Дневнички импресии на проектниот асистент на 12-иот Филозофски филмски фестивал, Андреј Медиќ-Лазаревски
Скоро четири недели, стани порано да пратиш прес-соопштенија до медиуми, да подготвиш постови за по социјални мрежи, попатно учи за колоквиуми и испити, безброј телефонски разговори и уште толку мејлови, координација на тим, организација на проекции, пред тоа, долгодневни подготовки на каталог – и ете ти, бидна – 12тото издание на Филозофскиот филмски фестивал.
Два дена пред затворањето, ми ѕвони Ана (Голејшка Џикова) и ми вели: „Ајде да пишуваш Импресии за Скала“. И за што прво? Секако, дневнички импресии за мојот ми омилен Филозофски филмски фестивал.
Поделен во два дела, од 19 до 27 мај, со ретроспективните проекции на филмовите на Буњуел и од 1 до 9 јуни, со главната програма и годинава се одржа фестивалот. За разлика, и ЗА СРЕЌА, годинава без преопторувачките полициски часови, задолжителни маски, дезинфекции и ограничени капацитети, фестивалот помина прекрасно, со солидна бројка на публика, со 50-тина најразлични настани и мноштво гости. Па, во продолжение на текстов, ќе направам рапорт на моите омилени.

Годинава, фестивалот беше во знак на надреализмот, а под максимата „Будење на сонот“.
Е, токму ваквото будење беше отпочнато со ретроспективата Буњуел. Во седум вечери, девет филмови, почнувајќи од неговиот прв краткометражен „Андалузиски пес“, па сè до култните „Дневникот на една собарка“, „Убавицата на денот“ и „Дискретниот шарм на буржоазијата“. По секој филм, соодветен излагач, а по него дискусија со публиката. Дискусиите главно поминаа во знакот на демистифицирање на Буњуеловата критика кон општеството, но и на разоткривање на суштините на вметнувањето еротски моменти во речиси секој негов филм. Во овој дел од фестивалот ни гостуваа Ернесто Хередеро дел Кампо, Стојан Синадинов, Луис Мартин Ариас, Златко Ѓелески, Даријан Пејоски, Мариглен Демири и Јасна Котеска.
Но, главната програма е она што за мене лично, а верувам и за публиката е најинтересно!
Отворањето – музички, соло и акустичен перформанс на мојот омилен Бранко од Фолтин. Нè почести со нечуени изведби на две нови, но и неколку добро познати песни. Уживавме во „Штета!“, „Слободната љубов“, „Парфем“, но и во изведба на „За нас почнува живот“ заедно со поетесите Ана Голејшка Џикова и Биљана Стојановска на сцената! Вечерта продолжи со ревијалната програма: филм-философија која е стожер на ФФФ, со проекција на филмот „Додека трае војната“, на Алехандро Аменабар. Ноќта ја заокруживме со вкусување шпанско вино и шпанска храна.

