Импресии // Скала расправа: Нова публика и нови медиуми
Во четвртокот, на 15ти декември, Скала Магазин ја оддржа својата прва отворена расправа на тема „Нова публика и нови медиуми“.
Со оваа јавна расправа, отворивме едно ново поглавје со кое Скала Магазин ја проширува својата цел на делување. Фокусот беше кон медиумите и новите форми на информирање, генерациските пресеци и промени, но и трендовите кои несомнено прават разлики во поимањето на медиумите со публиката.
Настанот се случи во просториите на „Млади Хаб“ и започна во 15 часот, а го заокруживме во 18 часот. Идејата за „Тркалезна маса“ се претвори во долгнавеста маса, но тоа не ни го наруши амбиентот – напротив. Немавме ни пауза, од што дискусијата течеше непречено и возбудливо! Вкупно 15 новинари и културни работници ги споделија своите ставови и размислувања и настанот беше исполнет со разговори, дилеми, потпрашања, кафе, чоколадни колачиња, хумор и квалитетна дискусија која ни укажа еден главен момент: Kултурната заедница е гладна и жедна за отворање теми кои треба да се „допрат“, и преслушаат, но и да се најде соодветно решение или барем начин како да ги обмислуваме нештата во иднина.




Учесниците на настанот се домашни активни културни работници во неколку различни категории, и тоа: организатори на културни настани, дигитални и пишувачки медиуми, организации и институции поврзани со креативни индустрии и образование, универзитетски професори, автори – уметници и дизајнери. Сите дадоа свој придонес кон дискусијата споделувајќи ги своите искуства од областа, одговарајќи на конкретно прашање, зададено од модераторката, Ана Голејшка Џикова.






Учествуваа: Сребра Ѓорѓијевска [Умно.мк]; Тони Димков [Слободен печат]; Бојан Шашевски [Радио МОФ]; Русе Арсов [МКЦ]; Бранка Костиќ Марковиќ [Астрорум]; Сунчица Уневска [Филм+]; Небојша Вилиќ [УКИМ]; Крсто Златков [ИДТ - Скопје]; Славчо Темелковски [УСС УКИМ]; Петрула Вељановска [Македокс]; Слаѓана Вујошевиќ [ФДУ]; Александар Маџаровски [јутјуб: Читачот]; Сара + Мартин Анастасовски [подкаст: Културен подкаст]; Дејан Џолев [Скала.мк].
ПРОДАВНИЦА: СКАЛА МАГАЗИН бр.2
КУПИ ★ ПО ПРОМОТИВНА ЦЕНА
Работилницата се случи како резултат од соработката со Arty Farty и Reset!, платформа со седиште во Лион, Франција за поддршка на независната културна сцена, медиуми и креативни организации. По реализацијата на овој настан, „Скала магазин“ стана 56 членка во листата на медиуми и организации на платформата, со што се позиционира рамо до рамо со останатите медиуми од ваков тип ширум светот.








– – –
Дел од излагањата на учесниците и заклучоците од оваа расправа, ќе бидат обработени, а подоцна и објавени во форма на „фељтон“ од десетина продолженија.
– – –