклучителни морални и материјални права.
Сознанието и разбирањето дека интелектуалниот труд треба да биде одвоен од стварта на кој е изразен постојат многу одамна.14 Денес, моралните права го штитат авторот по однос на неговата лична и духовна (интелектуална) врска со делото и подразбираат: право на признавање на авторството, право на прво објавување, право на заштита на интегритетот на делото и право на откажување.
И покрај разговорот погоре и важноста на одредувањето на вистинскиот автор на делото, едно од основните права на авторот е правото на признавање на авторството, а со тоа и правото на авторот да изјави дека не сака неговото авторство да биде наведено при користење на делото. Во спротивно, авторот мора да биде назначен на секој примерок од делото, а со тоа да биде наведен и при секое јавно користење на делото.
Материјалните права ги штитат имотните интереси на авторот од неговото авторско дело. Под материјални права подразбираме право на авторот на умножување на делото, пуштање во промет, јавно соопштување и преработување на делото. Денес, авторот по своја желба, може да пренесе дел од (или сите) материјални права на друго лице. Ваквиот пренос во никој случај не влијае на моралните права на авторот наведени погоре, кои се неразделни од авторот.
Материјалните права траат за време на животот на авторот и 70 години по неговата смрт.
Завршни согледувања
Право на авторот е да го означи своето име, псевдоним или друг знак на делото, но тоа не е негова должност. Со тоа авторот треба да биде запознаен со последиците од непотпишувањето на авторското дело.
Правната квалификација на поимот авторско дело, оригиналност на дело, наслов и видови на авторски дела, ќе бидат предмет на разгледување на вториот текст од серијата на текстови од областа на Интелектуалната сопственост.
______
ФОТОГРАФИЈА: Антонио Станков
_____________
7. Друштвото на независни уметници е здружение на уметници од Соединетите Американски Држави основано во 1916 година.
8. Дишан објаснил дека псевдонимот потекнува од Mott Works, голем производител на санитарија. R било инспирирано од Ричард, што на француски сленг би значело торби со пари, односно обратно од сиромаштија. Не е лошо име за писоар нели, обратно од сиромаштија – наводно коментирал Дишан.
9. Според…
10. Дабовиќ Анастасовска, Јадранка и Пепељугоски Валентин: Право на интелектуална сопственост, Правен факултет Јустинијан Први Скопје, Скопје, 2008, стр.132
11. Софрониевски В.: Латинско-македонски реченик „Бигосс“, Скопје, 2001, стр.71
12. Како што ќе разговараме во следниот текст на тема Авторско дело, создавањето на авторското дело претпоставува три фази: идеја, внатрешна форма и надворешна форма. Внатрешната и надворешната форма се предмет на заштита.
13. Prowda, Judith: Visual Arts and the Law, Lund Humphries; 2013, стр. 58
14. Зачувано е и писмо каде Цицерон се заблагодарува на својот издавач Атак за одличната продажба на делото Pro Ligario. Интересен е и примерот кога роб се јавувал како творец на дело, тој имал потреба од поддршка од мецена кој ќе располага со делото (да го умножува, да го издава или да го нуди за издавање). Понатаму, ваквата помош од мецена била барана и од слободните автори. Според: Дабовиќ Анастасовска, Јадранка и Пепељугоски Валентин: Право на интелектуална сопственост, Правен факултет Јустинијан Први Скопје, Скопје, 2008, стр.47