• Немате производи во кошничката.

СРАМ



По Фриц, сѐ беше друго


Пред многу години, во Theater an der Ruhr, гледав претстава – „Цар Едип“. Ликот на Едип го толкуваше извесен Фриц.Така го викаа – Фриц. Германецот Фриц. Беше низок по раст, проќелав, со црна брада, малку подгрбавен, ништо посебно како надворешна појава. Да го сретнете на улица, да помине покрај вас, едвај ќе го забележите. Но, овој Фриц кога ќе се појавеше на сцена, беше – инаков. Неговиот низок раст, проќелавост, подгрбавеност како да добиваа чуден, натприроден… божествен белег. Само што ќе влезеше на сцена, како да фрлаше магичен прав низ неа, прав којшто се ширеше низ целата просторија, од првиот до последниот ред. Гледачите, бевме околу 700 души, како да бевме „обземени“ од овој магичен прав; просторијата в час беше маѓепсана, 700 души беа во служба на волјата на актерот Фриц. Иако јас лично бев свесен дека ефектот на „сценската магија“ е штетен како процес на восприемање/доживување на сценскиот приказ, сепак актерот Фриц, волшебникот Фриц, ја маѓепса мојата свест за штетноста на сценската магија. Неговата сценска појава имаше моќ да ги заузда нашите (700) души и да ги води таму каде што тој сакаше. Кога ќе ја напуштеше сцената, како да остануваше празна, без оглед што на сцена беа другите актери. Иако со внимание го следевме дејствието на останатите актери, сепак, со нетрпение го очекувавме мигот кога Фриц повторно ќе се појави на сцена. Каква радост кога ќе се појавеше. Каков величенствен миг. Радоста беше религиозна. Како просветление. Сцената како наеднаш да се осветлуваше со милион духовни рефлектори. Сцената добиваше смисла. Дејствието добиваше смила. Останатите актери добиваа смисла. Претставата добиваше смисла. Животот добиваше смисла. Сѐ што имаше на сцена, добиваше своја смисла. И најмалиот предмет/реквизит ја добиваше својата смисла. И прашината на подот добиваше смисла. Кога актерот Фриц се движеше по сцената, сценографијата почнуваше да пулсира, како да беше жив организам. Доволно беше само да го помрдне малиот прст, а ние (700 души публика) гледавме во неговиот прст, немирно очекувајќи што ќе се случи понатаму. Можеше да стои на сцена без ништо да прави, едноставно само да стои, а ние со големо внимание да гледаме како Фриц не прави ништо… и да видиме како Фриц тоа НИШТО го преобразува во НЕШТО… му дава смисла. 

Ете, таков беше Фриц. Овој низок по раст, проќелав, со црна брада, малку подгрбавен актер, кој, кога ќе се појавеше на сцена, како да слегуваше божеството на актерството, по име – Фриц. 

Никогаш не сум гледал актер со таква моќ. Никогаш.

Убавината на раскошот на облиците и боите ја забележува секој, но убавината на раскошот на празнотијата на пустинскиот песок може да ја забележи само „пустинскиот човек“. 

Фриц беше „пустинскиот човек’’. 

По претставата, се запознав со некои луѓе. И тие ја гледаа претставата. И тие го гледаа Фриц. Седнавме на лаф-муабет. Тема – Фриц. Се натпреварувавме кој повеќе ќе го воздигне актерството на Фриц. Еден од нив ме праша што сум по професија. Искрено, во тој миг, ми беше срам да кажам дека сум актер, дека сум актер исто како што е актер и Фриц. Но, сепак кажав. Кажав дека сум актер. Оти… каков би бил светот кога сите актери би биле Фриц. Животот е таков каков што треба да биде, со сите свои шареноликости, со сите свои маaни и доблести, со сите свои просечности и исклучоци. 

По Фриц, сѐ беше друго. 

А јас продолжив да се бавам со актерство.

