• Немате производи во кошничката.
skopje jazz скопје џез дејан џолев dejan djolev

ТРИ ТОЧКИ ЗОШТО МЕ РАЗОЧАРА СКОПЈЕ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ


Еднаш многу одамна, имав еден професор кој знаеше да раскажува приказни за уметноста и уметниците. Знаеше за секој сѐ и сешто, како лично да присуствувал на сите тие настани од предминатиот век, па сѐ до ден-денес. 


Тоа негово знаење кај мене и воопшто кај нас студентите градеше доверба и симпатии, за ова второто посебно кај студентките : ) но авторитетот граден неколку семестри, во моите очи се сруши денот кога зборувавме на тема којашто навистина добро ја познавав. Мојот критички, аналитички став се спротистави на неговите тврдења, а со тоа отвори сомнеж и за сите негови претходни уметнички согледувања и приказни. 

Парабола. Скопје џез-фестивал е авторитет од музички, но и од визуелен аспект за којшто ќе претставам неколку мои размисли со фокус на визуелниот идентитет, стремеж за секој дизајнер! Но, дали и денес престижната можност да се дизајнира постер за фестивалот е суштински простор за израз (порака, став, експеримент) или само репетитивна авторитетна форма без суштина?



I. ЗА МИНИМАЛИЗМОТ



Авторитетот на фестивалот е граден со децении. Навистина е значајна низата на имиња кои стојат зад креативите: Глигор Чемерски, Митко Хаџи Пуља, Љубомир Фрчковски, Славимир Стојановиќ – Футро, Гордана Вренцовска, Атанас Ботев, Таби Азири, Зоран Кардула… и многу други, но ги издвоив овие неколку единствено од субјективни причини, неважни за правецот и контекстот. 

Покрај долгата традиција на значајни автори, овие дизајнерски решенија биле номинирани и наградувани на светски фестивали за дизајн, дел од многубројни монографии, изложби, па сѐ до појавата на дел од постерите од фестивалот во француско-американска серија во режија на Шазел, режисерот на „Ла ла ленд“, емитувана на „Нетфликс“.

Кога студирав графички дизајн (пред околу 16/17 години), постоеше една минималистичка максима, којашто сѐ уште е популарна „помалку е повеќе“ (less is more) којашто се спомнува уште во четириесетите години од страна на архитектот Ван дер Рое, секако под влијание на ликовната тенденција од тоа време. 

Минимализмот е стил којшто се одликува со елиминација на форми и елементи коишто се нужно непотребни. Стремеж да се изрази сложена тема со неколку едноставни геометриски стилизации, најчесто преку боја и форма, ослободени од ликовните елементи како волумен, текстура, градиент…

Првично, минимализмот се појавува во ликовната уметност, којшто датира од почетокот на минатиот век, со појавата на повеќе сликарски стилови: кубизмот и неговите најистакнати претставници: Сезан, Модиглијани, Пикасо; суперматизмот на Маљевич; де-стил и Мондриан; конструктивизмот во Баухаус школата на германско-руската авангарда; оп-артот, оптичката уметност и најистакнатиот претставник Виктор Вазерели; модернистите, поп-артот, апстрактниот експресионизам… сите овие минималистички стилови едноставно доминираат во ликовната епоха во 20-тиот век, којашто природно се наметна и во архитектурата, индустрискиот дизајн, фотографијата, па дури и во музиката (пр. Џон Кејџ 4’33”, композиција којашто пред 10-15 години имав прилика да ја слушам во изведба на Македонската филхармонија – слушни тука).

Во 1950 година, со појавата на „Sweden Sans“ паднаа и серифите од типографијата, тоа е дури десетина години пред мадоната помеѓу санс серифните фонтови „Helvetica“. Тогаш се раѓа и новата минималистичка тенденција во графичкиот дизајн којашто бргу се проширува глобално и станува модерна, а со појава на електронските медиуми и дигитални алатки се раѓа и „флет“- дизајнот, којшто е карактеристичен за последните 22 години во секое постер-решение на фестивалот. 

Се извинувам за ова историско навраќање, но потребно за полесно читање на тенденцијата „помалку е повеќе“ во контекст на „Скопје џез-фестивал“.



II. ЗА АВТОРИТЕ КОИ ПОДЗАБОРАВИЈА НА СВОЈОТ ЛИКОВЕН ЈАЗИК



„Направи нешто минималистички“ беше првиот мој професионален бриф [во маркетинг агенција] од тогашниот креативен директор на Њу момент, Душан Дракалски, за кој имам посебно високо мислење, а темата беше токму „Скопје џез-фестивал – 2007“. Тоа беа години под силно влијание на постерот од 2000 год., дизајниран од Футро, брилијантно „1+1 решение“ коешто влезе „под кожа“ на фестивалот и ја „заеба“ ликовната перспектива.



Системот 1+1 е визуелна метафора којашто се состои од два независни елементи, во рамки на една композиција, коишто заедно креираат нова содржина или контекст. Оваа моја дефиниција честопати ја советувам на моите студенти по фотографија, дефиниција којашто лесно се објаснува, но тешко се применува посебно во минималистичкиот дизајн.