Наредните денови беа посветени на неколку сегменти –официјалните селекции на долгометражни и краткометражни филмови, ревијалната програма и придружната програма.
Оваа година, во официјалната селекција на долгометражни филмови, публиката имаше можност да проследи 5 филмови во селекција на м-р Кирил Трајчев. На репертоарот беа „Заклетвата на Хасан“ на турскиот режисер Семих Капланоглу, „По љубовта“ на британската режисерка Алем Кан, „Претпоследниот“ на Јонас Керуп Хјорт кој гостуваше на фестивалот и имаше Q&A во рамките на проекцијата, „Коста Брава, Либан“ на либанската режисерка Мунија Акл и „Клара Сола“ на Натали Алварез Месен.
„Клара Сола“ го доби „Златниот був“ за најдобар филм според жирито, а „По љубовта“, „Златен був“ за најдобар филм според гласовите од публика. Лично, доколку се прашувам, „Коста Брава, Либан“ ми остави најголем впечаток. Филм со екософска тема, разработувајќи го феноменот на загадувањето на природата и претворајќи ја истата во депонија, но и нападот на пристојниот човеков живот од тоа уништување. Филмот е своевидна политичка алегорија и претставува критика кон секое уништување/загадување/газење на природата и слободата на човекот во неа.
Во селекцијата на краткометражни филмови кој ја направи д-р Дејан Здравков, можеа да се погледнат 16 филмови од кои: „Златниот був“ за најдобар краткометражен филм според жирито го доби филмот „Варша“ на Донија Бадир, филм за сирискиот мигрант Мухамед кој работи на кран во Бејрут и во својата кабина ја чувствува најголемата слобода да се реализира како дрег-кралица, па спектакуларно прикажана, гледачот може да ја види таа трансформација. Според публиката, „Златен був“ зеде филмот „Бранка“ на режисерот Акош К. Ковач, филм за една од најголемите морални дилеми во југословенската историја, за исчезнување на бебињата од југословенските болници за време на војната и медицинската сестра Бранка која е исправена пред дилемата дали да се побуни или да ги „спаси“ новороденчињата од воениот пекол испраќајќи ги надвор од земјата. Специјалното признание „Стефан Сидовски – Сидо“ замина во рацете на режисерката Нима Карти за филмот „Тивкиот човек“.

Вечерните проекции коишто се дел од ревијалната програма: филм-философија беа најинтересниот, најпосетениот дел и дел во кој најмногу философски се растајнува филмот. Шест филмови со седум дискутанти и во овој сегмент со дискусии со публиката. „Додека трае војната“ на Алехандро Аменабар, „Безгласен“ на Хонг Ви-џонг, „Франкенштајн“ на Џејмс Вејл, „Млинот и крстот“ на Лех Мајевски, „Хирошима, љубов моја“ на Ален Рене и „Нешто корисно“ на Пелин Есмер. Од говорници, виртуелно ни гостуваа шпанските професори Алисиа Вилар Ескудеро и Серхио Фернандез, а во летното кино „Мирно лето“ беа присутни и Снежана Младеновска-Анѓелков, Тијана Петковска, Владимир Мартиновски, Пелин Есмер, Сердар Озтурк, а онлајн се приклучи и Кица Колбе.
Тоа што ми беше највпечатливо од овој сегмент на фестивалот беше токму последната вечер со проекцијата на „Нешто корисно“ и првите ФФФ-дијалози со режисерката Пелин Есмер и професорот Сердар Озтурк од Турција. ФФФ-дијалози се случуваа за првпат на фестивалот, концепт замислен да биде директен спој помеѓу философијата од една и филмот од друга страна. Тука се случи вистинската дискусија – се поставија прашања за животот по смртта, прашањето за самоубиството, за должноста да помагаш на луѓето да останат живи, за поезијата, за осаменоста, за случајните запознавања…
Тука се отвори „пандорината кутија“ со вечните философски загатки, а режисерката и професорот се обидоа да одговорат.

Уште еден важен сегмент од ова издание на фестивалот е публикацијата на зборникот текстови „Philosophy and Film“ којшто произлезе како резултат на минатогодишната истоимена меѓународна конференција. Промоцијата се случи во Културно- информативниот центар, а промотори беа: м-р Ернесто Хередеро дел Кампо, заменик- амбасадор на Шпанија и професорката д-р Јасмина Поповска од Институтот за философија при Филозофскиот факултет во Скопје. Преку текстовите поместени во зборникот, како што истакна и професорката Поповска на промоцијата, читателот ќе може да го зголеми естетското искуство при гледањето на филм. Оваа публикација е дел од едицијата „Филмософија“ и може да се каже дека е директна философикација на седмата уметност.
И тоа накратко би била ретроспективата на годинешното издание на фестивалот.
А тебе, драг Филозофски филмски фестивалу, заедно со огромниот тим, волонтерите и соработниците, благодарам за сè и ни посакувам уште многу, многу, многу изданија. Се гледаме идната година!