Кога на нашиот пат по уметноста ќе го сретнеме идеалот по кој трагаме и тежнееме, кога ќе се соочиме со неговата божествена природа отелотворена во уметникот, тогаш тлото под нашите нозе ќе се раздрма, ќе бидеме исфрлени од рамнотежа од сознанието дека замислениот идеал по кој трагаме е недостижен за нас, недостижен поради сопствената ограниченост, просечност. Додека пред нас го гледаме божествениот лик на уметноста восхитувајќи се на неговата совршеност, нашата утроба истовремено го испушта својот внатрешен крик: „Ќе ме изеде срамот“.



„Божествената“ природа на Срамот


Богот Дионис има двојна (амбивалентна) природа – ослободува и заробува. Ритуалот ослободува. Ритуалот заробува. Кога Дионизискиот ритуал ќе влезе во состојба на екстаза, во тој миг се отвораат две порти низ коишто можеме да поминеме. Влезот низ првата порта е средба со божествената природа на човекот, миг кога ќе се почувствува божествената честица внатре во себе, миг кога се случува соединување со божествениот аспект на Дионис: божественото-внатре-во-себе. Влезот низ втората порта е средба со темната страна на човековата природа, средба со фуриите – лудите и здивени Менади – кои нѐ водат по патеката на развратот, оргиите… расчеречувањето.

Богот Ерос има двојна (амбивалентна) природа – ослободува и заробува. 

Страста ослободува. Страста заробува. Кога сладострастието ќе дојде до самиот врв – екстаза – тогаш се отвораат две порти низ кои можеме да поминеме. Влезот низ првата порта е вечно заробување во канџите на сладострастието. Влезот низ вторaта порта е ослободување од канџите на сладострастието. Низ оваа порта минува Одисеј. Неговото високо ниво на свест му дава моќ да се ослободи од канџите на сладострастната Калипсо. Тој ја преобразува заробувачката енергија на сладострастието во енергија којашто ослободува од вечната заробеност во сладострастието.

„Богот“ Срам има двојна природа – ослободува и заробува. 

Срамот ослободува. Срамот заробува. Кога чувството на срам ќе го достигне својот т.н екстатичен врв – „од срам сакав в земја да пропаднам“ – тогаш се отвораат две порти. 1. Срамот го зема ликот на креативната енергија, отворајќи неограничен простор за создавање. 2. Срамот преминува на темната страна, го зема ликот на деструкцијата, отворајќи неограничен простор за уништување. Кога Салиери по првпат ќе ги чуе волшебните звуци на Моцарт, ќе посака од срам в земја да пропадне поради сопствената просечност. Срамот кај него раѓа завист, којашто преминува во омраза, а завршува со потајна желба за уништување на „конкурентот“.



Во холот на Theater an der Ruhr


Срамот:  Како си?

Актерот:  Молам?

Срамот:  Како си, велам?

Актерот:  Никако.

Срамот:  Те мачи нешто? 

Актерот:  Не прашувај. 

Срамот:  Кажи, не се срами. 

Актерот:  В земја ќе пропаднам од срам. 

Срамот:  Оти? 

Актерот:  Го гледав Фриц. 

Срамот:  Мислиш, Фриц актерот? 

Актерот:  Да, тој што беше цар Едип. 

Срамот:  Беше маестрален. 

Актерот:  Беше божествен. 

Срамот:  Ти најдобро знаеш и ти си актер. 

Актерот:  Срам да ми е.

Срамот:  Не биди толку срамежлив (исчезнува).

Актерот: Каде си, еј, каде си… исчезна анасана, ни срам ни перде?!






______
Фотографија: Антонио Станков
Асистент на фотографија: Елена Божиновска




Актер, голем познавач и аналитичар на театарската и филмската уметност. Неговата кариера започнува уште како студент на Факултетот за драмски уметности во Скопје, кога патува низ најзначајните театарски случувања во Југославија. По дипломирањето неколку години работи во театарот на Roberto Culi „Theater a.d. Ruhr“ во Mulhajm. Денес сигурно ќе се сетите на неговото последно филмско остварување „Попот“ од „Господ постои, името ѝ е Петрунија“.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