Да се вратам… Авторите (на џез-фестивалот) не го следеа својот ликовен јазик, туку почнаа да зборуваат на „скопски џез-дијалект“. Најдобар пример за ова се постерите од 1986 год. на Глигор Чемерски, реализиран преку автентичен авторски ликовен експресионистички јазик и постерот од 2005 год. на сликарот и графичар Атанас Ботев, кој воопшто не личи на себе како општествено-политички ангажиран автор, преку хиперреалистично колажирање во традиционалните сликарски и цртачки медиуми, туку единствено во неговото постер-решение се обидува да ја имитира „потребата“ на фестивалот, затоа што организаторите (организаторот) го бара тоа од него и авторите.

Глигор Чемерски, 1986г.


Атанас Ботев, 2005


Оваа тенденција, секој автор да зборува на „флет“-дијалектот којшто се наметна како ликовна линија на фестивалот, го уби авторскиот ликовен јазик, го потисна потенцијалот да се роди ново решение коешто ќе биде нов стремеж и нова тенденција во дизајнот. Во оваа прилика ќе го употребам и парафразирам Кандински кој вели: „Стремежот за оживување на уметничките принципи од минатите епохи, води кон создавање на мртвородени дела“. 

Mинимализмот е веќе класика! Џезот е виртуозност од спротивната страна. 

 



III. ЗА АВТОРИТЕ КОИ ГИ ПОДЗАБОРАВИЈА ВИЗУЕЛНИТЕ МЕДИУМИ



Последните 22 години, секој официјален постер на фестивалот е минималистичка дигитална „флет“ илустрација! Авторите подзаборавија дека постер може да се изработи и со помош на друг визуелен медиум или комбинација од неколку. 

Типографијата е неизбежен графички елемент којшто информативно го претставува фестивалот и годината, но авторите подзаборавија дека типографијата може да биде и единствен и носечки графички елемент – тоа не се случи, можеби единствено во 2002 год. и постерот на Гордана Вренцоска.



Последен фотографски постер е оној од 1999 год. на Милчо Серафимовски. Прилично несмасна „1+1“ фотомонтажа, но да не заборавиме на култните експериментални решенија на Футро од 1995/96/97 год. 



Во раните деведесетти и осумдесеттите имаме постери коишто се сработени во различни сликарски и графички техники, сѐ до она петтолиние на Футро од 2000-та, коешто како што кажав, од преголемата импресија, повторно ќе кажам, ја „заеба“ ликовната перспектива. 

Авторите 22 години ги потценуваат можностите на фотографијата, типографијата, колажот, традиционалните сликарски и графички техники, па сѐ до новите дигитални можности со помош на 3Д-моделирање и дигитално рендерирање. 

Дигиталниот вектор е „свирење“ на сигурно! Џезот е виртуозност од спротивната страна. 



IV. СЕПАК, ЗА ОРГАНИЗАЦИЈАТА КОЈАШТО ГИ КАСТРИРАШЕ АВТОРИТЕ



Проблемот најверојатно и не е само во креативците, за жал финалниот збор е кај организацијата којашто нема храброст да направи исчекор и нова епоха во визуелниот идентитет на фестивалот, каде што повторно сите ние од креативните индустрии, посебно графичките дизајнери и љубители на дизајнот со нетрпение ќе го очекуваме новиот постер на „Скопје џез-фестивал“. Токму ова е мојата единствена порака со овој текст!

Како епилог, кон последниот постер дизајниран од Таби Азири. Ќе го заобиколам заклучокот со помош на големиот филмски режисер Тарковски, кој во едно интервју вели: „Кога сакам да пратам порака, пишувам писмо, не снимам филм“. Тој додава дека филмот првенствено е визуелна поезија, а потоа порака, но постер како медиум првенствено е визуелна комуникација, а потоа и поезија. Овој постер ниту комуницира универзална или локална општествено-политичка или фестивалско-тематска порака/информација, ниту пак е визуелна метафора (поезија), ниту стилизација за восхит.



Зар треба да замолчиме преку здравите размисли, поради авторитетот на фестивалот и дизајнерот? Ова е нема стилизација, којашто ништо не зборува. Дизајнот како и џезот се јазик, а да се зборува е привилегија. Јас зборувам.


_____
P.S. По објавување на последниот мој став „Фер-плеј МКЦ“ (кој имаше 2.000 читања во првите 6 часа) одредени лица, пријатели, се препознаа и делумно навредија со текстот. Овој текст, како и претходниот, нема апсолутно никаква намера да навреди некој или некоја организација и се извинувам доколку мојот јазик е директен и тврд. Напротив, премногу ги почитувам сите прозвани автори и организации. Лично за фестивалот „Скопје џез“ и организаторите „капата доле“, за придонесот овој наш град да биде на светската културна мапа и што неуморно се борат изминатите 40 години. Секоја чест! И се надевам во иднина ќе немам потреба од вакви слични дополнувања, тоа ќе значи дека сме пораснале за една скала повисоко.


_____
Став: Дејан Џолев
Насловна илустрација: Референца: Ursus Wehrli: Tidying up art / Средување на наередот / Дејан Џолев

Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